Гледав неправда на секој чекор
РОДЕН сум во 1965 год. во сиромашно семејство во Северна Ирска. Пораснав во грофовијата Дери за време на судирите помеѓу католиците и протестантите кои траеја над 30 години. Католиците сметаа дека се дискриминирани од страна на протестантското мнозинство во власта обвинувајќи го за изборни манипулации, полициска бруталност, дискриминација во однос на вработувањето и за неправилности во станбената политика.
Гледав неправда на секој чекор. Не ни памтам колку пати бев претепан, извлечен од кола или колку пати ми беше вперен пиштол. Полицијата и војниците безброј пати ме испрашуваа и ме претресуваа. Се чувствував обесправен и си мислев: ‚Ми останува или да се помирам со ова или да возвратам!‘
Во 1972 год., учествував во протестните маршови во сеќавање на 14-те души што британските војници ги убија во Крвавата недела. Учествував и во маршовите по штрајкот со глад во чест на републиканските затвореници кои во 1981 год. гладуваа до смрт. Поставував забранети знамиња и пишував антибритански графити. Секогаш имаше ново
ѕверство или убиство на католик, а тоа за нас беше повод да протестираме. Често се случуваше еден мирен протест да прерасне во насилен бунт.На факултет се приклучив на студентските протести за зачувување на природата. Подоцна се преселив во Лондон. Таму учествував во социјалистички маршови против владината политика која се чинеше дека работи во корист на повисоките класи, а на штета на сиромашните. Учествував во синдикалните штрајкови против намалувањето на платите, а во 1990 год. и во маршот против воведувањето личен данок. Учесниците во тој марш направија големи штети на плоштадот Трафалгар.
Но, по некое време се разочарав од сѐ. Со протестите не само што не ги остваривме нашите цели туку уште повеќе се разгоре омразата.
И покрај искрените мотиви, луѓето не можат да донесат правда
Некаде во тоа време, еден пријател ме запозна со Јеховините сведоци. Тие ми покажаа од Библијата дека на Бог не му е сеедно кога гледа дека страдаме и дека ќе ја отстрани сета штета што ја предизвикуваат луѓето (Исаија 65:17; Откровение 21:3, 4). И покрај искрените мотиви, луѓето не можат да донесат правда. Потребно ни е водство од Бог. Освен тоа, само тој има моќ да го отстрани влијанието на демонските сили кои се одговорни за многу проблеми во светот (Еремија 10:23; Ефешаните 6:12).
Сега ми е јасно дека учеството во протести е како да се трудиш со лажица да црпиш вода од брод што тоне. Многу ми олесна кога дознав дека иде време кога ќе нема неправди и кога сите ќе бидат еднакви.
Од Библијата учиме дека Јехова Бог „ја сака правдата“ (Псалм 37:28). Ова е една причина зошто можеме да бидеме сигурни дека тој ќе воспостави правда — нешто што е невозможно за луѓето (Даниел 2:44). Ако сакаш да дознаеш повеќе, можеш да стапиш во контакт со Јеховините сведоци во твоето место или да одиш на нашата интернет-страница www.mr1310.com/mk.