Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Совети за безбедно возење

Совети за безбедно возење

Совети за безбедно возење

МИЛИОНИ луѓе денес сметаат дека моторните возила се потреба. Меѓутоа, возењето си има и своја цена. Статистиката покажува дека секоја година повеќе од 1.200.000 лица низ целиот свет го губат животот во сообраќајни незгоди! Според тоа, не би ни било на одмет да научиме како да возиме безбедно. Да разгледаме неколку практични чекори што би можеле да ги преземеме.

Внимавај на себе

Според еден извештај во Australian Journal of Social Issues, меѓу најважните чекори што би можел да ги преземе еден возач за да ја намали опасноста од судир е да води сметка како вози. Затоа, пред да седне зад воланот, возачот треба добро да размисли дали е во состојба да вози. Заморот може да го затапи разумот и да ги забави рефлексите. Службата за копнен сообраќај на Филипините вели дека гневот, загриженоста и возбудата се емоции кои влијаат врз тоа како некој вози, и тие можат да го наведат возачот да донесе погрешни одлуки и да стане агресивен.

Треба да се земе предвид и неговата физичка состојба бидејќи некои болести и повреди можат да му ја намалат способноста да вози безбедно. Ако го цени животот на другите, тој нема да седне зад волан кога е под дејство на алкохол. Употребата на дрога или лекови, како и неговата физичка состојба, исто така може да му ги забави рефлексите. Во некои случаи подобро е да не вози или, пак, да вози некој друг.

Внимавај како возиш

Со порастот на бројот на возила, особено во земјите во развој, се зголемува и бројот на неискусни возачи. Од таа причина, добро е да се земат предвид две работи што може да ги направи секој возач за да избегне судир.

Биди многу претпазлив! Внимавај на можните опасности и однапред и одзади, и обиди се да предвидиш каде ќе се движат другите возила — вклучувајќи ги и нивните погрешни движења. Бидејќи голем процент од сообраќајните незгоди настануваат затоа што возачите многу им се приближуваат на возилата пред или до нив, еден разумен возач ќе внимава да задржи безбедно растојание од другите возила.

Биди свесен за мртвите агли и за опасноста да бидеш деконцентриран. Сврти ја главата за да видиш што се случува околу тебе и не потпирај се само на ретровизорите. Избегнувај да правиш нешто што ќе ти го одземе вниманието додека возиш. Не обидувај се да правиш повеќе работи во исто време. Разговарањето по телефон или управувањето со други апарати ја намалуваат концентрацијата.

Ако возиш мотор: Некои стручњаци велат дека бројот на смртни случаи во сообраќајна несреќа во однос на изминати километри е 37 пати поголем кај мотоциклистите отколку кај возачите на автомобил. Кои заштитни мерки би можел да ги преземеш? Двата совета што беа наведени погоре важат и за оние што возат мотор. Еве уште неколку дополнителни препораки што ги дава Американската фондација за безбедно возење со мотор: „Биди видлив“. Води сметка другите лесно да можат да те забележат. Вози со вклучено светло. Пази да не им влезеш во мртов агол на другите возила. „Носи заштитна опрема“. Носи кацига и облека со која ќе бидеш повидлив за другите возачи и која ќе ти даде поголема заштита. „Вози многу претпазливо“. Биди свесен дека другите можеби нема да те видат.

Провери го возилото

Возачот треба да внимава како вози, а и самото возило треба да биде во добра состојба. Сопирачките треба да бидат во исправна состојба, а истото важи и за другите делови од автомобилот. Гумите не треба да бидат излижани бидејќи така ќе се намали можноста од пролизгување. Со добро напумпани гуми возачот полесно го управува возилото и може полесно да кочи. Повеќето возила денес имаат безбедносни појаси, но тие би биле бескорисни ако не се стават.

Прилагоди се на условите на патот. Мокриот коловоз, особено кога е замрзнат или кога врне снег, може да влијае врз патот на кочење и врз управливоста на возилото. За ноќно возење, фаровите треба да бидат во исправна состојба и треба да се вози со помала брзина. Животот е дар од Бог. Според тоа, би требало да сториме сѐ што можеме за да го заштитиме, а тоа вклучува и да научиме како да возиме безбедно.

[Рамка/слика на страница 13]

КАКО ДА ШТЕДИШ ГОРИВО

Вози смирено: Со често притискање на педалата за гас и на кочницата се троши доста гориво

Не оставај моторот да работи во место: Денешните автомобили обично не треба да се загреваат пред да тргнат. Ако треба да стоиш во место повеќе од половина минута, исклучи го моторот.

Одржувај го притисокот во гумите: Добро напумпаните гуми се тркалаат полесно, а со тоа значително се штеди гориво.

Немој да возиш брзо: Брзото возење не е многу безбедно и троши многу гориво.

[Графикон/слика на страница 11]

❏ Биди претпазлив

❏ Користи појас

❏ Концентрирај се на возењето

[Графикон/слика на страница 12]

❏ Внимавај на мртвите агли

❏ Сопирачките мора да се во исправна состојба

❏ Гумите нека бидат добро напумпани

❏ Нека не бидат излижани

❏ Задржи безбедно растојание

[Графикон/слика на страница 13]

❏ „Носи заштитна опрема“

❏ „Биди видлив“

[Графикон/слика на страница 13]

❏ Провери ги фаровите