Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ПОГЛАВЈЕ 11

„Сите негови патишта се правда“

„Сите негови патишта се правда“

1, 2. а) Какви страшни неправди доживеал Јосиф? б) Како Јехова ги исправил неправдите?

МЛАДИОТ Јосиф бил жртва на страшна неправда. Иако не извршил никакво злодело, тој се нашол на дното на една затворска јама. Но, ова не била првата неправда што ја доживеал. Кога имал само 17 години, бил изневерен од сопствените браќа кои за малку ќе го убиеле. Тие го продале како роб во туѓа земја. Таму жената на неговиот господар упорно го наговарала да легне со неа, но Јосиф решително ја одбил. Поради тоа, таа лажно го обвинила дека се обидел да ја силува, и тој завршил в затвор. За жал, се чинело дека нема никој што би можел да се заземе за него.

Јосиф доживеал неправда кога бил фрлен во затворска јама

2 Меѓутоа, сето тоа не поминало незабележано од Богот кој ‚ги сака праведноста и правдата‘ (Псалм 33:5). Јехова гледал што се случува, и презел чекори да ги исправи неправдите што му биле нанесени на Јосиф така што ги водел работите сѐ додека тој не бил ослободен. Освен тоа, овој млад човек кој бил фрлен во затворска јама, подоцна бил поставен на многу одговорна положба и со тоа му била укажана огромна чест (1. Мојсеева 40:15; 41:41-43; Псалм 105:17, 18). На крајот, Бог ја наградил верноста на Јосиф, и тој ја искористил својата висока положба за да ја изврши Божјата волја и да постапи во склад со Неговата намера (1. Мојсеева 45:5-8).

3. Зошто сите сакаме другите да постапуваат праведно со нас?

3 Овој извештај навистина е трогателен, зарем не? Кој од нас не бил сведок на неправда или не ја почувствувал на своја кожа? Сите сакаме другите да постапуваат праведно и непристрасно со нас. Ова воопшто не нѐ изненадува, затоа што Јехова нѐ обдарил со особини кои ги поседува самиот тој, а правдата е една од неговите главни особини (1. Мојсеева 1:27). За да можеме добро да го запознаеме Јехова, треба да го разбереме неговото чувство за правда. Така ќе можеме уште повеќе да ги цениме неговите возвишени мерила, и ќе бидеме поттикнати уште повеќе да се зближиме со него.

Што е правда?

4. Што е правдата за повеќето луѓе?

4 За повеќето луѓе, правдата не е ништо друго освен непристрасна примена на утврдени закони и правила. Во една книга се вели дека „правдата е поврзана со законот, обврските, правата и должностите, и дека налага пресудите да бидат донесени непристрасно, односно според заслугите“ (Right and Reason—Ethics in Theory and Practice). Но, Јеховината правда е поинаква. Таа не се сведува на крута примена на правилата и не се спроведува само од некое чувство на должност.

5, 6. а) Што значат изворните зборови кои во Библијата се преведени со „правда“ или „праведност“? б) Што ни открива Библијата кога вели дека Бог е праведен?

5 За подобро да ги разбереме ширината и длабочината на Јеховината правда, добро е да го разгледаме значењето на изворните зборови кои во Библијата се користат за оваа особина. Во Хебрејските списи главно се користат три збора. Зборот кој најчесто е преведен со „правда“ може да се преведе и со „она што е исправно“ (Изреки 21:3). Другите два збора обично се преведени со „праведност“. Во Христијанските грчки списи, зборот кој е преведен со „праведност“ укажува на чесност или непристрасност. Може да се каже дека, во основа, нема разлика меѓу зборовите „правда“ и „праведност“ (Амос 5:24).

6 Според тоа, кога во Библијата се вели дека Бог е праведен, тоа значи дека тој секогаш постапува исправно и чесно, без трошка пристрасност (Римјаните 2:11). Всушност, незамисливо е Јехова да прави нешто на поинаков начин. Верниот Божји слуга Елиу изјавил: „Не е можно вистинскиот Бог да прави зло, Семоќниот да постапува неправедно!“ (Јов 34:10). Зошто е невозможно Бог „да постапува неправедно“? Од две важни причини.

7, 8. а) Зошто е невозможно Јехова да постапува неправедно? б) Што го поттикнува Јехова да постапува праведно?

