Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Можеме ли да се потпреме на советите од Библијата?

Можеме ли да се потпреме на советите од Библијата?

Можеме ли да се потпреме на советите од Библијата?

‚Треба ли да му верувам на овој човек?‘ Можеби си се прашувал истото кога некој се обидел да ти продаде половен автомобил или кога некој политичар ветувал нешто во својата предизборна кампања. Не сакаш да си трошиш пари и време на производи и информации што не вредат многу.

МОЖЕБИ си мислиш: ‚Има ли во Библијата нешто што вреди да го знам? Ќе се исплати ли да вложам време и труд за да ја читам и да ја проучувам?‘ Следниве зборови од Библијата ни кажуваат како да дојдеме до одговорот на овие прашања: ‚Мудроста се оправда со своите резултати‘ (Матеј 11:19, Радосна Вест). Да, за да знаеме дали е паметно, односно ‚мудро‘ да послушаме нечиј совет или не, најдобро е да видиме какви резултати имале другите од тој совет. Еве што рекле некои луѓе кои вложиле време за да учат од Библијата. Нивните зборови ќе ти помогнат да одлучиш дали вреди да ја читаш и да ја проучуваш оваа уникатна книга.

Прашања во врска со смртта и задгробниот живот

Пред некое време, починала мајка ѝ на Карен. Таа живее во САД и уште од мала верувала дека сите добри луѓе, кога ќе умрат, одат на небо. Но, ова не ѝ било голема утеха. Се прашувала: ‚Како изгледа мајка ми сега кога е на небото? Како ќе ја најдам кога и јас ќе отидам таму, ако отидам? Кога ќе умрам, да не отидам не некое друго место?‘

Карен почнала темелно да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци. Научила дека мртвите не се на небото, туку дека се во слична состојба како кога длабоко спиеме. „Мртвите не се свесни за ништо“, пишува во Проповедник 9:5. Но, дали ќе може повторно да ја види мајка си?

Следнава јасна изјава од Библијата ја утешила и ѝ дала надеж: „Не чудете се на ова, зашто доаѓа часот во кој сите оние што се во гробовите ќе го чујат неговиот [Христовиот] глас и ќе излезат“ (Јован 5:28, 29). Карен дознала дека Богот за кој зборува Библијата ќе го користи својот Син за да ги врати мртвите во живот, и тоа овде на Земјата. „Библиските учења за смртта и воскресението се толку логични“, вели таа.

Кој е исправниот начин да му се служи на Бог?

Кога Анџела, девојка од Романија, имала 14 години, еден пентекостален свештеник се молел таа да добие свет дух, и навистина почнала да зборува на разни јазици. Меѓутоа, нејзините родители мислеле дека учењата на пентекосталците не се во склад со Библијата. Семејството престанало да оди на верските собири и почнало да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци.

Анџела отпрвин била разочарана, но набрзо видела дека има голема разлика меѓу обичаите на нејзината поранешна религија и учењата на Библијата. На пример, ги прочитала зборовите од Јован 17:3, каде што стои: „За да добијат вечен живот, треба добро да те запознаат тебе, единствениот вистински Бог, и оној кого го испрати, Исус Христос“. Анџела сфатила дека, за некој да добие наклоност од Бог, мора прво да го запознае. „Како можеше да го добијам Божјиот дух на таков посебен начин, кога не знаев речиси ништо за него?“, се прашувала. Таа вели: „Му благодарам на Јехова што преку својата вдахновена Реч ми помогна да дознаам кој е исправниот начин да му служам“.

Совети кои го менуваат животот

„Порано многу лесно избувнував“, вели Габриел од Индија. „Кога некој ќе ме испровоцираше, викав, фрлав работи по него, а се случуваше и да се степам. Проучувањето на Библијата ми помогна да се контролирам. Сега, дури и во напнати ситуации, останувам смирен.“

Габриел ги читал библиските стихови, како што е Изреки 16:32, каде што пишува: „Кој е бавен на гнев, подобар е од силниот човек, и кој владее со себеси, подобар е од оној што освоил град“. Дираж, кој исто така успеал да си го скроти карактерот, вели: „Истиот тој стих ми помогна да видам дека кога ќе изгубам контрола, тоа е знак за слабост, а кога успевам да се контролирам, тоа е доказ за сила“.

Филип бил гангстер од Јужноафриканската Република. Нераздвоен дел од животот му биле тепачките, кражбите и валканиот јазик. Лежел и во затвор за своите престапи. Но, и покрај таквиот живот, Филип копнеел да го запознае Бог. Откако почнал да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци, кај него се родила желба да му служи на Бог и решил да почне да води чист живот. Престанал со лошите навики и престанал да се дружи со криминалци. Кои библиски вистини го поттикнале да се смени?

