Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ДЕЛ 6

Јов му останува верен на Бог

Јов му останува верен на Бог

Сатана ја доведува во прашање верноста на Јов кон Јехова Бог, но Јов докажува дека е непорочен

ИМА ЛИ човек на Земјата што ќе му остане верен на Бог ако биде испитан до крајни граници и ако изгледа дека ќе нема никаква материјална корист од својата послушност? Ова прашање било поставено — и одговорено — во случајот на еден човек кој се викал Јов.

Додека Израелците сѐ уште биле во Египет, Јов, кој му бил далечен роднина на Авраам, живеел на подрачјето на денешниот Арапски Полуостров. Во тоа време, ангелите се собрале пред Бог, а заедно со нив дошол и бунтовниот Сатана. Пред сите тие духовни суштества на небото, Јехова изразил доверба во својот верен слуга Јов. Всушност, тој изјавил дека нема човек на Земјата што е беспрекорен и верен како Јов. Но, Сатана рекол дека тој човек му служи на Бог само заради благословите и заштитата што ја добива од Него. Тврдел дека Јов ќе го проколне Бог ако изгуби сѐ што има.

Јехова му дозволил на Сатана најпрво да му ги одземе на Јов богатството и децата, а потоа и здравјето. Бидејќи не бил свесен кој стоел зад сето тоа, Јов не разбирал зошто Бог допуштил да му се случат такви неволји. И покрај сѐ, тој не го проколнал Бог.

Потоа кај Јов дошле тројца лажни пријатели. Во низа говори — кои се запишани во библиската книга за Јов — тие се обиделе да го уверат дека Бог го казнува поради некои негови тајни гревови. Дури тврделе дека Бог не е задоволен со своите слуги и дека нема доверба во нив! Јов не се согласил со нивното погрешно размислување. Напротив, одлучно изјавил дека нема да отстапи од својата беспрекорност сѐ дури е жив!

Сепак, Јов направил една грешка — му станало многу важно да се оправда себеси. Целата расправа ја слушал младиот Елиу, кој на крајот отворено го изнел своето мислење. Го прекорил Јов затоа што не сфатил дека не е најважно да се оправда некој човек, туку да се докаже дека Јехова има право да владее. Елиу строго ги прекорил и лажните пријатели на Јов.

Потоа Јехова Бог му се обратил на Јов и го исправил неговото погрешно размислување. Го потсетил на многуте чудесни созданија во природата, и така го навел да размисли колку мал и безначаен е човекот во споредба со Него, величествениот Творец. Јов понизно ја прифатил таа исправка. Бидејќи е „полн со сочувство и милосрден“, Јехова му го вратил здравјето, му дал двапати поголемо богатство и го благословил со десет деца (Јаков 5:11). Со тоа што му останал верен на Јехова во тешки искушенија, Јов го побил обвинението на Сатана, кој тврдел дека луѓето нема да му останат верни на Бог ако бидат ставени на испит.

Се темели на Книгата за Јов.