Поглед во светот
Германија
Во 2012 год., еден од највисоките судови во Германија донесе одлука дека оние што официјално ќе истапат од црква со статус на јавна институција, повеќе не се дел од таа религија. На католиците кои ќе ја напуштат црквата и повеќе не плаќаат црковен данок, а сепак одат на богослужба, може да им биде одземено правото да се причестуваат, да се исповедаат, да имаат функции во црквата, па дури и црковен погреб.
Свет
Едно истражување во врска со религиите во светот покажа дека бројот на оние што се изјаснуваат дека „не припаѓаат на ниедна религија“, иако тоа не мора да значи дека се атеисти, сега достигна 1,1 милијарди. Тие се на трето место веднаш по христијанството со 2,2 милијарди припадници и исламот со 1,6 милијарди. Хиндуизмот е на четврто место со околу 1 милијарда верници.
Јапонија
Јапонските научници утврдиле дека „пофалбата активира исти делови од мозокот како и кога ќе добиеме некоја награда“ и дека создава „чувство на среќа“. Се чини дека ова откритие го потврдува мислењето дека пофалбата е одличен начин да поттикнеш некого да се подобри.
Боливија
Кон крајот на 2012 год., во Боливија беше спроведен државен попис. За да бидат точни резултатите, на жителите на Боливија им беше кажано да останат во своите домови на денот на пописот. Освен тоа, не беше дозволено да се возат приватни возила, границите беа затворени и беше забрането да се пие алкохол.
Италија
Според една анкета, Италијанците во просек си играат со своите деца 15 минути дневно. „Од 5 родители само 1 смета дека играњето е поучно“, пишува во La Repubblica. Преку игра родителите им помагаат на децата да ја развиваат својата фантазија и „да почитуваат правила“, вели Андреа Анџолино кој осмислува игри на табла.