Јеховините сведоци му ги покажале зборовите на Исус запишани во Јован 6:44. Таму пишува: „Никој не може да дојде кај мене, ако не го привлече Таткото, кој ме испрати“. Филип вели: „Јехова виде нешто добро кај мене и ме привлече кон својот народ, кон ова прекрасно братство“. Исто така, до срце го допреле библиските записи за тоа колку милостив е Јехова со престапниците што се каат. „Овие записи“, вели Филип, „ми помогнаа да видам колку е разумен Јехова со несовршените луѓе што се каат“ (2. Самоилова 12:1-14; Псалм 51).

Вејд, млад Австралиец, пиел и се дрогирал, се коцкал и имал врски со многу жени. Но, не бил среќен. Еден ден разговарал со Јеховините сведоци и прифатил да ја проучува Библијата. Што научил?

„Силен впечаток ми остави како Исус постапувал со другите“, вели Вејд. „Тој со секого бил љубезен, сочувствителен и им покажувал љубов на сите, вклучувајќи ги и децата. Колку повеќе учев, толку повеќе сакав да бидам како него. Од Библијата научив како да бидам вистински маж и како да станам подобар човек.“ Но, што е со сите лоши работи што ги направил? Вејд продолжува: „Од Библијата научив дека, ако се покајам за гревовите и ако се променам, Бог ќе ми прости. Всушност, имам можност да живеам засекогаш во Рајот на Земјата. Конечно можев да се радувам на иднината!“ (Матеј 5:5). Вејд почнал да живее чист живот и сега му служи на Јехова со чиста совест.

Овие изјави ги дадоа луѓе кои сакале да си го подобрат животот. Тие ја проучувале Библијата за да видат дали нејзините учења можат да им помогнат со проблемите и прашањата што ги имале. Добрите резултати што произлегле од тоа ги увериле дека можат да се потпрат на практичните совети од Библијата, а на нив можеш да се потпреш и ти.

Една стара вдахновена изрека вели: „Среќен е човекот што ќе најде мудрост и човекот што ќе стане прониклив, зашто подобро е да стекнеш мудрост отколку да стекнеш сребро, и таа е поголема добивка и од златото. Поскапоцена е од бисерите, па и сѐ што ти е мило не може да се спореди со неа. Долгиот живот ѝ е во десницата, а богатството и славата — во левицата. Нејзините патишта се патишта на задоволството, и сите нејзини патеки се полни со мир. Таа е дрво на животот за оние што ќе ја прифатат, и за среќни се прогласени оние што цврсто ја држат“ (Изреки 3:13-18).

[Рамка/слика на страница 25]

КАКО БИБЛИЈАТА МУ ПОМОГНАЛА НА ЕДЕН ЗАТВОРЕНИК

Бил имал среќен брак. Но, пред првата годишнина од бракот, отишол в затвор поради грешките што ги направил со години претходно.

Откако поминал шокот поради тоа што ја изгубил слободата, Бил решил да го искористи времето в затвор за корисни работи. „Со часови лежев в кревет читајќи ја и проучувајќи ја Библијата“, вели тој. Почнал и да го применува она што го учел. „Бев љубезен и пријатен со другите затвореници, кои видоа дека не сакам да го правам она што го правеа тие. За мене велеа: ‚Бил сака да си ја отслужи казната по свое, да ги запознае Бог и Библијата. Тој никому нема да му прави проблеми‘.

Бидејќи бев на таков глас, другите затвореници не ме вмешуваа во нивните расправии и во некои други непријатни ситуации. На стражарите им стана јасно дека нема да им правам белји. По некое време почнаа да ме препорачуваат за работни места кои ми овозможуваа во текот на речиси целиот ден да бидам понастрана од другите затвореници. За мене беше голема заштита тоа што го применував она што го учев од Библијата.“

Бил одел на состаноците што Јеховините сведоци ги одржувале во затворот и ревносно им кажувал на другите затвореници за она што го учел. Се крстил како Јеховин сведок додека ја отслужувал својата казна. Тој си спомнува: „Речиси 50 години од животот ми отидоа во ветар, и сакав да се подобрам. Уверен сум дека единствениот начин на кој еден затвореник може да го стори тоа е ако се држи за библиските учења. А единствениот начин точно да се разбере Библијата е да се проучува со Јеховините сведоци. Тие се единствената религија што ги учи луѓето која е вистината од Библијата. Тоа е тоа“.

Бил сега е на слобода и ревносно служи во едно собрание на Јеховините сведоци во САД. Тој и жена му и понатаму ја проучуваат Божјата реч и се држат за нејзините учења. Тие сфаќаат колку се вистинити зборовите во Исаија 48:17, 18: „Јас, Јехова, сум твој Бог, кој те учи да го правиш она што е за твое добро, кој те води по патот по кој треба да одиш. О, да внимаваше на моите заповеди! Твојот мир ќе беше како река и твојата праведност како морски бранови“.

[Слика на страница 23]

Карен (САД)

[Слика на страница 23]

Анџела (Романија)

[Слика на страница 24]

Дираж (Индија)

[Слика на страница 24]

Габриел (Индија)

[Слика на страници 24 и 25]

Филип со семејството (ЈАР)

[Слика на страница 24]

Вејд (Австралија)