Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА | ДАЛИ СО ОВОЈ ЖИВОТ ЗАВРШУВА СЀ?

Што вели Библијата за животот и смртта?

Што вели Библијата за животот и смртта?

Од извештајот за создавањето запишан во библиската книга Прва Мојсеева дознаваме дека на првиот човек, Адам, Бог му рекол: „Од секое дрво во градината можеш да јадеш до ситост. А од дрвото на спознанието на доброто и злото не смееш да јадеш, зашто во оној ден кога ќе каснеш од него, сигурно ќе умреш“ (1. Мојсеева 2:16, 17). Од ова може јасно да се види дека Адам немало да умре доколку ја послушал Божјата заповед. Напротив, ќе живеел вечно во рајската градина.

За жал, наместо да му остане послушен на Бог и да живее засекогаш, Адам ја прекршил Божјата заповед и јадел од забранетиот плод кој му го дала неговата жена, Ева (1. Мојсеева 3:1-6). Последиците од оваа непослушност ги трпиме до ден-денес. Апостол Павле тоа го објаснил на следниов начин: „Преку еден човек гревот влезе во светот и преку гревот смртта, и така смртта се прошири на сите луѓе, зашто сите згрешија“ (Римјаните 5:12). Тој човек бил Адам. Но, што бил гревот и зошто водел до смрт?

Грев е кога некој намерно ќе го прекрши Божјиот закон — токму како што направил Адам (1. Јованово 3:4). А казна за гревот е смрт — токму како што Бог го предупредил Адам. Ако Адам и неговите потомци биле послушни на Божјата заповед, немало да станат грешни и никогаш немало да умрат. Бог не ги создал луѓето за да умираат, туку за да живеат — и тоа вечно.

Факт е дека смртта навистина се проширила „на сите луѓе“, како што вели Библијата. Но, дали некој дел од човекот продолжува да живее по смртта? Многумина би рекле „да“. Тие сметаат дека еден дел од нас, односно душата, никогаш не умира. Но, тоа би значело дека Бог го излажал Адам. Зошто велиме така? Бидејќи ако дел од човекот продолжува да живее во некој друг свет откако тој ќе умре, тогаш смртта не би била казна за гревот — што е спротивно на она што го рекол Бог. Меѓутоа, Библијата вели: „Не е можно Бог да излаже“ (Евреите 6:18, Превод на МПЦ). Всушност, Сатана бил тој што излажал кога ѝ рекол на Ева: „Не, вие нема да умрете“ (1. Мојсеева 3:4).

Ако учењето за бесмртност на душата се темели на лага, тогаш што се случува кога човек ќе умре?

БИБЛИЈАТА ГО ДАВА ТОЧНИОТ ОДГОВОР

Извештајот за создавањето запишан во 1. Мојсеева вели: „Јехова Бог го направи човекот од земниот прав и му дувна во носниците здив на животот, и човекот стана жива душа“. Изразот „жива душа“ е превод на хебрејскиот збор нефеш, кој буквално значи „суштество што дише“ (1. Мојсеева 2:7).

Библијата јасно покажува дека луѓето не се создадени со бесмртна душа, туку дека секој човек е жива душа. Освен тоа, изразот „бесмртна душа“ не се спомнува во ниту еден стих од Библијата.

Со оглед на тоа што Библијата не го застапува учењето за бесмртност на душата, зошто толку многу религии го поучуваат токму тоа? Потрагата по одговор нѐ води назад во минатото, сѐ до древниот Египет.

ПАГАНСКО УЧЕЊЕ КОЕ СТАНАЛО „ХРИСТИЈАНСКО“

Херодот, грчки историчар од петтиот век пр.н.е., рекол дека Египќаните биле „првиот народ кој го застапувал учењето за бесмртност на душата“. Друг народ од минатото, Вавилонците, исто така верувале во бесмртност на душата. До времето кога Александар Македонски (Велики) го освоил Блискиот Исток во 332 год. пр.н.е., грчките филозофи веќе почнале да го шират тоа учење, кое за кратко време стигнало до сите краеви на Грчкото Царство.

Изразот „бесмртна душа“ не се спомнува во ниту еден стих од Библијата

Во првиот век од н.е., две влијателни еврејски секти, есените и фарисеите, поучувале дека душата продолжува да живее откако телото ќе умре. Во една енциклопедија пишува: „Евреите дошле во контакт со верувањето во бесмртност на душата преку учењата на Грците, особено преку филозофските учења на Платон“ (The Jewish Encyclopedia). Слично на тоа, Јосиф, еврејски историчар од првиот век, не го поврзал ова учење со Светото писмо, туку со „верувањата на Грците“, кои ги сметал за обични приказни од нивните митолози.

Влијанието на грчката култура сѐ повеќе се ширело, и многумина што се изјаснувале како христијани го прифатиле ова паганско учење. Според историчарот Јона Лендеринг, „хипотезата на Платон дека човечката душа некогаш била на подобро место, а сега живее во проколнат свет, била еден вид мост кој помогнал неговата филозофија да навлезе во христијанството“. Така, паганското учење за бесмртност на душата не само што навлегло во „христијанската“ црква туку станало и еден од темелите на нејзините верувања.

„ВИСТИНАТА ЌЕ ВЕ ОСЛОБОДИ“

Во првиот век, апостол Павле го дал следново предупредување: „Во идните времиња некои ќе отпаднат од верата, слушајќи заведувачки вдахновени објави и учења на демони“ (1. Тимотеј 4:1). Колку само се вистинити овие зборови! Учењето за бесмртност на душата е само едно од тие „учења на демони“. Тоа не се темели на Библијата. Напротив, влече корени од древните пагански религии и филозофии.

Сепак, Исус рекол: „Ќе ја запознаете вистината, и вистината ќе ве ослободи“ (Јован 8:32). Тоа што ќе ги дознаеме вистините од Библијата ќе нѐ ослободи од учењата и обичаите кои се дел од многу религии и кои го оцрнуваат Бог. Освен тоа, вистините од Божјата Реч можат да нѐ ослободат од оковите на традициите и суеверијата поврзани со смртта. (Види ја рамката „ Каде се мртвите?“)

Нашиот Творец не нѐ создал со цел да живееме само 70 или 80 години на Земјата за потоа да преминеме во некој друг свет и таму да живееме вечно. Неговата намера била луѓето да живеат вечно овде на Земјата како негови послушни деца. Таа намера покажува колку Бог го сака човештвото, и сигурно ќе се исполни (Малахија 3:6). Под водство на Бог, псалмистот напишал: „Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Псалм 37:29).