Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 61

Тројцата Евреи не се поклониле

Тројцата Евреи не се поклониле

Некое време откако имал необичен сон, цар Навуходоносор направил голем кип од злато. Кипот го поставил во рамницата Дура, и потоа ги повикал сите луѓе од царството што биле на висока положба да дојдат таму. Меѓу нив биле и Седрах, Мисах и Авденаго. Царот наредил: „Штом ќе ја чуете музиката од трубите, харфите и гајдите, веднаш поклонете се пред кипот! Ако некој не се поклони, ќе биде фрлен во печка со оган“. Дали тројцата Евреи се поклониле пред кипот, или му останале верни на Јехова?

По наредба на царот, музиката почнала. Сите се поклониле, само Седрах, Мисах и Авденаго не го направиле тоа. Некои ги виделе, и веднаш отишле кај царот и му рекле: „Оние тројца Евреи не се поклонија пред кипот“. Навуходоносор наредил да му ги доведат, а потоа им рекол: „Ќе ви дадам втора шанса. Ако и овојпат не се поклоните пред кипот, ќе ве фрлам во печката. Нема бог што може да ве спаси“. Тие му рекле: „Не ни треба втора шанса, царе. Нашиот Бог може да нѐ спаси. Ама дури и да не нѐ спаси, пак нема да се поклониме“.

Навуходоносор многу се налутил. Тој им рекол на своите слуги: „Разгорете го огнот во печката седум пати повеќе од обично!“ Потоа им заповедал на војниците: „Врзете ги овие луѓе и фрлете ги внатре!“ Печката била толку жешка што војниците умреле во истиот момент кога ги фрлиле тројцата Евреи во огнот. Кога Навуходоносор погледнал внатре, видел дека во печката се движат четворица луѓе, а не тројца. Многу се уплашил и им рекол на своите службеници: „Нели фрливме тројца луѓе во огнот? Внатре има четворица, а едниот од нив ми личи на ангел!“

Навуходоносор се приближил до печката и извикал: „Слуги на Севишниот Бог, излезете надвор!“ Сите биле восхитени кога виделе како Седрах, Мисах и Авденаго излегуваат од печката живи и здрави. Не им биле изгорени ниту кожата, ниту косата, ниту облеката, и воопшто не мирисале на чад.

Навуходоносор рекол: „Богот на Седрах, Мисах и Авденаго заслужува голема слава. Тој испрати ангел и ги спаси. Нема таков бог како нивниот“.

Исто како тројцата Евреи, дали и ти си решен да му бидеш верен на Јехова сеедно што ќе се случи?

„Јехова, својот Бог, обожавај го и само нему служи му“ (Матеј 4:10)