ПРОШЕТКА НИЗ ИСТОРИЈАТА
Игназ Семелвеис
ИГНАЗ СЕМЕЛВЕИС не е многу познат, но со неговата работа дал придонес за многу семејства денес. Роден е во Будим, сегашна Будимпешта (Унгарија), и се стекнал со медицинска диплома на Виенскиот универзитет во 1844 год. Кога во 1846 год. почнал да работи како асистент на еден професор во првото родилиште во Општата болница во Виена, се соочил со една ужасна реалност: над 13 отсто од жените после породувањето умирале од постпородилна треска.
Имало најразлични теории што ја објаснувале причината за оваа болест, но ниту една не го давала решението. Сите обиди да се намали стапката на смртност биле неуспешни. Гледајќи како безброј мајки бавно се мачат и умираат, Семелвеис решил да ја открие причината за болеста за да ја спречи.
Болницата каде што работел Семелвеис имала две родилишта. Било интересно тоа што во првото родилиште умирале многу повеќе мајки отколку во второто. Единствената разлика меѓу двете родилишта била тоа што во првото имало студенти по медицина, а во второто се оспособувале бабици. Зошто постоела толкава разлика во бројот на починати мајки? Барајќи го одговорот на тоа прашање, Семелвеис постепено и детално ги проучувал можните причини за болеста, но не успеал да ја најде вистинската причина.
Во почетокот на 1847 год., Семелвеис го нашол клучот што водел до решението. Неговиот колега и пријател Јакоб Колечка починал од труење на крвта откако се здобил со рана додека извршувал аутопсија. Кога го читал извештајот од аутопсијата што го напишал Колечка, Семелвеис забележал дека некои наоди се идентични со наодите на оние што починале од постпородилна треска. Затоа, Семелвеис заклучил дека мора некои материи од мртвите тела што тој ги нарекол „отрови“ да ги
инфицираат бремените жени и да водат до постпородилна треска. Докторите и студентите што често правеле аутопсии а потоа оделе во породилиштето, несвесно им ја пренесувале болеста на идните мајки за време на прегледите или породувањата. Смртноста во второто родилиште била пониска затоа што оние што се обучувале за бабици не вршеле аутопсии.Семелвеис веднаш поставил строго правило за миење раце, што вклучувало стерилизација со раствор од калциум хипохлорит, пред секој преглед на бремена жена. Се постигнале неверојатни резултати: стапката на смртност опаднала од 18,27 отсто во април на 0,19 отсто до крајот на годината.
„Моите учења постојат за да ги спасат породилиштата од ужасот, да му ја сочуваат жената на мажот и мајката на нејзиното дете“ (Игназ Семелвеис).
Но, на успехот на Семелвеис не се радувале сите. Неговите резултати ги оспориле теориите на неговиот претпоставен, кому, меѓу другото, му пречело и тоа што Семелвеис инсистирал на стерилизација. Поради тоа, Семелвеис ја изгубил работата во Виена и се вратил во Унгарија. Таму го водел одделението за акушерство во болницата Свети Рокс во Пест. Благодарение на неговиот метод на работа, стапката на смртност во оваа болница опаднала на помалку од еден отсто.
Своите сознанија Семелвеис ги објавил во 1861 год. во своето животно дело (Cause Concept and Prophylaxis of Childbed Fever). За жал, неговите вредни откритија биле искористени дури по многу години. Во меѓувреме можело да се спасат безброј трагично изгубени животи.
Семелвеис подоцна станал познат како татко на модерното лекување во кое се користат антисептички средства. Неговите истражувања покажале дека микроскопските материи можат да предизвикаат болест. Тој имал многу важен удел во развојот на теоријата за бактериите како причинители на болест. Затоа, неговиот придонес бил наречен „најважниот придонес во науката и праксата на медицината“. Интересно, во Мојсеевиот закон, кој подоцна станал дел од Библијата, уште пред 3.000 години постоеле јасни упатства за тоа што треба да направи оној што дошол во допир со мртво тело.