7 Прво, Јехова е свет. Како што видовме во третото поглавје од оваа книга, сѐ што е поврзано со него е бескрајно чисто и беспрекорно. Затоа, тој не може да постапува неправедно. Што значи ова за нас? Светоста на нашиот небесен Татко ни влева доверба дека тој никогаш нема да постапува лошо со своите деца. Исус бил цврсто уверен во тоа. Последната ноќ од својот живот на Земјата, тој се молел: „Свети Татко, чувај ги [учениците] заради своето име“ (Јован 17:11). Во Библијата, изразот ‚Свет Татко‘ се користи само за Јехова. Тоа е сосема на место бидејќи, во поглед на светоста, ниту еден човечки татко не може да се спореди со Него. Исус имал потполна доверба дека неговите ученици ќе бидат најбезбедни под закрилата на неговиот Татко, кој е чист во апсолутна смисла на зборот и кој е потполно одвоен од секаква грешност (Матеј 23:9).

8 Второ, несебичната љубов е нераздвоен дел од Божјата личност. Таквата љубов го поттикнува да постапува праведно со сите. Од друга страна, коренот на разните неправди — во кои спаѓаат расизмот, дискриминацијата и пристрасноста — обично лежи во алчноста и себичноста, кои се сосема спротивни на љубовта. Библијата нѐ уверува дека Јехова, Богот на љубовта, ‚е праведен и ги сака праведните дела‘ (Псалм 11:7). Самиот тој за себе вели: „Јас, Јехова, ја сакам правдата“ (Исаија 61:8). Зарем не е утешно што знаеме дека Бог со радост го прави она што е праведно? (Еремија 9:24).

Милоста и Јеховината совршена правда

9-11. а) Како се поврзани правдата и милоста на Јехова? б) Како се гледаат Јеховината правда и милост во начинот на кој постапува со грешните луѓе?

9 Јеховината правда, исто како и сите негови други неспоредливи особини, е совршена, ништо не ѝ недостасува. Мојсеј го величал Јехова со следниве зборови: „Тој е Карпа, делото му е совршено, зашто сите негови патишта се правда. Тој е верен Бог, без неправда, праведен е и вистинољубив“ (5. Мојсеева 32:3, 4). Јехова секогаш постапува беспрекорно — никогаш не е ни престрог ни премногу попустлив.

10 Јеховината правда е тесно поврзана со неговата милост. Псалм 116:5 вели: „Јехова е милостив и праведен, нашиот Бог е милосрден“. Да, Јехова е и праведен и милостив. Но, ова не значи дека Бог покажува милост за да ја ублажи својата правда, како таа да е престрога. Всушност, овие две особини не си противречат, туку совршено се надополнуваат една со друга. Најчесто Божјите постапки се израз и на неговата милост и на неговата правда. Следниов пример ни го потврдува тоа.

11 Сите луѓе наследиле грев и затоа заслужуваат плата за гревот — смрт (Римјаните 5:12). Но, на Јехова не му е мило да умрат грешниците. Тој е „Бог кој простува, кој е добар и милосрден“ (Неемија 9:17). Сепак, затоа што е свет, Јехова не може да премине преку неправдите. Тогаш, како можел да покаже милост кон грешните луѓе? Одговорот на ова прашање се наоѓа во една од најскапоцените вистини во Божјата Реч — Јехова обезбедил откупнина за да го спаси човештвото. Во 14. поглавје ќе дознаеме нешто повеќе за овој дар што тој со љубов ни го дал. Откупнината е израз и на неговата возвишена правда и на неговата неспоредлива милост. Преку неа, Јехова може да покаже милост кон покајничките грешници без притоа да ги прекрши своите мерила за совршена правда (Римјаните 3:21-26).

Јеховината правда нѐ допира до срце

12, 13. а) Зошто сме привлечени кон Јехова поради неговата правда? б) До кој заклучок дошол Давид во врска со Јеховината правда, и зошто тоа е утешно за нас?

12 Јеховината правда е една прекрасна особина која нѐ привлекува кон него. Зошто? Затоа што таа не е крута и бесчувствителна. Напротив, Библијата јасно потврдува дека сочувството е нераздвоен дел од Божјата правда. Да разгледаме неколку охрабрувачки примери кои покажуваат како Јехова ја спроведува.

