‚Да се заузда склоноста кон себичност‘
‚Да се заузда склоноста кон себичност‘
● ГИБРАЛТАР, кој се наоѓа на јужниот крај од Пиринејскиот Полуостров, во текот на својата бурна историја бил многупати дословно напаѓан и окупиран. Но, еден викенд од октомври 2008 год., градот мирољубиво го „окупираа“ речиси илјада Шпанци. Тие дојдоа да изградат Сала на Царството во која ќе се состануваат двете собранија на Јеховините сведоци во Гибралтар.
Главниот министер на владата изјави за Разбудете се! дека Гибралтар им изразил добредојде на неколку стотини лица кои дошле да работат на проектот. Како што кажа тој, „тие дадоа свој придонес за доброто на една општина. Оваа група Јеховини сведоци е најголемата група што некогаш дошла во Гибралтар да работи на еден проект, а згора на сѐ и волонтерски“.
Локалните власти го поддржаа проектот од самиот почеток. Тие љубезно им отстапија на Сведоците погоден плац за градба на ваков објект. На што се должеше нивната дарежливост?
„Мислам дека побожноста е позитивна карактеристика на секое општество“, објасни главниот министер. „Сите религии во Гибралтар имаат уставно право на слобода на вероисповед, што значи дека владата има морална обврска да не прави религиозна дискриминација. Освен тоа, обезбедувањето соодветен плац за да можат Сведоците да изградат свој верски објект е во интерес на месното население.“
„Мораме да ја зауздаме општата склоност кон себичност“, додаде тој. „Вашата група од ревносни доброволци покажа дека такво нешто е можно.“
Иако бурата го одложи почетокот на градбата, Салата на Царството беше довршена во понеделник, односно на третиот ден. „Многумина од доброволците изразија желба да останат во Гибралтар уште еден ден за да го завршат проектот“, објаснува Секундино Ногал, кој ја надгледуваше целата работа. „Веќе сме навикнати да решаваме ваков вид проблеми. Нашиот метод на градба налага да бидеме прилагодливи. Но, пред сѐ, налага да бидеме несебични, и токму затоа оваа работа ни носи толкаво задоволство.“ *
[Фуснота]
^ Во локалниот весник Gibraltar Chronicle стоеше следново: „Тој викенд, додека беснееше силно невреме, Јеховините сведоци во Гибралтар... за само три дена го изградија својот храм [Салата на Царството] со цела војска од доброволци“.