Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како Библијата опстанала до ден-денес

Како Библијата опстанала до ден-денес

Како Библијата опстанала до ден-денес

Вистинско чудо е што Библијата останала непроменета до ден-денес. Нејзиното пишување било довршено пред повеќе од 1.900 години. Била запишана на трошни материјали — на хартија направена од папирус и на пергаменти направени од животинска кожа — и на јазици што денес само малкумина ги зборуваат. Освен тоа, многу моќни луѓе, од цареви па до верски водачи, со сите сили се обидувале да ја уништат.

КАКО ова истакнато дело успеало да опстане толку долго и да стане најпознатата книга во човечката историја? Да разгледаме само два фактора.

Текстот се зачувал поради многуте преписи

Заштитниците на најраните библиски текстови, Израелците, внимателно ги чувале оригиналните свитоци и направиле голем број нивни преписи. На пример, на израелските цареви им било кажано ‚да си го препишат во една книга законот што го чуваат левитските свештеници‘ (5. Мојсеева 17:18).

Многу Израелци сакале да ги читаат Писмата, зашто ги сметале за Божја реч. Затоа, многу се внимавало при препишувањето на текстот, кое го вршеле високо остручени писари. За еден богобојазлив писар по име Езра се вели дека бил „вешт препишувач на Мојсеевиот закон, кој го даде Јехова, Богот на Израел“ (Езра 7:6). Масоретите, кои во периодот меѓу шестиот и десеттиот век од н.е. ги препишувале Хебрејските списи, или „Стариот завет“, дури ги броеле буквите во текстот за да нема никакви грешки. Ваквото прецизно препишување помогнало да се зачува точноста на текстот и да опстане Библијата и покрај жестоките и упорни обиди на непријателите да ја уништат.

На пример, во 168 год. пр.н.е., сирискиот владетел Антиох IV се обидел да ги уништи сите преписи на Хебрејските списи што ги нашол низ Палестина. Во една книга за историјата на Евреите се вели: „Сите свитоци на Законот што биле пронајдени биле искинати и запалени“. Во The Jewish Encyclopedia пишува: „Војниците на кои им била дадена оваа заповед ја извршувале со најголема суровост... Ако кај некого биле најдени свети списи... му следела смртна казна“. Но, и Евреите во Палестина и Евреите во другите земји успеале да зачуваат преписи од Писмата.

Набрзо откако писателите на Христијанските грчки списи, или „Новиот завет“, завршиле со пишувањето, почнале да се шират преписи од нивните вдахновени писма, пророштва и историски записи. На пример, Јован го запишал своето евангелие во Ефес или некаде во околината. Но, еден дел од неговото евангелие, препис за кој стручњаците велат дека бил направен околу 50 години откако било напишано евангелието, бил најден стотици километри подалеку во Египет. Ова покажува дека христијаните во далечните земји имале преписи на вдахновените текстови кои биле напишани кратко пред тоа.

Уште еден фактор што помогнал Божјата реч да опстане со векови по Христос било тоа што била надалеку раширена. На пример, рано в зори на 23 февруари 303 год. од н.е., се известува дека Римскиот император Диоклецијан гледал како неговите војници ги кршат портите на една црква и ги палат преписите на Писмото. Тој мислел дека, ако ги уништи светите списи, ќе успее да го сотре и христијанството. Следниот ден, наредил сите преписи на Библијата да бидат запалени на јавни места низ целото Римско царство. Меѓутоа, некои преписи биле спасени и потоа умножени. Всушност, голем дел од два преписа на Библијата на грчки јазик, кои веројатно биле направени кратко по прогонството од страна на Диоклецијан, е зачуван до ден-денес. Едниот се наоѓа во Рим, а другиот во Британската библиотека во Лондон (Англија).

Иако досега не се најдени оригинални ракописи на Библијата, илјадници рачно напишани преписи на целата Библија или на некои делови од неа постојат и денес. Некои од нив се многу стари. Дали содржината на оригиналните текстови се променила со препишувањето? Во врска со Хебрејските списи, изучувачот В. Х. Грин го рекол следново: „Може слободно да се каже дека ниту една друга древна книга не е толку точно пренесена“. Во врска со Христијанските грчки списи, пак, познатиот стручњак за библиски ракописи, сер Фредерик Кенјон, напишал: „Интервалот помеѓу времето кога бил напишан оригиналниот текст и времето од кое датираат најстарите пронајдени ракописи е толку мал што може да се смета за незначаен, и повеќе нема никакво сомневање дека Библијата што ја имаме денес е во основа иста како и во времето кога била напишана. И автентичноста и точноста на книгите од Новиот завет сега може да се сметаат за потврден факт“. Кенјон уште рекол: „Со сигурност може да се каже дека, во суштина, точноста на библискиот текст е зачувана... Ова не може да се каже за ниедна друга древна книга во светот“.

Преведувањето на Библијата

Втор важен фактор што помогнал Библијата да биде најпознатата книга во човечката историја е тоа што ја има на многу јазици. Ова е во склад со намерата на Бог луѓето од сите народи и јазици да го запознаат и да му оддаваат почит „со дух и со вистина“ (Јован 4:23, 24; Михеј 4:2).

Првиот превод на Хебрејските списи за кој се знае е преводот Септуагинта на грчки. Бил направен за Евреите што зборувале грчки и кои живееле надвор од Палестина. Овој превод бил завршен околу два века пред Исус да живее на Земјата. Целата Библија, вклучувајќи ги и Христијанските грчки списи, во вековите откако била завршена била преведена на многу јазици. Но подоцна многу цареви, па дури и свештеници, кои требало да направат сѐ што е во нивна моќ за Библијата да стигне до секој човек, го направиле токму спротивното. Тие се обиделе своите стада да ги држат во духовна темнина со тоа што не дозволувале Божјата реч да биде преведена на јазикот на обичниот народ.

