ПОГЛАВЈЕ 125
Исус бил одведен кај Ана, а потоа кај Кајафа
МАТЕЈ 26:57-68; МАРКО 14:53-65; ЛУКА 22:54, 63-65; ЈОВАН 18:13, 14, 19-24
-
ИСУС БИЛ ОДВЕДЕН КАЈ ПОРАНЕШНИОТ ПРВОСВЕШТЕНИК АНА
-
СУДСКИОТ СОВЕТ ИЗВРШИЛ НЕЗАКОНСКО СУДЕЊЕ
Откако бил врзан како да е злосторник, Исус најпрво го одвеле кај Ана, кој бил првосвештеник кога малиот Исус ги воодушевил учителите во храмот (Лука 2:42, 47). Подоцна, како првосвештеници служеле некои од синовите на Ана, а сега, во 33 год. од н.е., таа должност ја извршувал неговиот зет Кајафа.
Додека Исус бил во домот на Ана, Кајафа имал време да го свика Судскиот совет. Тој суд се состоел од седумдесет и еден член, меѓу кои бил првосвештеникот, како и некои што претходно биле на таа позиција.
Ана го испрашувал Исус „за неговите ученици и за неговото учење“. Исус едноставно одговорил: „Јас му зборував на светот јавно. Секогаш поучував во синагогите и во храмот, каде што се собираат сите Евреи. Ништо не зборував во тајност. Зошто ме прашуваш мене? Прашај ги оние што чуле што им зборував“ (Јован 18:19-21).
По тие зборови, еден од стражарите, кој стоел во близина, го удрил Исус по лицето и му рекол: „Зарем така му одговараш на главниот свештеник?“ Исус знаел дека не направил ништо погрешно, па затоа му одговорил: „Ако кажав нешто погрешно, докажи дека е погрешно! Но ако кажав право, зошто ме удираш?“ (Јован 18:22, 23). Потоа Ана го испратил Исус кај својот зет Кајафа.
Во меѓувреме, во домот на Кајафа се собрал целиот Судски совет — првосвештеникот, народните старешини и книжниците. Еврејскиот закон забранувал да се одржува судење ноќе за време на Пасхата, но тоа ни малку не ги одвратило од нивната злобна намера.
Се разбира, тие луѓе воопшто не биле непристрасни. Уште кога Исус го воскреснал Лазар, Судскиот совет одлучил дека Исус мора да умре (Јован 11:47-53). А само неколку дена претходно, верските водачи се договарале како со измама да го фатат Исус и да го убијат (Матеј 26:3, 4). Значи, Исус бил осуден уште пред да почне да му се суди!
Освен што спровеле незаконско судење, главните свештеници и другите членови на Судскиот совет пробале да најдат сведоци кои лажно ќе сведочат против Исус за да можат да го осудат. Тие нашле многу сведоци, но нивното сведоштво не се совпаѓало. На крајот, двајца од нив изјавиле: „Ние го чувме како вели: ‚Ќе го урнам овој храм, кој е направен со човечки раце, и за три дена ќе изградам друг, кој нема да биде направен со човечки раце‘“ (Марко 14:58). Но, дури и сведоштвото на тие двајца не се совпаѓало сосема.
Кајафа го прашал Исус: „Зарем ништо не одговараш? Што велиш за обвиненијата што ги изнесуваат против тебе?“ (Марко 14:60). Исус молчел пред лажните обвиненија што ги изнеле сведоци чии изјави не се совпаѓаат. Затоа првосвештеникот Кајафа решил да употреби друга тактика.
Кајафа знаел колку би се навредиле и вознемириле Евреите ако некој тврдел дека е Божји Син. Во две претходни прилики, кога Исус го нарекол Бог свој Татко, тие сакале да го убијат бидејќи сметале дека се ‚изедначува со Бог‘ (Јован 5:17, 18; 10:31-39). Знаејќи дека тоа е чувствителна тема за Евреите, Кајафа му рекол на Исус: „Те заколнувам во живиот Бог да ни кажеш дали си ти Христос, Синот Божји!“ (Матеј 26:63). Исус веќе имал кажано дека тој е Божји Син (Јован 3:18; 5:25; 11:4). Ако сега молчел, ќе излегло дека го одрекува она што го кажал претходно. Затоа рекол: „Да, јас сум. И ќе го видите Синот човечки како седи од десната страна на Силниот и доаѓа со облаците небесни“ (Марко 14:62).
Тогаш Кајафа театрално си ја раскинал облеката и извикал: „Тој хули! Зар ни се потребни други сведоци? Еве, сега ја чувте хулата! Што мислите?“ Судскиот совет ја изнел својата неправедна одлука: „Заслужува смрт!“ (Матеј 26:65, 66).
Потоа почнале да го исмеваат Исус и да го удираат со тупаници. Други му удирале шлаканици и го плукале в лице. Му ја покриле главата и подбивно му велеле: „Ако си пророк, кажи кој те удри!“ (Лука 22:64). Така, Божјиот Син бил незаконски суден ноќе, на нечесен и понижувачки начин.