13 Совршената правда го поттикнува Јехова да постапува верно и лојално со своите слуги. Псалмистот Давид од прва рака се уверил во ова обележје на Божјата правда. Откако размислувал за Божјите постапки и за она што го научил од лично искуство, тој изјавил: „Јехова ја сака правдата и нема да ги остави оние што му се лојални. Тие ќе бидат заштитени за навек“ (Псалм 37:28). Колку утешни зборови! Нашиот Бог нема никогаш — ни за миг — да ги остави оние што му се лојални. Може да бидеме сигурни дека тој секогаш ќе биде покрај нас и со љубов ќе ни помага. Неговата правда нѐ уверува во тоа (Изреки 2:7, 8).

14. Како се гледа Јеховината грижа за беспомошните во Законот што им го дал на Израелците?

14 Бидејќи е праведен, Јехова ги зема во обѕир потребите на оние што се во неволја. Неговата грижа за сиромашните се гледа во Законот што им го дал на Израелците. На пример, Законот содржел посебни одредби со кои биле згрижени сираците и вдовиците (5. Мојсеева 24:17-21). Бидејќи добро знаел колку може да им биде тежок животот на таквите семејства, самиот Јехова покажал татковска грижа кон нив со тоа што станал нивни Судија и Заштитник, ‚давајќи им правда на детето без татко и на вдовицата‘ (5. Мојсеева 10:18; Псалм 68:5). Тој го предупредил својот народ да не ги искористува беспомошните жени и деца бидејќи сигурно ќе го чуел нивниот повик. Бог изјавил: „Мојот гнев ќе се распали“ (2. Мојсеева 22:22-24). Иако гневот не е една од неговите главни карактеристики, тој со право се гневи кога некој намерно постапува неправедно со презрените и беспомошните (Псалм 103:6).

15, 16. Кој е еден извонреден доказ за Јеховината непристрасност?

15 Јехова исто така нѐ уверува дека „не е пристрасен и не прима мито“ (5. Мојсеева 10:17). За разлика од многу моќни и влијателни луѓе, Јехова не дозволува врз него да влијае нечие богатство или надворешен изглед. Кај него нема ни трага од пристрасност или предрасуди. Еден извонреден доказ за неговата непристрасност е тоа што им пружа можност на сите луѓе да станат негови слуги и да живеат вечно. Тој не им ја дава оваа прекрасна надеж само на неколкумина одбрани поединци туку „во секој народ го прифаќа оној што се бои од него и го прави она што е праведно“ (Дела 10:34, 35). Секој човек — без оглед на својата општествена положба и боја на кожата или земјата во која живее — може да стане Божји слуга и да добие вечен живот. Зарем тоа не е правда во вистинска смисла на зборот?

16 Има уште едно обележје на Јеховината совршена правда кое треба да го разгледаме и да го цениме — начинот на кој постапува со оние што ги кршат неговите праведни мерила.

Не ослободува од казна

17. Зошто неправдите во овој свет во никој случај не ја доведуваат во прашање Јеховината правда?

17 Некои можеби се прашуваат: ‚Ако Јехова не може да премине преку неправдите, тогаш зошто има толку многу страдања и злоба во денешниот свет?‘ Ова во никој случај не ја доведува во прашање Јеховината правда. Многуте неправди во овој злобен свет се последица на гревот кој луѓето го наследиле од Адам. Светот е полн со неправди затоа што несовршените луѓе самите избрале да живеат на грешен начин. Но, тоа нема да трае уште долго (5. Мојсеева 32:5).

18, 19. Од каде знаеме дека Јехова нема вечно да ги трпи оние што намерно ги кршат неговите праведни закони?

18 Иако покажува голема милост кон оние што искрено сакаат да се зближат со него, Јехова нема вечно да трпи некој да му нанесува срам на неговото свето име (Псалм 74:10, 22, 23). Со Богот на правдата нема подигрување — тој нема да ги ослободи намерните грешници од казната која ја заслужуваат поради нивниот начин на постапување. Јехова е „Бог милосрден и љубезен, бавен на гнев, полн со милост и вистина... но не ослободува од казна“ (2. Мојсеева 34:6, 7). Во склад со овие зборови, понекогаш Јехова морал да изврши суд врз оние што намерно ги кршеле неговите праведни закони.

