Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Кој е авторот на Библијата?

Кој е авторот на Библијата?

Гледиште на Библијата

Кој е авторот на Библијата?

БИБЛИЈАТА отворено кажува кој ја напишал. Различни делови од оваа книга почнуваат со изрази како: „зборови на Неемија“, „видение на Исаија“ и „речта Јеховина што му дојде на Јоил“ (Неемија 1:1; Исаија 1:1; Јоил 1:1). За некои историски записи се вели дека се запишани од Гад, Натан или Самоил (1. Летописи 29:29). Во натписот на некои псалми е кажано кој ги составил (Псалм 79; 88; 89; 90; 103 и 127).

Бидејќи биле користени луѓе да ја напишат Библијата, скептиците велат дека таа, како и секоја друга книга, е само производ на човечката мудрост. Но, дали држи ова мислење?

Четириесет писатели, еден Автор

Повеќето од писателите на Библијата потврдуваат дека пишувале во името на Јехова, единствениот вистински Бог, и дека нивното пишување го водел тој или некој негов ангел (Захарија 1:7, 9). Пророците кои ги напишале Хебрејските списи над 300 пати изјавиле: „Вака вели Јехова“ (Амос 1:3; Михеј 2:3; Наум 1:12). Многу од нивните записи почнуваат со зборови како: „Јеховината реч што му дојде на Осија“ (Осија 1:1; Јона 1:1). Во врска со Божјите пророци, апостол Петар рекол: „Луѓето ги кажуваа зборовите што доаѓаа од Бог така како што ги водеше светиот дух“ (2. Петрово 1:21).

Според тоа, точно е дека Библијата е составена од повеќе делови, но сите тие сочинуваат една складна целина, затоа што биле напишани од луѓе кои признаваат дека Бог го водел нивното пишување. Со други зборови, Бог користел луѓе како секретари што ги запишале неговите мисли. Како го направил тоа?

„Вдахновено од Бог“

„Целото Писмо е вдахновено од Бог“, објаснил апостол Павле (2. Тимотеј 3:16). Овој израз, „вдахновено од Бог“, значи дека Бог користел една невидлива сила која влијаела врз умот на луѓето што ја пишувале Библијата и им ја пренесувала неговата порака. Но, во друг случај Јехова самиот ги запишал своите зборови — тој лично ги запишал Десетте заповеди на камени плочи (2. Мојсеева 31:18). Понекогаш, пак, Бог директно им ја диктирал својата порака на своите слуги. Во 2. Мојсеева 34:27 стои: „Јехова понатаму му рече на Мојсеј: ‚Запиши си ги тие зборови...‘“

Во други прилики Бог им давал на луѓето виденија за она што сакал да го запишат. Така, Езекиел рекол: „Видов виденија од Бог“ (Езекиел 1:1). Слично, и „Даниел сони сон на својата постела и виденија му поминаа низ главата. Тогаш го запиша сонот“ (Даниел 7:1). Последната книга од Библијата, Откровението, му била пренесена на апостол Јован на сличен начин. Тој напишал: „Обземен од духот, се најдов во денот на Господарот, и чув зад себе силен глас, како звук на труба, како вели: ‚Она што го гледаш, напиши го во свиток‘“ (Откровение 1:10, 11).

Човечкото во неа

Иако Библијата е вдахновена од Бог, сепак писателите оставиле свој личен белег во неа. Всушност, тие морале да вложат труд за да ја запишат Божјата порака. На пример, писателот на библиската книга Проповедник рекол дека ‚се трудел да пронајде пријатни зборови и да ги напише точните зборови на вистината‘ (Проповедник 12:10). За да го состави својот историски запис, Езра истражил најмалку 14 други записи, како што се „летописите на цар Давид“ и „Книгата за царевите на Јуда и на Израел“ (1. Летописи 27:24; 2. Летописи 16:11). Лука, писателот на едно од евангелијата, ‚внимателно испитал сѐ од почетокот, за да напише сѐ по ред‘ (Лука 1:3).

Во некои библиски книги се гледаат карактеристиките на писателот. На пример, Матеј Леви, кој пред да стане ученик на Исус бил даночник, обрнал посебно внимание на бројките. Тој е единствениот од писателите на евангелијата кој запишал дека цената за која Исус бил предаден била ‚триесет сребреници‘ (Матеј 27:3; Марко 2:14). Лука, кој бил лекар, запишал точни детали поврзани со медицината. На пример, кога опишувал во каква состојба биле некои што Исус ги излекувал, користел изрази како „силна треска“, и „полн со лепра“ (Лука 4:38; 5:12; Колошаните 4:14). Од ова гледаме дека Јехова честопати дозволувал писателите да се изразат со свои зборови и на свој начин. Но, во исто време, тој ги водел нивните мисли за текстот да биде точен и да ја пренесе неговата порака (Изреки 16:9).

Конечниот производ

Зарем не е чудо што 40-тина мажи, кои пишувале во разни места и во период од 1.600 години, создале една книга во која владее потполн склад и во која се провлекува една единствена прекрасна тема? (Види ја статијата „За што зборува Библијата?“, на 19. страница.) Тоа би било невозможно доколку сите тие не биле водени од еден ист Автор.

Морал ли Јехова да користи луѓе за да ја напишат неговата Реч? Не. Но, со тоа ја покажал својата мудрост. Една од причините зошто Библијата ги привлекува луѓето општоземено е тоа што нејзините писатели уверливо ги пренесуваат сите човечки чувства — во случајот на цар Давид дури се пренесени и чувствата на вина на овој покајнички грешник кој го преколнувал Бог да му прости (Псалм 51:2-4, 13, 17, натпис).

Иако Јехова користел луѓе за да ја напишат неговата Реч, можеме да имаме потполна доверба во нивните записи, како што имале и првите христијани кои не ја прифатиле Библијата „како реч човечка, туку како реч Божја, каква што таа навистина е“ (1. Солуњаните 2:13).

СИ СЕ ПРАШАЛ ЛИ НЕКОГАШ?

◼ Кој е Авторот на „целото Писмо“? (2. Тимотеј 3:16).

◼ На кои начини Јехова Бог ги пренесувал своите мисли? (2. Мојсеева 31:18; 34:27; Езекиел 1:1; Даниел 7:1).

◼ Како се гледа дека писателите оставиле свој личен белег во она што го запишале? (Матеј 27:3; Лука 4:38).