Дали и ти си ‚на гозба без престан‘?
„Сите денови на страдалникот се лоши, а кој има весело срце, на гозба е без престан“ (Изреки 15:15).
ШТО значат овие зборови? Тие се однесуваат на тоа како некој размислува и се чувствува. „Страдалникот“ размислува негативно — став поради кој сите денови му се „лоши“, т.е. тмурни. За разлика од него, оној што „има весело срце“ се труди да се концентрира на позитивното — став што го исполнува со радост и поради кој „на гозба е без престан“.
Сите имаме проблеми поради кои може на моменти да ја изгубиме радоста. Сепак, би можеле да преземеме неколку чекори што ќе ни помогнат да останеме радосни во тие тешки времиња. Да разгледаме што вели Библијата за тоа.
Не дозволувај грижите за тоа што ќе биде утре да те срушат денес. Исус Христос рекол: „Не бидете загрижени за утрешниот ден, зашто утрешниот ден ќе си има свои грижи. На секој ден му е доволно неговото зло“ (Матеј 6:34).
Размислувај за убавите работи што си ги доживеал. Всушност, кога си потиштен, би можел да си направиш список со тие убави работи и да размислуваш за нив. Освен тоа, не размислувај за поранешните грешки или за лошите работи што си ги правел. Учи од нив и оди напред. Биди како возач кој погледнува во ретровизорот, но не гледа во него цело време. Исто така, не заборавај дека „во [Бог] е вистинското простување“ (Псалм 130:4).
Кога грижите ќе те притиснат, довери му се на некој што ќе те разведри. Во Изреки 12:25 стои: „Од загриженост срцето на човекот му премалува, а добриот збор го радува“. „Добриот збор“ може да дојде од некој од семејството или од пријател во кого имаш доверба — пријател што не е циничен или песимистичен, туку кој „сака во секое време“ (Изреки 17:17).
Мудрите изреки од Библијата им помогнале на многу луѓе повеќе да му се радуваат на животот, дури и во тешки периоди. Се надеваме дека овие скапоцени изреки ќе ти бидат од помош и тебе.