19 Да го земеме за пример начинот на кој Бог постапувал со древните Израелци. Дури и откако се населиле во Ветената земја, тие постојано му биле неверни на Јехова. Но, иако го ‚жалостеле‘ со своите расипани постапки, тој не ги отфрлил веднаш (Псалм 78:38-41). Наместо тоа, милостиво им дал многу шанси да го променат своето постапување. Тој ги молел со следниве зборови: „Не ми е мило да умре злосторникот, туку злосторникот да се одврати од својот пат и да остане жив. Одвратете се, одвратете се од своите зли патишта! Зошто да умрете, доме Израелов?“ (Езекиел 33:11). Бидејќи за Јехова животот е скапоцен, тој секогаш одново ги испраќал своите пророци кај Израелците за да ги поттикне да се вратат од своите лоши патишта. Сепак, народот во целина тврдоглаво одбивал да го послуша и да се покае. На крајот, поради своето свето име и своите праведни мерила, Јехова ги предал во рацете на нивните непријатели (Неемија 9:26-30).

20. а) Што учиме од начинот на кој Јехова постапувал со Израелците? б) Зошто лавот е соодветен симбол за Јеховината правда?

20 Можеме да научиме многу за Јехова од начинот на кој постапувал со Израел. На пример, учиме дека неговите очи, кои гледаат сѐ, ги забележуваат неправдите и дека тоа силно влијае врз него (Изреки 15:3). Освен тоа, утешно е да знаеме дека тој сака да покаже милост секогаш кога има основа за тоа. Исто така, учиме дека Бог никогаш не избрзува кога донесува суд. Затоа што е стрплив и долготрпелив, многумина доаѓаат до погрешен заклучок дека тој никогаш нема да изврши суд над злобните. Но, тоа воопшто не е точно. Од Божјите постапки со Израел гледаме дека неговата стрпливост има граници. Јехова никогаш не отстапува од праведноста. За разлика од луѓето, кои честопати се повлекуваат кога треба да спроведат правда, на Бог никогаш не му недостига храброст да го застапува она што е исправно. Затоа е сосема соодветно што лавот, како симбол на храбро спроведување на правдата, е поврзан со Божјата присутност и со Неговиот престол * (Езекиел 1:10; Откровение 4:7). Од таа причина, можеме да бидеме сигурни дека Бог ќе го исполни своето ветување и ќе ја отстрани сета неправда од Земјата. Начинот на којшто суди Јехова може накратко да се опише вака: Тој никогаш не отстапува од своите праведни мерила, но покажува милост секогаш кога има основа за тоа (2. Петрово 3:9).

Биди близок со Богот на правдата

21. Како треба да си го замислиме Јехова кога размислуваме за начинот на кој ја спроведува правдата, и зошто?

21 Кога размислуваме како Јехова ја спроведува правдата, не треба да си го замислуваме како бесчувствителен и строг судија на кој му е најважно само да ги казни престапниците. Наместо тоа, треба да си го замислиме како грижлив, но решителен татко, кој секогаш постапува на најдобар можен начин со своите деца. Затоа што е справедлив, нашиот Татко не отстапува од она што е праведно, но истовремено покажува нежна сомилост кон нас, како кон свои земни деца на кои им се потребни неговата помош и простување (Псалм 103:10, 13).

22. Што ни овозможува Јехова затоа што е праведен, и зошто постапува на ваков начин со нас?

22 Колку сме благодарни што Божјата правда не се сведува само на изрекување суд над престапниците! Затоа што е праведен, Јехова ни овозможува една навистина прекрасна иднина — совршен, бескраен живот во еден свет каде што „ќе живее праведноста“ (2. Петрово 3:13). Нашиот Бог постапува на ваков начин со нас затоа што неговата правда го поттикнува да бара начин да спаси, а не да осуди. Тоа што подобро разбираме што сѐ е вклучено во Јеховината правда ни помага да станеме уште поблиски со него. Во следните поглавја, ќе разгледаме подетално како Јехова ја покажува оваа извонредна особина.

^ пас. 20 Интересно е што Јехова се споредил себеси со лав кога зборувал за судот кој требало да го изврши врз неверните Израелци (Еремија 25:38; Осија 5:14).