Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

И ти можеш засекогаш да живееш на Земјата

И ти можеш засекогаш да живееш на Земјата

КАКВА ПРЕКРАСНА НАДЕЖ! Нашиот Творец ветил дека ќе ни даде вечен живот, и тоа овде на Земјата. Но, многумина не веруваат во ова. Тие велат: „Кога-тогаш сите ќе умреме, смртта е природна работа“. Други луѓе веруваат дека е можно да се живее вечно, но не овде на Земјата. Тие велат дека ќе добиеме вечен живот кога ќе умреме и ќе отидеме горе на небото. Што мислиш ти?

Пред да одговориш, добро е да дознаеш што вели Библијата во врска со следниве три прашања: Што покажува начинот на кој е создаден човекот за тоа колку долго требало да живее? Која била првобитната намера на Бог со луѓето и со Земјата? Зошто луѓето умираат?

ЧОВЕКОТ — УНИКАТНО СУШТЕСТВО

Бог создал многу живи суштества на Земјата, но човекот е навистина нешто уникатно. Зошто? Библијата ни кажува дека само човекот бил создаден „според Божјиот лик“, или сличен на Бог (1. Мојсеева 1:26, 27). Што значи ова? Луѓето имаат карактеристики и особини какви што има и Бог. Некои од нив се љубовта и чувството за правда.

Освен тоа, луѓето се обдарени со способност за размислување и расудување. Затоа можеме да се восхитуваме на вселената и на природата, и да уживаме во уметноста, музиката и поезијата. Исто така, луѓето имаат способност да разликуваат добро од лошо, а Бог им всадил и желба да го запознаат и да бидат блиски со него. Само човекот може да биде близок со својот Творец. Овие карактеристики создаваат огромен јаз помеѓу човекот и останатите живи суштества на Земјата.

Размисли: Зар Бог би ги создал луѓето со такви прекрасни особини и способности, а освен тоа и со неограничен потенцијал да ги развиваат и подобруваат, ако имал намера да живеат само 70 или 80 години? Нема сомнеж дека Бог ни ги дал сите тие убави особини и способности за вечно да уживаме во животот овде на Земјата.

БОЖЈАТА ПРВОБИТНА НАМЕРА

Сепак, некои велат дека Бог немал намера луѓето да живеат вечно на Земјата. Тие тврдат дека таа била создадена како привремен дом за луѓето, односно како место на кое Бог ги испитува за да одреди кој заслужува да оди на небото и да живее вечно заедно со него. Ако ова е вистина, тогаш испаѓа дека Бог е виновен за сето зло и страдања. Но, тоа е сосема спротивно од личноста на Бог. Во Библијата за него се вели: „Сите негови патишта се правда. Тој е верен Бог, без неправда, праведен е и вистинољубив“ (5. Мојсеева 32:4).

Првобитната намера на Бог за Земјата јасно се гледа од следниве зборови запишани во Божјата Реч: „Небесата му припаѓаат на Јехова, а земјата им ја дал на синовите човечки“ (Псалм 115:16). Да, Бог ја создал Земјата за да биде прекрасен, постојан дом за човекот, и ја опремил со сѐ што ни е потребно за да имаме исполнет живот кој ќе трае засекогаш (1. Мојсеева 2:8, 9).

„Небесата му припаѓаат на Јехова, а земјата им ја дал на синовите човечки“ (Псалм 115:16)

Библијата јасно ја открива и Божјата намера со човештвото. На првиот брачен пар Бог му заповедал: „Наполнете ја земјата и потчинете ја, и владејте над... сите суштества што се движат по земјата!“ (1. Мојсеева 1:28). Првите луѓе имале задача да се грижат за Земјата и да го прошират рајот по целиот свет. Каква огромна чест! Адам и Ева и нивните потомци требало да живеат вечно на Земјата, а не на небото.

ЗОШТО УМИРАМЕ?

Тогаш, зошто умираме? Од Библијата дознаваме дека еден од Божјите ангели, кој подоцна станал познат како Сатана Ѓаволот, се обидел да го спречи Бог да ја исполни својата намера со човекот и со Земјата. Како?

Сатана ги навел нашите прародители, Адам и Ева, да му се придружат во побуната против Бог. Кога Сатана рекол дека Бог на луѓето им скратува нешто добро — правото самите да одредуваат што е исправно а што е погрешно — Адам и Ева застанале на страната на Ѓаволот и му свртеле грб на Бог. Кои биле последиците? Како што ги предупредил Бог, тие остареле и на крај умреле. Со тоа ја изгубиле можноста да живеат вечно во рајот на Земјата (1. Мојсеева 2:17; 3:1-6; 5:5).

До ден-денес човештвото ги трпи последиците од побуната на Адам и Ева. Во Светото писмо стои: „Преку еден човек [Адам] гревот влезе во светот и преку гревот смртта, и така смртта се прошири на сите луѓе“ (Римјаните 5:12). Ние не умираме затоа што Бог така предодредил или поради некакви мистериозни причини кои само тој ги знае. Библијата јасно вели дека умираме бидејќи сме наследиле грев и смрт од нашите прародители.

И ТИ МОЖЕШ ЗАСЕКОГАШ ДА ЖИВЕЕШ НА ЗЕМЈАТА

Побуната во градината Еден не го спречила Бог да ја оствари својата намера со човекот и со Земјата. Огромната љубов и чувството за правда го поттикнале да преземе нешто за да нѐ ослободи од прангите на наследениот грев и смртта. Во врска со ова, апостол Павле рекол: „Платата за гревот е смрт, а дарот што го дава Бог е вечен живот преку Христос Исус, нашиот Господар“ (Римјаните 6:23). Бидејќи нѐ сака, Бог го дал „својот единороден Син [Исус Христос], за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16). Исус спремно го дал својот совршен живот како откупна жртва. На темел на оваа жртва ќе биде надоместена сета штета што ја предизвикал Адам. *

Наскоро, Бог ќе го исполни ветувањето дека Земјата ќе стане рај. Оваа прекрасна иднина можеш да ја доживееш и ти ако ги земеш присрце следниве зборови на Исус: „Влезете низ тесната врата. Зашто, широк и простран е патот што води во пропаст, и мнозина одат по него. А тесна е вратата и тесен е патот што води во живот, и малцина го наоѓаат“ (Матеј 7:13, 14). Твојата иднина е во твои раце. Што ќе избереш?

^ Нешто повеќе за откупнината можеш да прочиташ во лекција 27 од книгата Радувај му се на животот засекогаш, издадена од Јеховините сведоци. Може бесплатно да се преземе и од www.mr1310.com/mk.