Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 6

ПЕСНА 18 Благодарни сме за откупнината

Јехова ни ги простува гревовите — зошто сме благодарни за тоа

Јехова ни ги простува гревовите — зошто сме благодарни за тоа

Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син (ЈОВАН 3:16)

ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА

Да се зголеми нашата благодарност кон Јехова затоа што ни ги простува гревовите. За таа цел, ќе дознаеме што направил Јехова за тоа да биде можно.

1-2. На кој начин ситуацијата на човештвото е слична на ситуацијата на младиот човек спомнат во пасус 1?

 ЗАМИСЛИ СИ еден млад човек кој пораснал во богато семејство. Но, еден ден се случува трагедија — неговите родители загинуваат во една несреќа. Таа вест многу го растажува. Но, тоа не е сѐ. Овој млад човек слуша уште една шокантна вест. Тој дознава дека неговите родители се расфрлале со парите што ги имале и му оставиле големи долгови. Наместо да го наследи нивното богатство, тој ги наследува нивните долгови, а кредиторите бараат веднаш да им исплати. Долгот е толку голем што тој никогаш не би можел да го врати.

2 На некој начин, нашата ситуација е слична со ситуацијата на овој млад човек. Нашите прародители, Адам и Ева, биле совршени и живееле во прекрасен рај (1. Мој. 1:27; 2:7-9). Тие можеле да водат среќен и исполнет живот во сета вечност. Но потоа, сѐ се сменило. Тие го изгубиле својот рајски дом, како и можноста да живеат вечно. Кое било единственото наследство што им го оставиле на своите деца? Библијата ни кажува: „Преку еден човек [Адам] гревот влезе во светот и преку гревот смртта, и така смртта се прошири на сите луѓе, зашто сите згрешија“ (Рим. 5:12). Наследството што ни го оставил Адам е гревот, поради кој сите умираме. Гревот што сме го наследиле е како еден огромен долг кој никој од нас не може да го отплати (Пс. 49:8).

3. Зошто нашите гревови може да се споредат со долгови?

3 Исус ги споредил гревовите со долгови (Мат. 6:12; Лука 11:4). Кога ќе згрешиме, тоа е како да се задолжуваме кај Јехова. Долгот за тој грев треба да го платиме. Доколку остане неплатен, тој долг ќе биде поништен само со нашата смрт (Рим. 6:7, 23).

4. а) Без помош, што би се случило со сите грешници? (Псалм 49:7-9). б) На што се однесува зборот „грев“ во Библијата? (Види ја рамката „ Грев“.)

4 Дали е возможно повторно да го добиеме сето она што Адам и Ева го изгубиле? Ние самите не можеме тоа да го постигнеме. (Прочитај Псалм 49:7-9.) Без помош, ние не би можеле да имаме надеж за вечен живот во иднина, ниту можност за воскресение. Всушност, нашата смрт би била иста како онаа на животните (Проп. 3:19; 2. Пет. 2:12).

5. Како нашиот Татко, кој е полн со љубов, ни помогнал во врска со долгот за гревот што сме го наследиле? (Види ја сликата.)

5 Размисли за младиот човек што го спомнавме на почетокот. Како би се чувствувал тој доколку некој богат човек му понуди да му ги отплати сите долгови? Без сомнение, младиот човек би бил многу благодарен и би ја прифатил таа великодушна понуда. На сличен начин, нашиот Татко Јехова, кој е полн со љубов, ни дал еден подарок со кој го платил долгот за гревот што сме го наследиле од Адам. Исус го објаснил тоа на следниов начин: „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16). Исто така, овој подарок ни овозможува да имаме добар однос со Јехова.

Исус ја проповедал добрата вест за тоа дека Јехова ни ги простува гревовите на темел на откупната жртва (Јован 3:16). Потоа, за да ја обезбеди таа откупнина, Исус спремно го принел својот живот како жртва (види во пасус 5)


6. Кои библиски изрази ќе ги разгледаме во оваа статија, и зошто?

6 Како можеме да извлечеме корист од овој прекрасен подарок, кој ни овозможува да ни бидат простени гревовите? За да одговориме на ова прашање, ќе ги разгледаме следниве библиски изрази: помирување, очистување, откупнина, избавени и прогласени за праведни. Во оваа статија ќе го разгледаме значењето на секој од овие изрази. Тоа што ќе размислуваме за сето она што Јехова го направил за да ни ги прости гревовите, ќе ни помогне да се зголеми нашата благодарност.

ЦЕЛ: ПОМИРУВАЊЕ

7. а) Што друго изгубиле Адам и Ева? б) Каква очајна потреба имаме како потомци на Адам и Ева? (Римјаните 5:10, 11).