Пркосејќи им на Црквата и на државата, многу храбри луѓе си го ризикувале животот за да ја преведат Библијата на јазикот на обичниот народ. На пример, во 1530 год., Англичанецот Вилијам Тиндејл, кој се школувал на Оксфорд, го издал англискиот превод на Пентатеухот, или првите пет книги од Хебрејските списи. И покрај големото противење, тој бил првиот што ја превел Библијата од хебрејски директно на англиски. Тиндејл бил и првиот англиски преведувач што во своите преводи го користел името Јехова. Шпанскиот изучувач на Библијата Касиодоро де Реина работел на еден од првите преводи на Библијата на шпански. Поради тоа католиците го прогонувале, а животот постојано му висел на конец. За да може на мир да го доврши преводот, патувал во Англија, Германија, Холандија, Франција и Швајцарија. *

Денес Библијата продолжува да се преведува на сѐ повеќе јазици и да се издава во милионски тираж. Тоа што опстанала до ден-денес и станала најпознатата книга во светот покажува колку се вистинити вдахновените зборови на апостол Петар: „Тревата венее и цветот паѓа, но Јеховината реч останува засекогаш“ (1. Петрово 1:24, 25).

[Фуснота]

^ пас. 14 Преводот на Реина бил објавен во 1569 год., а подоцна, во 1602 год. го ревидирал Сипријано де Валера.

[Рамка/слики на страница 14]

КОЈ ПРЕВОД ДА ГО ЧИТАМ?

На многу јазици постојат повеќе преводи на Библијата. Во некои од нив се користи архаичен јазик кој тешко се разбира. Други се послободни, парафразирани преводи, во кои повеќе е обрнато внимание на тоа да бидат лесни за читање отколку да бидат точно преведени. Трети, пак, се дословни, преведени речиси од збор до збор.

Англиското издание на Свето писмо — превод Нов свет, издадено од Јеховините сведоци, го преведе еден анонимен одбор директно од изворните јазици. Овој превод, пак, беше основниот текст што се користеше при преводот на околу 60 други јазици. Но, преведувачите на тие јазици сепак во голема мера се осврнуваа и на изворните јазици. Во овој превод изворниот текст е преведен дословно секаде каде што тоа не би ја извртело смислата. Преведувачите се трудат да ја направат Библијата исто толку разбирлива за денешните читатели колку што била разбирлива и за луѓето кога била напишана.

Некои лингвисти ги испитуваат современите преводи на Библијата — вклучувајќи го и Преводот Нов свет — за да најдат грешки и пристрасност во преведувањето. Еден таков лингвист е Џејсон Дејвид БеДун, вонреден професор по верски науки при Универзитетот во Северна Аризона во САД. Во 2003 год. тој објави елаборат од 200 страници во кој ги изнесе своите резултати од анализата на девет од „најчитаните Библии во англиското говорно подрачје“. * Тој анализирал неколку библиски извадоци кои се тема на разни полемики, зашто токму во тие стихови „има најголема веројатност пристрасноста да влијае врз преводот“. При анализата, грчкиот текст на секој од тие извадоци го споредувал со текстот во англиските преводи и проверувал дали под влијание на пристрасноста била сменета смислата. Каква била неговата оценка?

БеДун спомнува дека луѓето општо земено, како и голем број изучувачи на Библијата, сметаат дека разликите што ги има во Преводот Нов свет се резултат на пристрасноста на преведувачите. Меѓутоа, тој вели: „Повеќето разлики во Преводот Нов свет се должат на тоа што овој превод е поточен затоа што е дословен и внимателно направен“. И покрај тоа што не се согласува како некои стихови се преведени во Преводот Нов свет, БеДун вели дека овој превод „се истакнува како најточен од сите други преводи што беа споредени“. Тој го нарекува „извонредно добар“ превод.

Д-р Бенџамин Кедар, изучувач на хебрејскиот јазик од Израел, кажа нешто слично во врска со Преводот Нов свет. Во 1989 год., тој изјави: „Во ова дело се гледа дека е вложен искрен напор текстот да се преведе колку што е можно поточно и поразбирливо... Досега, во Преводот Нов свет немам најдено ниту еден обид пристрасно да се стави во текстот нешто што го нема“.

Прашај се: ‚Со каква цел ја читам Библијата? Дали сакам текст што е лесен за читање, но во кој не е обрнато внимание на точноста или сакам да ги читам мислите кои го пренесуваат изворниот, вдахновен текст колку што е можно поточно?‘ (2. Петрово 1:20, 21). Кога ќе одредиш со каква цел читаш, тоа ќе ти помогне да одредиш и кој превод да го читаш.

[Фуснота]

^ пас. 22 Покрај Преводот Нов свет, другите преводи биле The Amplified New Testament, The Living Bible, The New American Bible With Revised New Testament, New American Standard Bible, The Holy Bible —New International Version, The New Revised Standard Version, The Bible in Today’s English Version и King James Version.

[Слика]

„Свето писмо — превод Нов свет“ го има на многу јазици

[Слика на страници 12 и 13]

Масоретски ракописи

[Слика на страница 13]

Извадок во кој го има Лука 12:7, „... не плашете се, вие сте повредни од многу врапчиња“

[Извори на слики на страница 13]

Страница во преден план: National Library of Russia, St. Petersburg; втора и трета: Bibelmuseum, Münster; во позадина: © The Trustees of the Chester Beatty Library, Даблин