Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СЛУЧАЈНО ИЛИ СОЗДАДЕНО?

Бобинките со најинтензивна сина боја

Бобинките со најинтензивна сина боја

БОБИНКИТЕ од видот Pollia condensata кои растат во Африка се карактеризираат со најинтензивната сина боја која некогаш била забележана кај растенијата. Меѓутоа, овие бобинки не содржат син пигмент. Тогаш, на што се должи нивната впечатлива боја?

Размисли: Ѕидот на клетките кои се наоѓаат на лушпата на овие бобинки содржи минијатурни нишки наредени една до друга како кибритчиња. Овие нишки формираат повеќе слоеви кои се поставени еден над друг под одреден агол, при што се формира спирална структура. Самите нишки не се со сина боја. Бојата доаѓа од начинот на кој се поставени нишките. Оваа металик боја која се прелева се јавува благодарение на структурата, а не на некој пигмент. Повеќето клетки изгледаат сини. Но, во зависност од аголот на набљудување, некои клетки изгледаат зелени, розови или жолти поради различната поставеност на слоевите. Освен тоа, ако се погледне одблизу, боите не се слеани една со друга, туку наликуваат на пиксели на компјутерски екран.

Бидејќи овие бобинки немаат пигмент, ја задржуваат бојата и откако ќе паднат од растението. Всушност, некои бобинки кои биле собрани пред повеќе од сто години изгледале исто толку свежо и сјајно како да се штотуку набрани! Според некои истражувачи, иако овие бобинки не се јадат, туку имаат само семе, тие им се многу привлечни на птиците.

Научниците сметаат дека овие бобинки кои не содржат пигмент може да помогнат во изработката на најразлични производи — од трајни бои па сѐ до хартија која не може да се фалсификува.

Што мислиш? Дали интензивната сина боја на бобинките од видот Pollia condensata настанала по пат на еволуција или е дело на мудар Творец?