Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да бидеме поправедни

Како да бидеме поправедни

Како да бидеме поправедни

НАШИОТ Творец сака да бидеме среќни, да имаме внатрешен мир и да придонесеме за среќата на другите. Затоа, од нас бара ‚да постапуваме праведно и да ја сакаме добротата‘ (Михеј 6:8). Како можеме да успееме во тоа? Треба да развиваме особини што ќе ги потиснат карактеристиките кои поттикнуваат на неправда. Да видиме како може Библијата да ни помогне во тоа.

ДА ЈА ПОБЕДИМЕ АЛЧНОСТА. Најмоќното оружје против алчноста е љубовта — љубовта која не е само чувство или романтична привлечност, туку самопожртвуваната љубов кон другите. Таа ‚љубов е љубезна и не ја бара својата корист‘, стои во 1. Коринќаните 13:4, 5. Освен тоа, ваквата љубов не се покажува само кон семејството и пријателите. „Ако ги сакате оние што ве сакаат вас, каква ви е платата?“ прашал Исус и додал дека дури и оние што не го познаваат Бог ги сакаат оние што ги сакаат нив (Матеј 5:46).

ДА ГИ ПОБЕДИМЕ ПРЕДРАСУДИТЕ. Во Дела 10:34, 35 пишува: „Бог не е пристрасен, туку во секој народ го прифаќа оној што се бои од него и го прави она што е праведно“. Бог не ги суди луѓето според нивната раса, социјален статус или пол. За него „нема повеќе ни Евреин ни Грк, нема ни роб ни слободен, нема ни машко ни женско“ (Галатите 3:28). Кога го следиме примерот на Бог, ги надминуваме предрасудите. Тоа се гледа од она што ѝ се случило на Дороти од Соединетите Држави.

Дороти била толку гневна поради расните предрасуди што сакала да се вклучи во еден вооружен бунт за да им ги намали страдањата на обесправените црнци. Но, во тоа време отишла на еден состанок на Јеховините сведоци и голем впечаток ѝ оставила срдечноста со која ја дочекале и црнците и белците. По кратко време сфатила дека само Бог може вистински да ги смени луѓето. Кога ја почувствувала искрената љубов што ѝ ја покажувале Сведоците од бела раса — луѓе за кои рекла дека „со мирна совест би ги убила за да ѝ помогне на револуцијата“ — толку „била трогната“ што не можела да ги сопре солзите.

ДА ГО ПОБЕДИМЕ ДЕСТРУКТИВНОТО ОДНЕСУВАЊЕ. Пред да станат христијани, некои од првите следбеници на Исус биле пијаници, изнудувачи, развратници и зборувале погрдно. Сепак, со помош од Бог успеале тие негативни карактеристики да ги заменат со љубов, љубезност и доброта (1. Коринќаните 5:11; 6:9-11; Галатите 5:22). Слично и денес, милиони луѓе направиле промени на подобро со тоа што почнале да му служат на Бог. Пример за тоа е Фајрудин, кој живее во Азербејџан.

Фајрудин израснал во сиропиталиште каде што често се тепал со другите деца. Како возрасен, станал инструктор за борба гради в гради. „Бев груб, суров и насилен“, вели тој. „Кога јадевме, ако жена ми Зара заборавеше нешто — макар и чепкалка за заби — ќе ја истепав. А го тепав и секој што ќе ја погледнеше додека одевме заедно некаде!“

Еден ден Фајрудин бил многу трогнат кога дознал дека Исус го молел Бог да им прости на војниците што го приковале (Лука 23:34). ‚Само Божјиот Син би направил такво нешто‘, помислил тој. Оттогаш сакал да дознае повеќе за Бог. Кога Јеховините сведоци му се понудиле да му помогнат, веднаш прифатил да ја проучува Библијата. За кратко време, почнал да се менува како личност. Почнал да постапува толку убаво со Зара што и таа прифатила да ја проучува Библијата. Денес и двајцата обединето и сложно му служат на Бог.

Се разбира, промените што можеби ние ќе ги направиме во нашата личност нема да го сменат целиот свет! Но, што ако Бог има намера да направи нов свет во кој ќе владее вистинска правда? Тој во секој случај има моќ да го направи тоа! А размисли и за ова — од зборовите во 2. Тимотеј 3:1-4, цитирани на почетокот на претходната статија, видовме дека Библијата јасно прорекла какви ќе бидат луѓето општо земено денес. Тоа пророштво се исполнува до најситен детаљ — како и многу други библиски пророштва. Според тоа, не се залажуваме кога сериозно го сфаќаме Божјето ветување дека наскоро ќе им дојде крај на сите неправди. Да, Бог сигурно ќе го направи тоа. Како?

[Рамка/слика на страница 7]

ХАЈДИ ВО ПОТРАГА ПО ПРАВДА

„Ме вознемируваа расизмот, војните, сиромаштијата и другите неправди, па затоа барав решение“, раскажува Хајди која живее во САД. „Едно време се приклучив на движењето за човекови права, па дури и станав член на една политичка партија, но се гледаше дека тие не можат да направат некои значајни промени.

Сметав дека е потребна подрастична промена, а како можно решение ми се виде хипи-движењето. Сепак, и тоа ме разочара. Видов дека многу хипици повеќе беа заинтересирани за секс, дрога и рокенрол отколку за тоа да направат промени во системот — факт поради кој паднав во длабока депресија. Тогаш сретнав една жена која беше Јеховин сведок. Таа ми покажа од Библијата какви промени Бог има намера да направи. На пример, ми прочита стихови како што се Откровение 21:3, 4, каде што пишува дека Бог ќе ги избрише солзите од очите на луѓето и ќе им стави крај на тагата, лелекот и болките, кои често се последица на неправдите. ‚Зарем може ова да стане вистина?‘ се прашував.

Сите мои сомнежи исчезнаа кога прочитав што кажува Библијата за моќта и љубовта на Бог и кога и самата ја почувствував таа љубов меѓу Јеховините сведоци. Сега желно исчекувам Бог да ги исполни своите ветувања.“

[Слика на страница 6]

Ќе ги надминеме предрасудите ако покажуваме љубов како Божјата

[Слика на страница 6]

Фајрудин и неговата жена Зара