7 Освен што ја изгубиле можноста за вечен живот, Адам и Ева го изгубиле скапоценото пријателство со нивниот Татко, Јехова. Пред да направат грев, Адам и Ева биле дел од Божјето семејство (Лука 3:38). Но, откако му станале непослушни на Јехова, тој ги избркал од неговото семејство пред да имаат деца (1. Мој. 3:23, 24; 4:1). Затоа, како нивни потомци, ние треба да се помириме со Јехова. (Прочитај Римјаните 5:10, 11.) Со други зборови, треба да развиеме добар однос со него. Според едно стручно дело, грчкиот збор што тука се користи за „помири“ може да значи „да се спријателиш со некој што ти бил непријател“. Воодушевува фактот дека Јехова е оној што презел иницијатива да станеме пријатели со него. Како?

ПОДГОТОВКА: ОЧИСТУВАЊЕ

8. Што обезбедил Јехова за да можеме повторно да имаме добар однос со него?

8 Очистувањето е подготовката, односно решението што го обезбедил Јехова за да можат грешните луѓе повторно да имаат добар однос со него. Со цел да го врати она што Адам го изгубил, Јехова дал нешто што има иста вредност. Во Римјаните 3:25, тоа решение е наречено „жртва со која ги помири со себе оние што веруваат“. Ова им овозможува на луѓето повторно да бидат пријатели со Јехова.

9. Што направил Јехова за да можат гревовите на Израелците да бидат простени?

9 За да можат Израелците да бидат во добар однос со него, Јехова обезбедил привремено решение за простување на нивните гревови. Во древниот Израел, еднаш годишно се одржувал Денот на очистувањето. На тој ден, првосвештеникот принесувал животински жртви во корист на народот. Се разбира, животинските жртви не можат потполно да исчистат нечии гревови, бидејќи животните имаат помала вредност од луѓето. Но, сѐ додека Израелците што се каеле ги принесувале жртвите кои Јехова ги барал од нив, тој бил спремен да им ги прости гревовите (Евр. 10:1-4). Освен тоа, жртвите што ги принесувале на Денот на очистувањето и во други прилики, им помагале на Израелците да сфатат дека биле грешници и дека им е потребно нешто поголемо за нивните гревови да бидат потполно очистени.

10. Што направил Јехова за да овозможи трајно решение за простување на гревовите?

10 Што направил Јехова за да овозможи трајно решение за простување на гревовите на човештвото? Тој се погрижил неговиот сакан Син да биде „еднаш засекогаш принесен за да ги понесе гревовите на мнозина“ (Евр. 9:28). Исус го дал „својот живот како откупнина за мнозина“ (Мат. 20:28). Што е откупнина?

ЦЕНА: ОТКУПНИНА

11. а) Според Библијата, зошто било потребно да се плати откупнина? б) Само кој би можел да ја плати откупнината?

11 Според Библијата, Јехова одлучил дека треба да се плати откупнина, односно одредена цена за да можат да ни бидат простени гревовите и за да можеме да бидеме негови пријатели. a Колкава била цената што требало да се плати за да можат луѓето да го имаат она што Адам го изгубил? Сети се дека Адам и Ева го изгубиле совршениот живот, како и можноста да живеат вечно. Значи, откупнината требало да ја има истата вредност како она што било изгубено (1. Тим. 2:6). Можел да ја плати само возрасен човек кој 1) бил совршен, 2) имал можност засекогаш да живее на Земјата и 3) бил спремен да го жртвува, или да се откаже од тој живот за нас. Само тогаш би било можно животот на тој човек да го замени, или надомести, животот што бил изгубен.

12. Зошто Исус можел да ја плати потребната откупнина?

12 Размисли за три причини зошто Исус можел да ја плати откупнината. 1) Тој бил совршен — не направил ниту еден грев (1. Пет. 2:22). 2) Поради тоа, можел засекогаш да живее на Земјата. 3) Тој бил спремен да умре и да се откаже од тој живот за нас (Евр. 10:9, 10). Исус бил совршен човек, исто како првиот човек Адам, пред да згреши (1. Кор. 15:45). Затоа, со својата смрт, Исус можел да нѐ очисти од гревот на Адам, односно да го надомести она што Адам го изгубил (Рим. 5:19). На тој начин, Исус станал „последниот Адам“. Нема потреба некој друг совршен човек да дојде и да плати за она што Адам го изгубил. Исус умрел „еднаш засекогаш“ (Евр. 7:27; 10:12).

13. Која е разликата помеѓу очистувањето и откупнината?

13 Тогаш, која е разликата помеѓу очистувањето и откупнината? Очистувањето е подготовката што ја направил Бог за луѓето повторно да бидат во добар однос со него. Откупнината е цената што била платена за да можат да се очистат гревовите на човештвото. Оваа цена е претставена со Исусовата скапоцена крв која била пролеана за нас (Еф. 1:7; Евр. 9:14).

