Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Време на драстичен пад на моралот

Време на драстичен пад на моралот

Време на драстичен пад на моралот

КОГА, според тебе, моралот, односно моралните вредности почнаа драстично да опаѓаат? Дали во текот на твојот живот или можеби уште во времето кога биле млади твоите постари роднини и пријатели? Некои велат дека со Првата светска војна, која избувна во 1914 год., започна нашата ера на невиден морален распад. Во својата книга со наслов Генерацијата од 1914 (The Generation of 1914), Роберт Вол, професор по историја, го напишал следново: „Оние што ја преживеаја таа војна никако не можат да се ослободат од чувството дека, во август 1914 год., заврши еден и започна друг свет“.

„Мерилата на општествено однесување — кои веќе беа во опаѓање — насекаде претрпеа потполн крах“, вели историчарот Норман Кентер. „Ако можеа политичарите и генералите да се однесуваат со милионите луѓе кои им беа доверени како со животни одредени за кланица, тогаш кои религиозни или етички мерила можеа да ги спречат другите да се однесуваат еден кон друг како ѕверови?.. Колежот во Првата светска војна [1914-1918] потполно ја намали вредноста на човечкиот живот.“

Во своето дело Краток преглед на историјата (The Outline of History), англискиот историчар Х. Џ. Велс вели дека „моралот доживеал вистински пад“ откако била прифатена теоријата на еволуција. Зошто? Затоа што за некои човекот е само повисок облик на животно. Велс, и самиот еволуционист, го напишал следново во 1920 год.: „Тие едноставно заклучија дека човекот е животно што живее во група, исто како што е индискиот див пес... Затоа им се чини дека е нормално и големите ‚кучиња‘ во човечката ‚глутница‘ исто така да ги малтретираат и да ги угнетуваат другите“.

Навистина, како што забележува Кентер, Првата светска војна потполно ги смени мерилата на луѓето за тоа што е исправно, а што погрешно. Тој објаснува: „Постарата генерација беше критикувана за сѐ — за нејзината политика, за начинот на облекување и за ставот кон сексот“. Црквите, кои ги загадија христијанските учења со тоа што ја прифатија теоријата на еволуција и им даваа поддршка на завојуваните страни, во голема мера придонесоа за падот на моралните вредности. Британскиот генерал-мајор Френк Крожер напиша: „Христијанските цркви ни се најдобрите мајстори за разгорување на крвожедноста кај луѓето, и ние ги искористивме на големо“.

Отфрлање на моралните мерила

Во деценијата по Првата светска војна — кои беа наречени „бучните дваесетти години“ — беа отфрлени старите вредности и морални ограничувања, и беа заменети со ставот дека секое однесување е прифатливо. Историчарот Фредерик Луис Ален вели: „Точниот опис на десетте години што следеа по оваа војна гласи: ‚Деценија на недолично однесување‘... Со стариот поредок исчезна еден збир на вредности што му даваа суштина и смисла на животот и не можеа лесно да бидат заменети со нешто друго“.

Мнозина се освестија во 1930-тите, кога Големата депресија ги фрли во крајна сиромаштија. Но, до крајот на таа деценија, светот влезе во уште една, уште пострашна војна — Втората светска војна. Наскоро државите почнаа да произведуваат ужасно оружје, со што нагло го извлекоа светот од Депресијата, но го турнаа во незамисливо страдање и ужас. До крајот на оваа војна, стотици градови беа претворени во урнатини; два града во Јапонија беа разурнати, и тоа со фрлање на само две атомски бомби! Милиони лица умреа во морничавите концентрациони логори. Сѐ на сѐ, во овој судир загинаа околу 50 милиони мажи, жени и деца.

Наместо да се држат за утврдените, традиционални мерила за пристојност, во ужасните услови на Втората светска војна, луѓето си усвоија свои сопствени правила на однесување. Во книгата Љубовта, сексот и војната — вредностите се менуваат, 1939-1945 (Love, Sex and War—Changing Values, 1939-45) стои: „Се чинеше дека, во текот на војната, сексуалното воздржување привремено беше укинато, бидејќи она што се дозволуваше на фронтот се префрли и кај цивилите... Итноста и возбудата на тоа воено време наскоро ги поткопа моралните ограничувања, и животот на цивилното население стана исто толку евтин и краток како и животот на војниците на фронтот“.

Постојаната близина на смртта го засили кај луѓето копнежот по емоционални врски, па макар да се и краткотрајни. Во обидот да ја оправда сексуалната слобода во тие драматични години, една домаќинка во Британија изјавила: „Всушност, не бевме неморални, едноставно имаше војна“. Еден американски војник призна: „Според мерилата на повеќето, ние бевме неморални, но исто така бевме млади и можевме да умреме следниот ден“.

