ПОГЛАВЈЕ 21
Што е Бетел?
На хебрејски јазик, зборот Бетел значи „Божји дом“ (1. Мојсеева 28:17, 19, фуснота). Тоа е соодветно име за објектите што Јеховините сведоци ги имаат низ целиот свет и од каде што се организира проповедањето. Водечкото тело се наоѓа во главното седиште во државата Њујорк (САД) и оттаму ги надгледува подружниците во многу земји. Како група, оние што служат во овие објекти се познати како бетелско семејство. Тие живеат и работат заедно, јадат заедно и ја проучуваат Библијата заедно (Псалм 133:1).
Посебно место во кое владее самопожртвуван дух. Во секој Бетел има мажи и жени кои се потполно посветени на тоа да ја вршат Божјата волја и да прават сѐ што можат за Царството (Матеј 6:33). Ниту еден од нив не добива плата, но на секој му е обезбедено сместување и храна, а добива и мал паричен износ за своите лични потреби. Секој член во Бетел има своја задача. Некои имаат задачи во канцеларија, во кујна или во трпезарија. Други имаат задачи во печатница, книговезница, во пералница или помагаат во одржувањето и чистењето на објектите.
Место кое помага да се врши проповедањето. Главната цел на секој Бетел е библиската вистина да стигне до што повеќе луѓе. Пример за тоа е и оваа брошура. Пишувањето беше надгледувано од Водечкото тело, потоа електронски беше испратена до стотици преведувачки тимови низ целиот свет, испечатена на брзи машини за печатење во печатниците низ разни Бетели и доставена до повеќе од 110.000 собранија. Со секој чекор од овој процес бетелските семејства помагаат да се врши најважната задача денес — да се проповеда добрата вест (Марко 13:10).
-
Кој служи во Бетел, и кои работи се обезбедени за нив?
-
Кое важно дело се поддржува со сѐ што се прави во Бетел?