Лука 7:1-50
7 Откако му го рече сето тоа на народот што го слушаше, влезе во Капернаум.+
2 А еден стотник имаше болен роб, кој само што не беше умрел, а му беше мил.+
3 Кога чу за Исус, ги испрати кај него еврејските старешини да го замолат да дојде и да му го оздрави робот.
4 Тие дојдоа кај Исус и сесрдно го замолија: „Достоен е да му го направиш тоа,
5 зашто го сака нашиот народ+ и ни ја изгради синагогата“.
6 Тогаш Исус тргна со нив. А кога беше недалеку од куќата, стотникот веќе имаше испратено пријатели да му речат: „Господине, не труди се, зашто не сум достоен да влезеш под мојот покрив.+
7 Затоа не се сметав за достоен да дојдам кај тебе. Туку кажи само збор за да оздрави мојот слуга!
8 Зашто, и јас имам свои претпоставени, а имам и потчинети војници, па на едниот му велам: ‚Оди!‘ — и тој оди, а на другиот: ‚Дојди!‘ — и тој доаѓа, а на својот роб: ‚Направи го тоа!‘ — и тој го прави“.+
9 Кога го чу тоа, Исус се восхити од него, па се сврте кон мноштвото, кое одеше по него, и рече: „Ви велам, ниту во Израел не најдов толкава вера!“+
10 И кога се вратија дома, оние што беа испратени го најдоа робот здрав.+
11 Веднаш потоа се упати во еден град кој се вика Наин, а со него одеа неговите ученици и големо мноштво луѓе.
12 Кога се приближи до градската порта, гледај, изнесуваа мртовец,+ син единец+ на својата мајка, која беше вдовица. А со неа имаше и многу народ од градот.
13 Кога ја здогледа, Господарот се сожали+ на неа и ѝ рече: „Не плачи!“+
14 Потоа се приближи и ја допре носилката. Носачите застанаа, а тој рече: „Момче, тебе ти велам, стани!“+
15 Мртовецот седна и почна да зборува, а Исус го предаде на мајка му.+
16 И сите ги обзеде страв,+ па го славеа Бог и велеа: „Голем пророк+ е подигнат меѓу нас“ и „Бог му се смилува на својот народ“.+
17 И гласот за тоа што го направи се рашири по цела Јудеја и по целата околија.
18 А Јовановите ученици го известија Јован за сето тоа.+
19 Затоа Јован повика двајца свои ученици и ги испрати кај Господарот да го прашаат: „Ти ли си оној што треба да дојде или да чекаме некој друг?“+
20 Кога дојдоа кај него, тие луѓе рекоа: „Јован Крстител нѐ испрати кај тебе да те прашаме: ‚Ти ли си оној што треба да дојде или да чекаме друг?‘ “
21 А во тој час тој излекува мнозина од нивните заболувања,+ од тешки болести и од зли духови и на мнозина слепи им подари вид.
22 Затоа им одговори на тие двајца: „Одете,+ кажете му на Јован што сте виделе и чуле: на слепите+ им се враќа видот, сакатите одат, лепрозните се исчистуваат, глувите слушаат, мртвите стануваат, на сиромасите им се објавува+ добрата вест.+
23 И среќен е оној што поради мене нема да се поколеба во верата“.*+
24 Кога Јовановите гласници си заминаа, почна да му зборува на мноштвото за Јован: „Што излеговте да гледате во пустината? Трска што ја лулее ветрот?+
25 Значи, што излеговте да видите? Човек облечен во раскошна облека?+ Оние што носат убава облека и живеат во раскош се во царските дворци.+
26 Тогаш, што излеговте да видите? Пророк?+ Да, ви велам, и многу повеќе од пророк.+
27 Тој е оној за кого е напишано: ‚Еве, јас го праќам пред твоето лице мојот гласник,+ кој ќе ти го подготви патот пред тебе‘.+
28 Ви велам, меѓу родените од жена никој не е поголем+ од Јован, но помалиот во царството Божје е поголем од него“.+
29 А кога го слушнаа тоа, сите луѓе и даночниците признаа дека Бог е праведен.+ Тоа беа оние што се крстија со Јовановото крштавање.+
30 А фарисеите и закониците го отфрлија она што Бог го науми+ со нив, зашто не сакаа Јован да ги крсти.
31 „А со кого да ги споредам луѓето од ова поколение? Кому му се слични?+
32 Тие се како деца што седат на плоштад и се довикуваат едни со други: ‚Ви свиревме на кавал, но не игравте. Пеевме тажачки, но не плачевте‘.+
33 Оти, дојде Јован Крстител, кој ниту јадеше леб ниту пиеше вино, а вие велите: ‚Во него има демон‘.+
34 Дојде Синот човечки, кој јаде и пие, а вие велите: ‚Гледај, ненаситник и пијаница, пријател на даночници и на грешници!‘+
35 Сепак, мудроста+ ја оправдуваат сите нејзини деца“.+
36 А еден фарисеј почна да го моли да руча со него. Затоа влезе во куќата+ на фарисејот и зазеде место на трпезата.*
37 И гледај, една жена, која во градот беше позната како грешница, дозна дека тој е на трпезата во куќата на фарисејот, па донесе едно алабастерно шишенце со мирисливо масло+
38 и се смести одзади, кај неговите нозе, плачејќи, па почна да му ги натопува нозете со солзи и да му ги брише со својата коса. И му ги бакнуваше нозете и му ги мачкаше со мирисливото масло.
39 Кога го виде тоа, фарисејот кој го повика си рече во себе: „Да беше овој човек пророк,+ ќе знаеше која е и каква е оваа жена која го допира, дека е грешница“.+
40 Но Исус му рече: „Симоне, имам нешто да ти кажам“. Тој одговори: „Кажи, учителе!“
41 „Двајца луѓе му беа должници на еден заемодавец. Едниот му должеше петстотини денарии,*+ а другиот педесет.
42 Но, бидејќи не можеа да го вратат долгот, тој спремно им прости+ на обајцата. Според тоа, кој од нив повеќе ќе го сака?“
43 Симон одговори: „Веројатно оној кому му простил повеќе“. Исус му рече: „Исправно пресуди“.
44 И свртувајќи се кон жената, му рече на Симон: „Ја гледаш ли оваа жена? Јас влегов во твојата куќа, и ти не ми даде вода+ за нозете. А оваа жена ми ги облеа нозете со солзи и ги избриша со својата коса.
45 Ти не ме бакна,+ а оваа жена, откако влегов, не престана да ми ги бакнува нозете.
46 Ти не ми ја намачка главата со масло,+ а оваа жена ми ги намачка нозете со мирисливо масло.
47 Поради тоа, ти велам, простени ѝ се гревовите,+ иако се многу, бидејќи покажа многу љубов. А кому малку му е простено, малку љубов покажува“.
48 Потоа ѝ рече: „Простени ти се гревовите“.+
49 Тогаш оние што беа со него на трпезата си помислија во себе: „Кој е овој што дури и гревови простува?“+
50 А тој ѝ рече на жената: „Твојата вера те спаси.+ Оди си во мир!“+
Фусноти
^ Или: „што нема да се спрепне од мене“.