Дали сте знаеле?
Каква улога имале управителите во библиско време?
ВО МИНАТОТО, еден управител имал задача да го надгледува домаќинството или имотот на некој друг човек. Хебрејскиот и грчкиот збор преведен со „управител“ понекогаш се користи и за надгледник.
Додека бил роб во Египет, Јосиф, синот на Јаков, станал управител над имотот на својот господар. Всушност, тој препуштил сѐ што имал во рацете на Јосиф (1. Мој. 39:2-6). Подоцна, кога Јосиф станал моќен владетел во Египет, и самиот поставил управител над својот дом (1. Мој. 44:4).
Во времето на Исус било вообичаено земјопоседниците да живеат во градови, далеку од своите ниви. Затоа, тие поставувале управители кои ги надгледувале работниците што работеле на нивниот имот.
Кој бил подобен за да служи како управител? Еден римски писател од првиот век по име Колумела напишал дека, за да биде поставен за надгледник, односно управител, еден роб требало „добро да ја познава работата на имотот“. Тој требало да се грижи „работниците добро да ја вршат својата работа, но притоа да не постапува сурово со нив“. Исто така, Колумела напишал: „Најважното барање за некој да биде управител е да не мисли дека знае сѐ, и секогаш да биде спремен да учи нови работи“.
Во Божјата Реч, примерот на еден управител и работата што ја вршел се користи за да се укаже на некои од активностите што се извршуваат во едно собрание. На пример, апостол Петар ги поттикнува христијаните да ги користат способностите кои ги добиле од Бог за да си служат еден на друг „како добри управители на Божјата незаслужена доброта“ (1. Пет. 4:10).
Самиот Исус го користел примерот на еден управител во споредбата што е запишана во Лука 16:1-8. Исто така, во едно пророштво за знакот на својата присутност како Цар, Исус ги уверил своите следбеници дека ќе постави „верен и разборит роб“, односно „верен управител“. Главната задача на тој управител ќе била постојано да им дава духовна храна на Христовите следбеници во текот на последните денови (Мат. 24:45-47; Лука 12:42). За сите нас низ целиот свет верниот управител подготвува публикации кои ни ја зајакнуваат верата. Ние сме многу благодарни за таа духовна храна!