Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Книга во која можеш да имаш доверба — втор дел

Книга во која можеш да имаш доверба — втор дел

Книга во која можеш да имаш доверба — втор дел

Асирија во библиската историја

Ова е втора од седумте статии што ќе излезат во „Разбудете се!“, а зборуваат за седумте светски сили од библиската историја. Нивна цел е да покажат дека Библијата е веродостојна и вдахновена од Бог и дека нејзината порака влева надеж дека ќе им дојде крајот на страдањата што се последица на суровото владеење на луѓето.

НА ДРЕВНИТЕ народи кои живееле на Блискиот Исток им се смрзнувала крвта во жилите од самата помисла на Асирија. Според библиската книга што самиот ја напишал, пророкот Јона добил задача од Бог да објави осуда во Ниневија, главниот град на Асирија. Но, наместо да ја изврши задачата, тој побегнал во спротивен правец! (Јона 1:1-3). Една можна причина за неговото бегство бил стравот од Асирците кои биле озлогласени по својата суровост.

Веродостојна историја

Библискиот пророк Наум ја опишал Ниневија како ‚дувло на лавови‘ и како ‚крволочен град‘, а потоа додал: „Никогаш не е без плен! Се слуша бич и трескот на тркала, коњите јурат, колите потскокнуваат. Коњаник на коњ, пламен од меч, блесок на копје, мноштво убиени, купишта трупови, на мртвите тела им нема крај. На мртвите тела се сопнуваат“ (Наум 2:11; 3:1-3). Дали световната историја го потврдува она што Библијата ни го кажува за Асирија?

Книгата Светлина од древното минато (Light From the Ancient Past) ја нарекува Асирија „безмилосна воена машинерија која, со своите крвнички воени тактики, сеела страв меѓу непријателите за да може полесно да ги покори“. Кога раскажувал за оние што му се противеле, асирскиот цар Асурнасирпал II се фалел со зборовите:

„Пред градската порта изградив столб. На сите главатари кои се спротивставија им ја одрав кожата и со неа го покрив столбот. Некои ги заѕидав во столбот, некои ги набив на колци на врвот од столбот... Им отсекував раце и нозе на... дворјаните кои дадоа отпор... Многу заробеници ги изгорев живи, а многумина одведов во ропство“. При ископувањата на асирските царски палати, археолозите нашле ѕидови украсени со прикази на грозоморно мачење на заробеници.

Во 740 год. пр.н.е., Асирија ја освоила Самарија, главниот град на северното царство Израел, и ги одвела нејзините жители во ропство. По осум години, Асирија ја нападнала Јуда a (2. Царевите 18:13). Асирскиот цар Сенахирим побарал од јудејскиот цар Езекија данок од 30 таланти злато и 300 таланти сребро. Според библискиот извештај, овој данок бил исплатен. Па сепак, Сенахирим барал Ерусалим, главниот град на Јуда, безусловно да му се предаде (2. Царевите 18:9-17, 28-31).

Во Ниневија, археолозите нашле извештај за истиот настан во аналите на Сенахирим. Во текстот, кој е испишан на шестоаголна глинена призма, асирскиот цар се фалел: „А Езекија, Евреинот, не се покори под мојот јарем, па поставив опсада околу неговите 46 утврдени градови и безбројните мали села во нивна близина, и (ги) освоив... Него [Езекија] го затворив во Ерусалим, неговата царска престолнина, како птица во кафез“. Потоа, Сенахирим тврди дека Езекија му испратил „30 таланти злато, 800 таланти сребро, скапоцени камења... (и) секакви богатства“, зголемувајќи ја сумата сребрени таланти што навистина ја добил.

Меѓутоа, забележи дека Сенахирим не тврди дека го освоил Ерусалим. Всушност, тој не спомнува ништо за понижувачкиот пораз што Бог ѝ го нанел на неговата војска. Според Библијата, Божји ангел убил 185.000 асирски војници за една ноќ (2. Царевите 19:35, 36). Изучувачот Џек Финеган вели: „Со оглед на тоа што во натписите на асирските цареви преовладува фалбаџиски тон, речиси е незамисливо Сенахирим да дозволи да се запише таков пораз“.

Веродостојни пророштва

Околу еден век пред да падне Асирското Царство, Исаија објавил дека Јехова Бог ќе ги повика на одговорност овие горди освојувачи поради нивната дрскост кон неговиот народ. Тој рекол: „Јехова ќе се пресмета со асирскиот цар поради дрските дела на неговото срце и поради вообразеноста на неговите надмени очи“ (Исаија 10:12). Освен тоа, Божјиот пророк Наум претскажал дека Ниневија ќе биде опљачкана, нејзините порти ќе им бидат отворени на непријателите, а нејзините стражари ќе бегаат (Наум 2:8, 9; 3:7, 13, 17, 19). Библискиот пророк Софонија напишал дека градот ќе биде претворен во „пустош“ (Софонија 2:13-15).