РЕЗУЛТАТИ: ИЗБАВЕНИ И ПРОГЛАСЕНИ ЗА ПРАВЕДНИ

14. Што ќе разгледаме сега, и зошто?

14 Како ни користи она што Јехова го направил за нас? За да одговориме на ова прашање, ќе го разгледаме значењето на два израза од Библијата кои ни помагаат да разбереме како ни користи Јеховиното простување.

15-16. а) Кој бил резултатот од тоа што била платена откупнината? б) Како ова влијае врз нас?

15 Библијата вели дека, затоа што била платена откупнината, ние сме избавени, односно ослободени. Апостол Петар го објаснил тоа на следниов начин: „Знаете дека не сте избавени [буквално: откупени; ослободени од вина] со нешто распадливо, со сребро или злато, од својот суетен начин на живот, кој сте го наследиле од своите прататковци, туку со драгоцената крв на Христос, која е како крвта на јагне неизвалкано и без недостаток“ (1. Пет. 1:18, 19).

16 Благодарение на откупната жртва, можеме да бидеме ослободени од суровото ропство на гревот и смртта (Рим. 5:21). Имаме добри причини да им бидеме многу благодарни на Јехова и на Исус затоа што сме откупени преку скапоцената крв на Исус (1. Кор. 15:22).

17-18. а) Што значи тоа што сме прогласени за праведни? б) Како ни користи тоа што сме прогласени за праведни?

17 Библијата вели дека Јеховините слуги се прогласени за праведни. Ова значи дека се тргнати обвиненијата против нас и дека не треба да платиме за нашите гревови. Сепак, ова не значи дека Јехова ги прекршува своите мерила за правда. Тој не нѐ прогласува за праведни затоа што заслужуваме, ниту пак ги оправдува нашите гревови. Всушност, Јехова сака да ни ги прости гревовите бидејќи покажуваме вера во сето она што тој и Исус го направиле за да ја обезбедат откупнината (Рим. 3:24; Гал. 2:16).

18 Што значи ова за секого од нас? Некои од оние кои се прогласени за праведни се избрани да владеат со Христос на небото и се прогласени за Божји деца (Тит 3:7; 1. Јов. 3:1). Бог им ги простува гревовите и гледа на нив како никогаш да не ги направиле. На тој начин, тие ги исполнуваат условите да бидат во Царството (Рим. 8:1, 2, 30). Други кои се прогласени за праведни ќе живеат засекогаш на Земјата. Јехова им ги простил гревовите, и тие стануваат негови пријатели (Јак. 2:21-23). Оние кои се дел од големото мноштво и кои ќе го преживеат Армагедон, имаат можност никогаш да не умрат (Јован 11:26). „Праведните“ и „неправедните“ кои спијат во смртен сон ќе бидат воскреснати (Дела 24:15; Јован 5:28, 29). По некое време, сите послушни слуги на Јехова на Земјата ќе ја добијат „славната слобода на Божјите деца“ (Рим. 8:21). Колку прекрасни благослови произлегуваат од тоа што Јехова се погрижил нашите гревови да бидат очистени. Едвај чекаме да дојде времето кога ќе бидеме совршени деца на нашиот Татко Јехова!

19. Како нашата ситуација се сменила на подобро? (Види ја и рамката „ Што значи тоа за нас“.)

19 Навистина, нашата ситуација била безнадежна исто како ситуацијата на младиот човек што го спомнавме, кој изгубил сѐ и наследил огромен долг кој никогаш не би можел да го отплати. Но, благодарение на Јехова сме добиле помош. Нашата ситуација се сменила бидејќи Јехова се погрижил нашите гревови да бидат очистени и била платена откупнината. Нашата вера во Исус Христос ни овозможува да бидеме избавени, односно ослободени од гревот и смртта. Исто така, нашите гревови можат да бидат поништени, и Јехова да гледа на нив како никогаш да не сме ги направиле. И, што е најважно од сѐ, сега можеме да имаме добар однос со нашиот небесен Татко, Јехова, кој многу нѐ сака.

20. Што ќе разгледаме во следната статија?

20 Кога размислуваме за она што Јехова и Исус го направиле за нас, нашето срце се прелева од благодарност (2. Кор. 5:15). Без нивна помош, ние не би имале никаква надеж. Но, какво значење има Јеховиното простување за нас лично? Тоа ќе го разгледаме во следната статија.

ПЕСНА 10 Славен е Јехова Бог

a На некои јазици, зборот „откупнина“ е преведен со израз кој дословно значи „цена за живот“ или „исплатена сума“.