Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СОВЕТИ ЗА СЕМЕЈСТВАТА | РОДИТЕЛИ

Научи ги децата на самоконтрола

Научи ги децата на самоконтрола

ПРЕДИЗВИК

Твоето шестгодишно дете воопшто не знае да покажува самоконтрола. Кога ќе види нешто што му се допаѓа, сака веднаш да го има. Ако се разлути, почнува да вришти. Можеби се прашуваш: ‚Дали е нормално едно дете да се однесува на ваков начин? Дали ова е само една фаза која треба да чекам да помине или сега е време да го научам на самоконтрола?‘

ШТО ТРЕБА ДА ЗНАЕШ

Денешното општество ја потценува самоконтролата. Во една од своите книги д-р Дејвид Волш напишал: „Во нашето толерантно општество, на возрасните и на децата постојано им се кажува дека треба да прават сѐ што сакаат“ (No: Why Kids — of All Ages — Need to Hear It and Ways Parents Can Say It). Освен тоа, во многу книги за самопомош постојано се вели дека треба да им се препуштиме на нашите желби.

Важно е уште од мали нозе да ги научиш децата на самоконтрола. Во едно долгогодишно истражување биле вклучени деца на четиригодишна возраст. Истражувачите му дале на секое дете по едно колаче и му кажале дека може веднаш да го изеде колачето или да почека малку и да добие уште едно како награда за стрпливоста. Подоцна, кога завршувале средно училиште, децата кои покажале самоконтрола на четири години биле емоционално постабилни, имале подобри односи со другите и имале подобар успех на училиште.

Доколку не ги научиш децата на самоконтрола, може да пожнеат лоши последици. Стручњаците сметаат дека искуствата од детството влијаат врз начинот на кој детето размислува. Д-р Дан Киндлон во една своја книга напишал: „Ако секогаш им попуштаме на децата и ако не ги научиме стрпливо да чекаат да им дојде редот, да не бараат веднаш да им бидат исполнети желбите и да им се спротивстават на искушенијата, нема да изградат цврст карактер“ (Too Much of a Good Thing — Raising Children of Character in an Indulgent Age).

ШТО МОЖЕШ ДА НАПРАВИШ

Остави добар пример. Дали ти покажуваш самоконтрола? Дали твоето дете гледа дека лесно избувнуваш кога си во сообраќаен метеж, дека се туркаш преку ред во продавница или дека им влегуваш на другите во збор? Д-р Киндлон напишал: „Најдобриот начин на кој можеме да ги научиме децата на самоконтрола е така што и самите ќе покажуваме самоконтрола“. (Библиско начело: Римјаните 12:9.)

Помогни му на детето да ги сфати последиците. На начин што е соодветен на возраста, помогни му на детето да сфати каква корист ќе има ако не им попушти на желбите, а какви последици ќе има ако им попушти. На пример, ако детето е луто затоа што некој го навредил, кажи му да размисли за следниве прашања: ‚Дали тоа што ќе вратам со иста мера ќе ја подобри ситуацијата или уште повеќе ќе ја влоши? Има ли подобар начин како да постапам, на пример, да избројам до десет за да се смирам? Дали би било подобро едноставно да си заминам?‘ (Библиско начело: Галатите 6:7.)

Мотивирај го детето. Пофали го кога ќе покаже самоконтрола. Кажи му дека нема секогаш да биде лесно да им се спротивстави на своите желби, но ако го направи тоа, ќе покаже дека има цврст карактер. Во Библијата пишува: „Како еден град разурнат и без ѕидови, таков е човекот кој не владее со себеси“ (Изреки 25:28). Од друга страна, оној „кој е бавен на гнев, подобар е од силниот човек“ (Изреки 16:32).

Вежбајте заедно како се покажува самоконтрола. Смисли некоја интересна игра. На пример, играта може да се вика „Што би направил?“ или „Исправно или погрешно“. Одглумете некои ситуации и реакции, а потоа кажете дали се „исправни“ или „погрешни“. Труди се да бидеш креативен. Користете кукли, цртежи или нешто друго за играта да биде интересна и поучна. Целта е да му помогнеш на детето да сфати дека е подобро да покажува самоконтрола отколку да биде избувливо и нетрпеливо. (Библиско начело: Изреки 29:11.)

Биди стрплив. Библијата ни кажува дека „глупоста е приврзана за срцето на детето“ (Изреки 22:15). Не очекувај детето преку ноќ да се научи на самоконтрола. Во една книга пишува: „Тоа е долг и бавен процес во кој има подеми и падови“ (Teach Your Children Well). Сепак, трудот се исплаќа. Во истата книга понатаму пишува: „Детето кое уште од мало научило да покажува самоконтрола полесно ќе се спротивстави кога ќе се најде на искушение да земе дрога на 12 години или да има секс на 14 години“.