Нашиот Творец нѐ сака и се грижи за нас
1. НАШИОТ ТВОРЕЦ ДАВА СОНЦЕТО ДА ИЗГРЕВА
Можеш ли да си го замислиш животот на Земјата без сончева светлина? Сонцето обезбедува енергија за да можат дрвјата да пуштаат лисја и цветови и да даваат плодови и семе. Исто така, благодарение на сончевата светлина дрвјата можат преку своите корења да ја црпат водата од почвата и да ја носат до лисјата, а потоа да ја испуштаат во воздухот во вид на водена пареа.
2. НАШИОТ ТВОРЕЦ ДАВА ДА ПАЃА ДОЖД
Дождот е скапоцен дар од Бог и благодарение на него Земјата може да произведува храна за луѓето. Бог дава дожд од небото и обилен род, и со тоа ја задоволува нашата потреба за храна и го полни нашето срце со радост.
3. НАШИОТ ТВОРЕЦ СЕ ГРИЖИ ДА ИМАМЕ ХРАНА И ОБЛЕКА
Многу татковци се загрижени за тоа дали ќе успеат да обезбедат доволно храна и облека за своето семејство. Забележи што пишува во Светото писмо: „Погледнете ги птиците небесни, бидејќи тие ниту сеат, ниту жнеат, ниту во амбари собираат, а сепак вашиот небесен Татко ги храни. Зарем вие не вредите повеќе од нив?“ (Матеј 6:25, 26).
„Гледајте ги полските кринови како растат... но ви велам дека ни [цар] Соломон, во сета своја слава, не беше облечен како еден од нив. А ако Бог така го облекува полското билје... нема ли многу повеќе да ве облече вас?“ (Матеј 6:28-30).
Штом може да ни обезбеди храна и облека, нема сомнеж дека Бог може да се погрижи да ги имаме и сите други работи кои ни се неопходни за живот. Ако ни е најважно да ја вршиме Божјата волја, Бог може да го благослови трудот што го вложуваме за да произведеме храна или може да ни помогне да најдеме вработување за да имаме доволно средства да го купиме она што ни е потребно (Матеј 6:32, 33).
Навистина, кога размислуваме за сонцето, дождот, птиците и цвеќињата, сфаќаме дека имаме силни причини да го сакаме Бог. Во следната статија ќе видиме како нашиот Творец отсекогаш комуницирал со луѓето.