Овие пророштва за уништување се исполниле во 632 год. пр.н.е., кога здружените сили на Вавилонците и Медијците ја освоиле Ниневија, со што му бил ставен срамен крај на Асирското Царство. Во една вавилонска хроника што коментира за овој настан стои дека освојувачите „зеле голем плен од градот и од храмот“ и ја претвориле Ниневија „во куп урнатини“. Денес, ископаните урнатини на источниот брег од реката Тигар, спроти градот Мосул, во Ирак, сведочат дека Ниневија навистина станала пустош.

Со уништувањето на Асирија е исполнето уште едно библиско пророштво. Нешто порано, во 740 год. пр.н.е., Асирија го освоила 10-племенското царство и ги одвела во ропство неговите жители. Некаде во тоа време, Божјиот пророк Исаија претскажал дека Јехова ‚ќе го скрши Асирецот‘, ‚ќе го згази‘ и ќе го врати Израел во неговата татковина. Исаија напишал: „Јехова... ќе ја испружи раката да го собере остатокот од својот народ, кој ќе преостане, од Асирија“. Двесте години подоцна, токму тоа и се случило! (Исаија 11:11, 12; 14:25).

Сигурно ветување

Долго време пред да падне Ниневија, додека нејзините цареви сѐ уште сееле страв меѓу своите непријатели, Исаија го претскажал владеењето на еден поинаков цар. Тој напишал: „Ни се роди дете, добивме син, кој на рамото ќе има кнежевска власт. Името ќе му биде... Кнез на Мирот. Неговата кнежевска власт ќе се простира надалеку, и на мирот на Давидовиот престол и во неговото царство ќе му нема крај, за да се утврди и втемели врз правдата и врз праведноста, отсега па довека. Тоа ќе го направи ревноста на Јехова над војските“ (Исаија 9:6, 7).

Владеењето на ‚Кнезот на Мирот‘, Исус Христос, ќе се протега низ целата земја. Псалм 72:7, 8 вели: „Во неговите дни ќе процвета праведникот и ќе има голем мир сѐ додека постои месечината. Ќе има поданици од море до море и од Реката до краиштата на земјата“.

Преку овој моќен „Кнез на Мирот“, Јехова Бог ќе го исполни ветувањето од Псалм 46:8, 9, каде што стои: „Дојдете, гледајте ги делата на Јехова, зачудувачките работи што ги направи на земјата! Ги прекинува војните до крајот на земјата. Го крши лакот, го здробува копјето, со оган ја пали колата“.

Добар вовед во исполнувањето на ова библиско пророштво е библиската образовна програма која, по примерот на Исус, ја спроведуваат Јеховините сведоци за да им помогнат на другите да живеат во мир. Бог навистина ќе го исполни библиското пророштво од Исаија 2:4, кое гласи: „Тие ќе ги прековаат своите мечеви во плугови и своите копја во српови. Народ против народ повеќе нема да крева меч и повеќе нема да учат да војуваат“. Спротивно на ова, светот и неговите владетели денеска трошат стотици милијарди долари годишно на воени цели!

Точната историја и веродостојните пророштва ја издвојуваат Библијата од сите други книги. За оние што искрено ја бараат вистината, тие се јасен доказ дека Библијата е книга во која можеме да имаме доверба. Во следната статија од овој циклус ќе стане збор за Вавилон, главниот град на третото големо царство од библиската историја.

[Фуснота]

a По владеењето на цар Соломон, израелскиот народ, кој го сочинувале 12 племиња, се поделил — племињата на Јуда и Венијамин станале јужно царство, а другите десет племиња, северно. Главен град на јужното царство бил Ерусалим, а на северното Самарија.

[Карта на страница 26]

(Види во публикацијата)

АСИРСКОТО ЦАРСТВО

МЕДИЈА

АСИРИЈА

Корсабад

Ниневија

Кала

Асур

Вавилон

Тигар

Еуфрат

Средоземно Море (Големо Море)

Самарија

Ерусалим

ЕГИПЕТ

[Слика на страница 26]

Големи крилести бикови со човечки глави ги краселе палатите на асирските цареви

[Слика на страница 27]

Призма на која се испишани фалбите на Сенахирим за освојувањето на Јуда

[Слика на страници 26 и 27]

Релјеф издлабен врз камен прикажува заробеници кои ги дерат живи

[Извор на слика на страница 27]

Страница 26, горе, временска линија: Египетски ѕиден релјеф и биста на Нерон: Фотографија направена со љубезна дозвола на British Museum; персиски ѕиден релјеф: Musée du Louvre, Париз; долу, крилест бик и страница 27, и двете фотографии се направени со љубезна дозвола на British Museum