Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што е исправно, а што погрешно: Водство кое навистина ни користи

Што е исправно, а што погрешно: Водство кое навистина ни користи

Да разгледаме четири подрачја од животот на кои милиони лица се увериле дека водството од Библијата навистина е корисно и дека може да се потпрат на него.

1. Брак

Луѓето имаат различни гледишта за бракот и за тоа што е потребно за еден брак да биде среќен.

БИБЛИЈАТА ВЕЛИ: „Секој од вас да ја сака својата жена како самиот себе, а жената длабоко да го почитува својот маж“ (Ефешаните 5:33).

ШТО ЗНАЧИ ОВА: Бракот е заедница која ја основал Бог, и затоа тој знае што е потребно за брачните парови да бидат среќни (Марко 10:6-9). За бракот да биде среќен, сопружниците не треба да се концентрираат на тоа што секој од нив може да добие од другиот, туку на тоа што секој од нив може да даде за да се зајакне бракот. Еден сопруг кој ја сака својата сопруга ќе го покаже тоа со начинот на кој постапува со неа и се грижи за неа. А една сопруга која го сака својот сопруг ќе го покаже тоа со начинот на кој зборува и постапува со него.

ВОДСТВОТО ОД БИБЛИЈАТА НАВИСТИНА Е КОРИСНО: Квен и Тии од Виетнам мислеле дека нивниот брак никогаш нема да биде среќен. Квен честопати бил нељубезен. Тој вели: „Не ми беше грижа за чувствата на Тии и честопати ја понижував“. Тии сакала да се разведат. Таа вели: „Имав чувство дека веќе не можам да имам доверба во мојот сопруг и да го почитувам“.

По некое време, Квен и Тии дознале што вели Библијата за бракот и научиле како може во нивниот брак да ги применат зборовите кои се запишани во Ефешаните 5:33. Квен вели: „Овој стих ми помогна да сфатам колку е важно да бидам љубезен и да ѝ покажам на Тии дека ја сакам и дека се грижам за неа во материјален, физички и емоционален поглед. Кога го правам тоа, таа сѐ повеќе ме сака и ме почитува“. А Тии вели: „Колку повеќе ги применувам зборовите од Ефешаните 5:33 и му покажувам на мојот сопруг почит, толку повеќе тој прави да се чувствувам сакано и заштитено, како и да чувствувам внатрешен мир“.

Нешто повеќе во врска со бракот може да прочиташ во Разбудете се! бр. 2, 2018, со наслов „12 тајни за среќно семејство“ на jw.org.

2. Меѓучовечки односи

Луѓето честопати постапуваат лошо со некој што е од поинаква раса, националност или религија, што има поинаков изглед или што е со поинаква сексуална определба.

БИБЛИЈАТА ВЕЛИ: „Почитувајте го секого“ (1. Петрово 2:17).

ШТО ЗНАЧИ ОВА: Библијата не ги одобрува расизмот, хомофобијата и ксенофобијата. Наместо тоа, таа нѐ поттикнува да покажуваме почит кон сите луѓе, без разлика на нивната раса, националност или социјален статус (Дела 10:34). Дури и ако не се согласуваме со верувањата на другите или со начинот на кој постапуваат, сепак можеме да се однесуваме кон нив љубезно и со почит (Матеј 7:12).

ВОДСТВОТО ОД БИБЛИЈАТА НАВИСТИНА Е КОРИСНО: Даниел бил поучен да гледа на луѓето од Азија како на закана за неговата земја. Тој почнал да ги мрази сите што биле со азиско потекло и честопати ги навредувал во јавност. Даниел вели: „Си мислев дека тоа го правам за мојата земја. Дури не ни сметав дека начинот на кој размислувам или постапувам е погрешен“.

По некое време, Даниел дознал што поучува Библијата. Тој вели: „Требаше целосно да го сменам мојот начин на размислување. Требаше да научам да ги гледам луѓето онака како што ги гледа Бог — дека сите сме исти без разлика од каде потекнуваме“. Даниел опишува како денес гледа на луѓето што ги среќава. Тој вели: „Обично дури не ни размислувам за нивното потекло. Ги сакам сите луѓе и имам блиски пријатели низ целиот свет“.

