Матеј 17:1-27
17 По шест дена, Исус ги зеде Петар, Јаков и неговиот брат Јован, и ги одведе на една висока планина, каде што беа сами.+
2 Тогаш се преобрази пред нив. Лицето му светна како сонце,+ а облеката му стана бела како светлина.+
3 И гледај, им се појавија Мојсеј и Илија, кои разговараа со него.+
4 Тогаш Петар му рече на Исус: „Господару, добро ни е овде. Ако сакаш, ќе подигнам овде три шатори, еден за тебе, еден за Мојсеј и еден за Илија“.+
5 И додека тој уште зборуваше, ги засени еден светол облак. И се чу глас од облакот: „Ова е мојот сакан Син, кој е по мојата волја!+ Него слушајте го!“+
6 Кога го чуја тоа, учениците паднаа ничкум и многу се уплашија.+
7 Тогаш Исус им пријде, ги допре и им рече: „Станете, не плашете се“.+
8 А кога ги подигнаа очите, не видоа никого друг, освен Исус.+
9 И додека слегуваа од планината, Исус им заповеда: „Никому не кажувајте за ова видение додека Синот човечки не стане од мртвите“.+
10 А учениците го прашаа: „Зошто тогаш книжниците велат дека најпрво мора да дојде Илија?“+
11 Тој им одговори: „Илија навистина мора да дојде и да обнови сѐ.+
12 Но ви велам дека Илија веќе дојде и не го препознаа, туку му направија како што сакаа. Така е одредено да пострада од нивни раце и Синот човечки“.+
13 Тогаш учениците сфатија дека им зборува за Јован Крстител.+
14 Кога дојдоа кај народот,+ му пријде еден човек, клекна пред него и рече:
15 „Господару, смилувај му се на мојот син, бидејќи има епилепсија и тешко е болен. Често паѓа во оган и често во вода.+
16 И го доведов кај твоите ученици, но не можеа да го излекуваат“.+
17 А Исус рече: „О безверно и изопачено поколение!+ До кога морам да останам со вас? До кога морам да ве поднесувам? Доведете го кај мене!“
18 И Исус го прекори демонот, и тој излезе од момчето.+ И момчето оздраве во тој час.+
19 Тогаш учениците му пристапија на Исус насамо и го прашаа: „Зошто ние не можевме да го истераме?“+
20 Тој им одговори: „Поради вашата маловерност. Зашто, вистина, ви велам, ако вашата вера е голема само колку синапово зрно, ќе ѝ речете на оваа планина: ‚Премести се одовде таму‘, и ќе се премести. И ништо нема да ви биде невозможно“.+
21 *——
22 Кога беа собрани во Галилеја, Исус им рече: „Синот човечки ќе биде издаден и предаден во рацете на луѓето.+
23 Тие ќе го убијат, но на третиот ден ќе воскресне“.+ Тогаш многу се нажалија.+
24 Кога стигнаа во Капернаум, на Петар му пристапија оние што собираат данок од две драхми* и рекоа: „Зарем вашиот учител не плаќа данок од две драхми?“+
25 Тој одговори: „Плаќа“. Потоа влезе во куќата, а Исус го испревари со прашањето: „Што мислиш, Симоне? Од кого земаат давачки или данок земните цареви: од своите синови или од туѓите?“
26 Кога одговори: „Од туѓите“, Исус му рече: „Значи, нивните синови се ослободени од данок.
27 Но за да не ги соблазниме,+ оди до морето, фрли јадица и земи ја првата риба што ќе ја фатиш, отвори ѝ ја устата и ќе најдеш статир.* Земи го, па дај им го за мене и за себе“.+
Фусноти
^ Овој стих се наоѓа во некои преводи на Библијата, но е изоставен во грчкиот текст на Весткот-Хорт (Westcott-Hort), кој се темели на најстарите грчки ракописи.
^ Буквално: „кои собираат дидрахми (две драхми)“. Види го додатокот 13.
^ Се смета дека станувало збор за тетрадрахма. Види го додатокот 13.