Многу од оние што ја преживеале таа војна, трпеа последици од ужасите што ги виделе. До ден-денес, на некои од нив, меѓу кои и на такви што тогаш биле деца, им се враќаат спомените и чувствуваат како повторно да им се случуваат истите трауми. Многумина ја изгубиле својата вера, а со неа и својот морален компас. Бидејќи немаат почит кон никаков авторитет што би можел да им каже што е исправно, а што погрешно, за луѓето сѐ стана релативно.

Нови општествени мерила

По Втората светска војна, беа издадени студии за сексуалното однесување кај човекот. Една таква студија во Соединетите Држави, спроведена во 1940-тите, беше Извештајот Кинси, запишан на повеќе од 800 страници. Како резултат на ова, многу луѓе почнаа отворено да зборуваат за работи поврзани со сексот, за кои порано обично не се разговараше толку често. Иако подоцна се откри дека податоците од тој извештај за оние што се хомосексуалци или учествуваат во некој друг девијантен облик на сексуално однесување биле преувеличени, оваа студија го изнесе на виделина драстичниот пад на моралот што следеше по војната.

Некое време се вложуваа напори за навидум да се зачува пристојноста. На пример, беше цензурирана неморалната содржина на радио, во филмовите и на телевизија. Но, не за долго. Вилијам Бенет, поранешен министер за образование на САД, објасни: „До 1960-тите, во Америка започна наглиот и постојан пад кон она што може да се нарече децивилизирање“. Ваквиот пад можеше да се види и во многу други земји. Зошто моралниот распад се засили во ‘60-тите?

Во таа деценија, скоро истовремено, се појави движењето за ослободување на жените и избувна сексуалната револуција со својот таканаречен нов морал. Освен тоа, беа пронајдени ефикасни контрацептивни таблети. Сега, кога можеше да се ужива во сексот без страв од несакана бременост, почна да цвета „слободната љубов“, односно „интимните односи без обврска од страна на двата партнера“.

Истовремено, печатот, филмовите и телевизијата ги попуштија своите морални стеги. Подоцна, Збигњев Бжежински, поранешен претседател на Државниот совет за безбедност на САД, го изјави следново во врска со мерилата што се презентираат преку телевизијата: „Тие јасно го величаат самоугодувањето, ги прикажуваат суровото насилство и свирепоста како да се нешто нормално, [и] поттикнуваат на сексуален неморал“.

Веќе во 1970-тите, станаа популарни и видеорекордерите. Сега, во приватноста на својот дом, луѓето можеа да гледаат неморални филмови со отворени сексуални сцени што никогаш не би си дозволиле јавно да ги гледаат на кино. А од скоро, преку Интернет, на сите корисници на компјутер насекаде во светот им стана достапна порнографија од најодвратен вид.

Последиците се страшни во многу аспекти. „Пред десет години, кога некои млади ќе завршеа в затвор, можев да зборувам со нив за тоа што е исправно, а што погрешно. Но, младите што доаѓаат сега немаат поим за што зборувам“, изјави неодамна еден затворски чувар во САД.

Каде може да се побара водство?

Не можеме да бараме морално водство од црквите во светот. Наместо да се држат за праведните начела како што се држеле Исус и неговите ученици во првиот век, црквите станале дел од овој свет и од неговите зла. Еден писател прашува: „Се водела ли некогаш војна во која или едните или другите не тврделе дека Бог е на нивна страна?“ Во врска со држењето на Божјите морални мерила, пред многу години еден свештеник од Њујорк изјавил: „Црквата е единствената организација на светот чии барања за членство се помали и од барањата за влегување во автобус“.

Јасно е, драстичниот пад на моралните вредности во овој свет е доказ дека под итно мора да се преземе нешто. Но, што? Каква промена е потребна? Кој може да ја направи, и како ќе го стори тоа?

[Истакната мисла на страница 5]

Колежот во Првата светска војна [1914-1918] потполно ја намали вредноста на човечкиот живот

[Рамка на страница 6]

ВРЕДНОСТИ НАМЕСТО ДОБЛЕСТИ

Порано точно се знаело што значи зборот „доблест“. Или едно лице се сметало за чесно, верно, морално чисто и достојно за почит, или не. Сега, наместо зборот „доблести“ се користи зборот „вредности“. Но, како што објаснува историчарката Гертруде Химелфарб во својата книга Губење на моралот во општеството (The De-Moralization of Society), проблемот со овој збор е што, „човек не може да го каже за доблестите она што би го кажал за вредностите... дека секој има право да си ги избере сопствените доблести“.

Таа вели дека во вредности „можат да спаѓаат верувања, мислења, ставови, чувства, навики, правила на однесување, желби, предрасуди, па дури и некои специфични карактеристики на поединците — односно, сето она што некое лице, група или општество го смета за вредно во кое и да било време и од која и да било причина“. Во сегашново слободно општество, луѓето сметаат дека имаат право да си ги избираат сопствените вредности, исто како што би избирале зеленчук на пазар. Но, ако е така, тогаш што ќе се случи со вистинските доблести и со моралот?

[Слика на страници 6 и 7]

Сѐ полесно е достапна расипана забава