Нешто повеќе може да прочиташ во Разбудете се! бр. 3, 2020, со наслов „Има ли лек за предрасудите?“ на jw.org.

3. Пари

Многу луѓе се обидуваат да се збогатат за да бидат среќни и за да имаат подобра иднина.

БИБЛИЈАТА ВЕЛИ: „Мудроста е заштита, а и парите се заштита. Но предноста на знаењето и на мудроста е во тоа што тие им го чуваат животот на оние што ги имаат“ (Проповедник 7:12).

ШТО ЗНАЧИ ОВА: Парите ни се потребни, но тие не се гаранција дека ќе бидеме среќни или дека ќе имаме подобра иднина (Изреки 18:11; 23:4, 5). Дали ќе бидеме вистински среќни и дали ќе имаме сигурна иднина зависи од тоа дали ја применуваме мудроста од Бог која се наоѓа во Библијата (1. Тимотеј 6:17-19).

ВОДСТВОТО ОД БИБЛИЈАТА НАВИСТИНА Е КОРИСНО: Еден човек во Индонезија по име Кордо се трудел да стекне богатство. Тој рекол: „Имав сѐ за кое повеќето луѓе само сонуваат. Можев да патувам и да купувам луксузни работи, коли и куќи“. Но, ова не траело долго. Кордо вели: „Бев жртва на измама и парите за кои сите овие години напорно работев исчезнаа за миг. Го потрошив животот за да се збогатам, а на крај изгубив сѐ и се чувствував разочарно и безвредно“.

Кордо почнал да ги применува советите од Библијата во врска со парите. Тој повеќе не се труди со сите сили да стекне богатство, туку решил да води поедноставен живот. Кордо вели: „Сега имам чувство дека сум вистински богат затоа што имам добар однос со Бог. Немам непроспиени ноќи и навистина сум среќен“.

Нешто повеќе во врска со библиското гледиште за парите може да прочиташ на jw.org во статијата „Како гледаш на парите?“ која излезе во Разбудете се! од септември 2015.

4. Секс

Луѓето имаат најразлични мислења во однос на тоа што е прифатливо кога станува збор за сексот.

БИБЛИЈАТА ВЕЛИ: „Да се воздржувате од блуд, секој од вас да знае како да завладее со своето тело во светост и чест, а не во незауздана сексуална страст својствена на народите што не го познаваат Бог“ (1. Солуњаните 4:3-5).

ШТО ЗНАЧИ ОВА: Во Библијата има одредени ограничувања во врска со тоа како да ги задоволуваме нашите сексуални желби. Во блуд, односно во сексуален неморал спаѓаат прељуба, проституција, сексуални односи меѓу лица кои не се во брак, хомосексуалност и сексуални односи со животни (1. Коринќаните 6:9, 10). Сексуалните односи се дар од Бог и тој имал намера тие да бидат израз на љубов само помеѓу еден маж и една жена кои се во брак (Изреки 5:18, 19).

ВОДСТВОТО ОД БИБЛИЈАТА НАВИСТИНА Е КОРИСНО: Една жена во Австралија по име Кајли вели: „Кога не бев во брак, си мислев дека, ако имам секс, ќе се чувствувам сакано и сигурно. Но, се случи токму спротивното. Се чувствував несигурно и скршено“.

Подоцна, Кајли дознала што вели Библијата за сексот и почнала да го применува тоа. Таа вели: „Сфаќам дека Божјите мерила нѐ штитат од тоа да бидеме повредени. Сега ги правам работите онака како што сака Јехова. Имам сопруг кој ме прави да се чувствувам сигурно и сакано. Тоа што ги применувам советите од Библијата ме поштеди од многу болки“.

Нешто повеќе може да прочиташ во статијата „Што вели Библијата за заедничкиот живот пред брак?“ на jw.org.

Нашиот Творец ни помага да знаеме што е исправно, а што погрешно. Иако не е секогаш лесно да бидеме послушни на она што ни го вели, вреди да вложиме труд. Можеме да имаме доверба дека на крај секогаш ќе бидеме среќни.