Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали е сѐ уште важно што е вистина?

Дали е сѐ уште важно што е вистина?

 Дали ти се чини дека разликата меѓу вистината и лагата станала многу нејасна? Изгледа дека денес луѓето се водат според чувства и лични верувања, а не според вистина и факти. На пример, од неодамна стана многу популарен зборот кој беше измислен за да го опише тоа — „пост-вистина“, односно извртена вистина. a Овој збор многу добро го опишува светот денес, во кој многумина веруваат дека вистина не постои.

 Ваквото гледиште не е ништо ново. Пред околу 2.000 години, римскиот управител Понтиј Пилат цинично го прашал Исус: „Што е вистина?“ (Јован 18:38). Иако Пилат не чекал Исус да му одговори, неговото прашање е многу важно. Одговорот што го дава Библијата на тоа прашање може да ти помогне да правиш разлика меѓу вистината и лагата.

Дали воопшто постои вистина?

 Да. Во Библијата зборот „вистина“ се користи за да се укаже на нешто што се темели на факти и на она што е исправно во морален поглед. Таа ни открива дека Јехова b Бог е Изворот на апсолутната вистина и го нарекува Бог на вистината (Псалм 31:5). Библијата ја содржи вистината од Бог, и ја споредува со светлина која може да нѐ води низ овој хаотичен свет (Псалм 43:3; Јован 17:17).

Како да ја најдеш вистината?

 Бог не сака само слепо да ја прифатиме вистината од Библијата. Наместо тоа, тој нѐ поттикнува да ја испитаме користејќи го нашиот разум, а не нашите чувства (Римјаните 12:1). Тој сака да го запознаеме и да го сакаме „со сиот свој ум“ и нѐ поттикнува да се увериме во вистината што сме ја научиле од Библијата (Матеј 22:37, 38; Дела 17:11).

Кој ја измислил лагата?

 Библијата кажува дека лагата ја измислил непријателот на Бог, Сатана Ѓаволот, кој е наречен и „татко на лагата“ (Јован 8:44). Тој ги излажал првите луѓе во врска со Бог (1. Мојсеева 3:1-6, 13, 17-19; 5:5). Оттогаш, Сатана продолжил да шири лаги и да ја крие вистината за Бог (Откровение 12:9).

Зошто лагата е толку раширена денес?

 Во нашето време, кое Библијата го нарекува „последните денови“, Сатана сѐ повеќе ги заведува луѓето. Тие многу често лажат за да ги наведат другите на погрешен заклучок и да ги искористат (2. Тимотеј 3:1, 13). Денес, лагите се вообичаени и во повеќето религии. За времето во кое живееме, Библијата прорекла дека луѓето „ќе си насоберат учители, кои ќе им го зборуваат она што им годи на ушите“ и „ќе ги одвратат ушите од вистината“ (2. Тимотеј 4:3, 4).

Зошто е важна вистината?

 Вистината е темелот за доверба меѓу луѓето. Без доверба, пропаѓаат пријателства и заедници. Според Библијата, Бог сака нашето обожавање да се темели на вистина. Во неа пишува: „Оние што го почитуваат [Бог] мора да му оддаваат почит со дух и со вистина“ (Јован 4:24). За да дознаеш како вистината од Библијата може да ти помогне да ги препознаеш религиозните лаги и да се ослободиш од нив, прочитај ја серијата статии со наслов „Лаги што го оцрнуваат Бог“.

Зошто Бог сака да ја запознаам вистината?

 Бог сака да живееш засекогаш, а за тоа е потребно да ја запознаеш вистината за него (1. Тимотеј 2:4). Ако ги запознаеш Божјите мерила за исправно и погрешно, и живееш според нив, ќе станеш близок пријател со него (Псалм 15:1, 2). За да им помогне на луѓето да ја дознаат вистината, Бог го испратил Исус на Земјата. Бог сака да ги слушаме учењата на Исус (Матеј 17:5; Јован 18:37).

Дали Бог некогаш ќе ја отстрани лагата?

 Да. Бог мрази кога луѓето со измама ги искористуваат другите. Тој ветил дека ќе ја исчисти Земјата од оние што упорно продолжуваат да лажат (Псалм 5:6). Тогаш, ќе го исполни и своето ветување: „Вистинољубивите усни ќе постојат засекогаш“ (Изреки 12:19).

a Оксфордските речници го прогласија зборот „пост-вистина“ за збор на годината за 2016.

b Јехова е името на Бог (Псалм 83:18). Види ја статијата „Кој е Јехова?