Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Библијата — веродостоен извор на вистинити информации

Библијата — веродостоен извор на вистинити информации

Низ вековите, многу луѓе ја сметале Библијата за веродостоен извор на точни информации. Денес милиони живеат во склад со нејзините учења. Но, има и такви што ја отфрлаат бидејќи сметаат дека е застарена книга или дека е полна со измислени прикаски. Што мислиш ти за Библијата? Можеш ли да имаш доверба дека она што го пишува во неа е вистина?

ЗОШТО МОЖЕШ ДА ИМАШ ДОВЕРБА ВО БИБЛИЈАТА

Како можеш да знаеш дали Библијата е достојна за доверба? Размисли за следнава споредба: Ако низ годините некој пријател секогаш ти ја кажувал вистината, веројатно имаш доверба во него. Дали и Библијата — слично на еден пријател достоен за доверба — секогаш ја кажувала вистината? Да разгледаме некои примери.

Писатели кои секогаш ја зборувале вистината

Писателите на Библијата биле многу искрени, и честопати отворено зборувале за своите грешки и слабости. На пример, пророкот Јона запишал дека не го послушал Бог (Јона 1:1-3). А во заклучокот на библиската книга која го носи неговото име тој дури запишал и дека Бог го прекорил. Сепак, воопшто не спомнал дека подоцна си го исправил ставот (Јона 4:1, 4, 10, 11). Искреноста на сите библиски писатели покажува дека им било важно секогаш да ја кажуваат вистината.

Корисни совети

Дали Библијата секогаш дава добри совети за секојдневниот живот? Да. На пример, во неа има совети кои можат да ни помогнат да бидеме во добри односи со другите. Библијата вели: „Сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, правете им го и вие ним“ (Матеј 7:12). Освен тоа, во неа пишува: „Благиот одговор го смирува гневот, а остриот збор предизвикува лутина“ (Изреки 15:1). Навистина, библиските совети се исто толку корисни денес како што биле и тогаш кога биле запишани.

Историски точна

Многу археолошки докази кои биле пронајдени низ годините потврдуваат дека одредени народи и места за кои се зборува во Библијата навистина постоеле. Освен тоа, доказите покажуваат дека таа содржи точен опис на настаните што се спомнати во неа. На пример, разгледај го следниов доказ во врска со еден ситен историски детаљ. Неемија, библиски писател од петтиот век пр.н.е., напишал дека Тирците (Феничани од Тир) кои живееле во Ерусалим донесувале „риба и разновидни стоки“ (Неемија 13:16).

Има ли докази кои ја потврдуваат изјавата во овој библиски стих? Да. Археолозите откриле остатоци од феникиски производи во Израел кои укажуваат дека постоела трговска размена меѓу Израелците и Феничаните. Освен тоа, во Ерусалим биле ископани фосилни остатоци од медитерански риби. Археолозите сметаат дека трговците ги донесувале рибите од далечни поморски места. Откако ги анализирал доказите, еден изучувач заклучил: „Изјавата во Неемија 13:16 дека Тирците продавале риби во Ерусалим најверојатно е точна“.

Научно точна

Библијата е главно религиска и историска книга. Сепак, таа содржи точни научни факти. Да разгледаме еден пример.

Пред околу 3.500 години, еден библиски писател запишал дека Земјата не е „обесена на ништо“ (Јов 26:7). Ова многу се разликува од митовите во кои се зборува дека Земјата плови на вода или дека стои врз огромна желка. Околу 1.100 години откако била напишана книгата за Јов, луѓето и понатаму верувале дека Земјата не може само така да виси во воздухот туку дека мора да е потпрена на нешто. Дури пред околу 300 години, во 1687 год., Исак Њутн го издал својот научен труд за гравитацијата во кој објаснил дека една невидлива сила ја држи Земјата во орбита. Ова научно откритие потврдило дека е точна изјавата која била запишана во Библијата повеќе од 3.000 години пред тоа!

Точни пророштва

Дали се точни многуте пророштва кои се дадени во Библијата? Да разгледаме еден пример — пророштвото за падот на Вавилон кое го запишал Исаија.

Пророштво: Во осмиот век пр.н.е., библискиот писател Исаија претскажал дека градот Вавилон — кој дури подоцна станал престолнина на едно моќно царство — ќе биде поразен и со текот на времето ќе остане пуст и ненаселен (Исаија 13:17-20). Исаија дури го кажал и името на човекот што ќе го исполнел ова пророштво. Тој ќе се викал Кир. Освен тоа, Исаија ја опишал и воената стратегија што ќе ја користел Кир. Тој претскажал дека реките ќе пресушат. Исто така прорекол дека градските порти ќе бидат оставени отворени (Исаија 44:27 — 45:1).

Исполнување: Околу 200 години откако Исаија го дал ова пророштво, еден персиски цар по име Кир го нападнал Вавилон. Бидејќи околу Вавилон имало непробојни ѕидини, Кир одлучил да направи нешто со реката Еуфрат која течела низ градот и околу него. Неговите војници ископале канал за да го свртат текот на реката кон едно мочуриште. Поради тоа нивото на водата се спуштило, и војниците на Кир лесно можеле да чекорат низ речното корито што ги опкружувало градските ѕидини. Иако звучи неверојатно, од некоја причина таа ноќ Вавилонците ги оставиле градските порти отворени! Војската на Кир влегла низ нив и го освоила градот.

Но, дали се исполнил и тој детаљ од пророштвото дека Вавилон ќе биде пуст и ненаселен? Луѓето продолжиле да живеат во него уште неколку векови. Сепак, денес од тој град има само урнатини, кои се наоѓаат во близина на Багдад (Ирак). Тие се доказ дека пророштвото се исполнило во потполност. Библијата навистина е веродостојна книга, дури и кога зборува за настани што ќе се случуваат во иднина.