Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | УТЕХА ЗА ОНИЕ ШТО ТАГУВААТ

Како да ги тешиме ужалените

Како да ги тешиме ужалените

Дали си се почувствувал крајно беспомошно покрај некој што изгубил свој близок? Понекогаш не знаеме што да кажеме или што да направиме во таква ситуација, па затоа одлучуваме да молчиме. Сепак, може нешто да направиме.

Честопати, доволно е само да сме покрај ужалениот и да кажеме нешто едноставно како, на пример, „Жал ми е“. Во многу култури, нормално е да го прегрнеш или да го држиш за раката оној што тагува за да покажеш сочувство. Освен тоа, ако сака да зборува, слушај внимателно. А најважно од сѐ, не заборавај да му помогнеш на семејството на починатиот, можеби така што ќе им завршиш некоја од секојдневните обврски, на пример, ќе зготвиш јадење, ќе ги почуваш децата или, доколку има потреба, ќе помогнеш околу погребот. Таквата помош вреди повеќе од кој и да било збор што ќе го кажеш.

Со текот на времето, можеби ќе почнеш да зборуваш и за оној што починал, за неговите убави особини или за некои радосни моменти што сте ги поминале заедно. Тоа може полека да ја врати насмевката на тажното лице на ужалениот. На пример, Пам, на која пред шест години ѝ починал сопругот по име Иан, вели: „Понекогаш ќе ми кажат нешто убаво што го направил Иан а јас не сум го знаела, и тоа ми го грее срцето“.

Истражувањата покажуваат дека многумина од оние што изгубиле некој близок добиваат голема помош во почетокот, но по кратко време секој се враќа на своите обврски и нивните потреби се заборавени. Затоа, постави си за цел и понатаму редовно да контактираш со ужалениот. * На голем број од оние што тагуваат многу им значи ако имаат кому да му ги искажат своите чувства дури и откако поминало некое време од загубата.

Да ја земеме за пример Каори, млада жена од Јапонија која била скршена откако најпрво ја изгубила својата мајка, а по околу една и пол година и својата постара сестра. Нејзините пријатели не престанале да ѝ помагаат. На пример Рицуко, која е доста постара од Каори, се трудела да ѝ стане блиска пријателка. „Искрено, во почетокот тоа некако ми пречеше“, вели Каори. „Не сакав некој друг да го заземе местото на мојата мајка, а и не мислев дека би можел. Но, сето она што мама Рицуко го правеше за мене ме натера да ја засакам. Секоја недела заедно одевме да зборуваме со луѓето за Библијата, како и на христијанските состаноци. Ме викаше кај неа на чај, ми носеше јадење и често ми пишуваше писма или картички. Позитивниот став на мама Рицуко многу добро влијаеше врз мене.“

Од смртта на мајката на Каори поминале дванаесет години. Денес, Каори и нејзиниот сопруг посветуваат голем дел од своето време за да им ја пренесат библиската порака на луѓето. „Мама Рицуко сѐ уште прави многу за мене. Кога и да одам во моето родно место, морам да ја видам. И секогаш уживам во нашите разговори“, вели Каори.

Нешто слично доживеала и Поли, Јеховин сведок од Кипар. Нејзиниот сопруг, Созос, бил христијанин за пример. Освен што се грижел за христијанското собрание, честопати ги канел на ручек сираците и вдовиците (Јаков 1:27). За жал, на возраст од 53 години, Созос умрел од тумор на мозокот. „По 33 години брак, останав без мојот верен сопруг“, вели Поли.

Барај начини да им помогнеш на ужалените

По погребот, Поли се преселила со својот најмал син, 15-годишниот Даниел, во Канада. Таму продолжиле да одат на состаноците на Јеховините сведоци. Поли раскажува: „Во новото собрание никој не знаеше низ што поминавме. Сепак, сите ни пристапуваа и љубезно разговараа со нас, а освен тоа многу ни помогнаа. Тоа многу ни значеше, особено затоа што во тој период на син ми му многу недостасуваше неговиот татко. Оние што предводеа во собранието направија многу за Даниел. Еден од нив често го викаше да се дружат со пријателите или да играат фудбал“. Благодарение на тоа, Поли и нејзиниот син успеале да го пребродат овој тежок период од нивниот живот.

Постојат повеќе начини на кои можеме да ги тешиме и да им помагаме на оние што изгубиле некој близок. Освен тоа, голема утеха добиваме и од Библијата. Од неа дознаваме дека можеме да се надеваме на прекрасна иднина.

^ пас. 6 Некои го забележуваат датумот на нечија смрт во својот календар за во тој период да направат нешто за ужалените.