ПОГЛАВЈЕ 105
Поука за верата од дрвото што се исушило
МАТЕЈ 21:19-27; МАРКО 11:19-33; ЛУКА 20:1-8
-
ПОУКА ЗА ВЕРАТА ОД СМОКВАТА ШТО СЕ ИСУШИЛА
-
БИЛА ДОВЕДЕНА ВО ПРАШАЊЕ ВЛАСТА НА ИСУС
Во понеделник попладне, Исус си заминал од Ерусалим и се вратил во Витанија, на источната страна од Маслинската Гора. Несомнено, повторно преноќил кај своите пријатели Лазар, Марија и Марта.
Утрото на 11 нисан, Исус со своите ученици повторно тргнал за Ерусалим, каде што за последен пат отишол во храмот. Тоа бил и последниот ден од неговата јавна служба. Во деновите што му преостанувале требало да ја прослави Пасхата, да ја воведе Спомен-свеченоста по повод својата смрт и да биде уапсен и погубен.
Додека оделе од Витанија кон Ерусалим по патот преку Маслинската Гора, Петар го забележал дрвото кое Исус претходниот ден го проколнал и извикал: „Учителе, погледни, смоквата што ја проколна се исушила!“ (Марко 11:21).
Зошто Исус ја проколнал смоквата да се исуши? На учениците им објаснил: „Вистина, ви велам, ако имате вера и ако не се сомневате, ќе го правите не само ова што јас ѝ го направив на смоквата туку и ако ѝ речете на оваа планина: ‚Дигни се и фрли се во морето‘, ќе биде така. И сѐ што ќе побарате со вера во молитва, ќе добиете“ (Матеј 21:21, 22). Со тоа Исус по вторпат кажал дека верата може да премести планини (Матеј 17:20).
Преку дрвото што се исушило, Исус им претставил на учениците колку било важно да имаат вера во Бог. Тој им рекол: „Сето она за кое се молите и го барате, верувајте дека веќе сте го добиле, и ќе го имате“ (Марко 11:24). Оваа поука за верата е многу важна за сите нас. А посебно важна била за апостолите, затоа што по смртта на Исус ги чекале тешки искушенија. Меѓутоа, помеѓу смоквата што се исушила и верата постоела уште една поврзаност.
Исто како смоквата, израелскиот народ оставал лажен впечаток. Тој бил во сојуз со Бог и навидум изгледало дека се држи за неговиот Закон. Но, гледано во целина, Израелците покажале дека немаат вера и дека не донесуваат добри плодови. Поради тоа, на крајот дури и го отфрлиле Божјиот Син. Со тоа што Исус ја проколнал смоквата да се исуши, сликовито покажал каков ќе му биде крајот на тој безверен и бесплоден народ.
Набрзо потоа, Исус со учениците влегол во Ерусалим и, како што имал обичај, отишол во храмот и почнал да поучува. Тогаш главните свештеници и старешините, несомнено мислејќи на она што им го направил претходниот ден на менувачите на пари, го прашале: „Со каква власт го правиш тоа? Кој ти ја даде таа власт да го правиш тоа?“ (Марко 11:28).
Исус им одговорил: „Ќе ве прашам нешто. Одговорете ми, па и јас ќе ви кажам со каква власт го правам ова. Дали крштавањето со кое крштаваше Јован беше од небото или од луѓето? Одговорете ми!“ Одеднаш, неговите непријатели се соочиле со предизвик. Свештениците и старешините почнале меѓусебно да се расправаат: „Ако речеме: ‚Од небото‘, ќе рече: ‚Зошто тогаш не му верувавте?‘ А да речеме: ‚Од луѓето‘?“ Но, ниту така не можеле да одговорат затоа што се плашеле од луѓето кои ‚сметале дека Јован навистина бил пророк‘ (Марко 11:29-32).
Противниците на Исус не можеле да најдат одговор. Затоа рекле: „Не знаеме“. Тогаш Исус им рекол: „Ниту јас нема да ви кажам со каква власт го правам ова“ (Марко 11:33).