Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали го имаш Јеховиното гледиште за правдата?

Дали го имаш Јеховиното гледиште за правдата?

Ќе го објавувам Јеховиното име. Тој е верен Бог, без неправда (5. МОЈ. 32:3, 4)

ПЕСНИ: 110, 2

1, 2. а) Каква неправда доживеале Навутеј и неговите синови? б) Кои две особини ќе ги разгледаме во оваа статија?

ЗАМИСЛИ ја следнава сцена. Двајца злобни луѓе обвинуваат еден човек за сериозен престап. Тоа обвинение е лажно. Но, човекот е прогласен за виновен и треба да биде погубен. Замисли како се чувствуваат оние што ја сакаат правдата додека гледаат како овој невин човек и неговите синови се каменувани до смрт. За жал, ова не е измислена приказна. Тоа навистина му се случило на Навутеј, кој бил верен слуга на Јехова и живеел во времето кога со Израел владеел цар Ахав (1. Цар. 21:11-13; 2. Цар. 9:26).

2 Во оваа статија ќе разгледаме што му се случило на Навутеј. Исто така, ќе видиме каква сериозна грешка направил еден верен старешина во едно христијанско собрание од првиот век. Овие два примера ќе ни покажат дека понизноста и спремноста да простиме се неопходни ако сакаме да го имаме Јеховиното гледиште за правдата.

ГОЛЕМА НЕПРАВДА

3, 4. Каков човек бил Навутеј, и зошто одбил да му го продаде своето лозје на цар Ахав?

3 Навутеј му бил верен на Јехова во период кога повеќето Израелци го следеле лошиот пример на цар Ахав и неговата жена, злобната царица Језавела. Тие го обожавале лажниот бог Ваал, а немале никаква почит кон Јехова и кон неговите закони. Од друга страна, Навутеј го ценел своето пријателство со Јехова дури и повеќе од својот живот.

4 Прочитај 1. Царевите 21:1-3. Ахав му понудил на Навутеј да му го купи лозјето или да му даде подобро лозје како замена, но тој не се согласил. Зошто? Навутеј со почит објаснил: „Не можам да ти го дадам наследството на моите прататковци, зашто знам дека тоа би било неисправно во Јеховини очи“. Навутеј ја одбил понудата на цар Ахав бидејќи тоа било спротивно на Законот што Јехова им го дал на Израелците. Според Законот било забрането трајно да се продава земјата која се наследувала во семејството (3. Мој. 25:23; 4. Мој. 36:7). Од ова јасно се гледа дека Навутеј му бил послушен на Јехова.

5. Што направила Језавела за да го добие лозјето на Навутеј?

5 За жал, кога Навутеј одбил да го продаде своето лозје, цар Ахав и неговата жена направиле нешто ужасно. За да го добие лозјето, царицата Језавела побарала од двајца мажи лажно да го обвинат Навутеј за злодело што не го направил. Како резултат на тоа, тој и неговите синови биле убиени. Што презел Јехова во врска со оваа голема неправда?

БОЖЈАТА ПРАВЕДНА ПРЕСУДА

6, 7. Како покажал Јехова дека ја сака правдата, и зошто тоа ги утешило роднините и пријателите на Навутеј?

6 Јехова веднаш го испратил Илија кај Ахав. Илија му кажал дека тој е убиец и крадец. Како пресудил Јехова во оваа ситуација? Ахав, неговата жена и неговите синови требало да бидат убиени, исто како што биле убиени Навутеј и неговите синови (1. Цар. 21:17-25).

7 Семејството и пријателите на Навутеј биле разжалостени поради ужасните работи што ги направил Ахав. Но, Јехова ја видел таа неправда и веднаш реагирал. Тоа сигурно многу ги утешило. Меѓутоа, нивната понизност и доверба во Јехова веројатно биле ставени на испит поради еден неочекуван пресврт на настаните.

8. Како реагирал Ахав кога ја чул пресудата од Јехова, и каков бил резултатот?

8 Кога Ахав чул каква одлука донел Јехова за него, си ја раскинал облеката и си ставил козина на телото. Тој постел, спиел во козина и одел потиштено. Ова покажува дека Ахав се понизил. Тој искрено се каел за тоа што го направил. Каков бил резултатот од тоа? Јехова му рекол на Илија: „Затоа што се понизи пред мене, нема да му ја нанесам таа неволја додека е тој жив. Неволјата ќе му ја нанесам на неговиот дом во деновите на неговиот син“ (1. Цар. 21:27-29; 2. Цар. 10:10, 11, 17). Јехова, оној што „ги испитува срцата“, до одредена мера покажал милост кон Ахав (Изр. 17:3).

ПОНИЗНОСТА Е ЗАШТИТА

9. Во која смисла понизноста можеби им била заштита на роднините и пријателите на Навутеј?

9 Како одлуката на Јехова влијаела врз оние што знаеле за ужасното злосторство на Ахав? Ова можеби било испит на верата за роднините и пријателите на Навутеј. Но, понизноста можела да им служи како заштита. Во која смисла? Таа можела да им помогне да продолжат верно да му служат на Јехова со доверба дека тој не може да постапува неправедно. (Прочитај 5. Мојсеева 32:3, 4.) Во иднина, роднините на Навутеј ќе доживеат голем благослов кога нивните најблиски ќе воскреснат. Тогаш Навутеј и неговите синови ќе добијат совршена правда (Јов 14:14, 15; Јован 5:28, 29). Освен тоа, еден понизен човек знае дека „вистинскиот Бог ќе донесе суд за секое дело и за сѐ што е скриено, и ќе каже дали е добро или е зло“ (Проп. 12:14). Кога суди некому, Јехова ги зема предвид фактите кои ние не ги знаеме. Значи, понизноста нѐ штити во таа смисла што ни помага да му останеме верни на Јехова.

10, 11. а) Кои ситуации може да ја стават на испит нашата вера? б) Како може понизноста да нѐ заштити?

10 Како ќе реагираш ако старешините донесат одлука што не ја разбираш или со која можеби не се согласуваш? На пример, што ќе правиш ако старешините одлучат дека некој од твоите блиски повеќе не ги исполнува условите за некоја задача во организацијата? Што ако е исклучен твојот брачен другар, твојот син или твојата ќерка, или твој близок пријател, а ти не се согласуваш со таа одлука? Што ќе правиш ако мислиш дека старешините згрешиле кога покажале милост кон некој што направил грев? Таквите ситуации можат да ја стават на испит нашата вера во Јехова и во начинот на кој што тој го води собранието денес. Како може понизноста да те заштити? Да разгледаме два начина.

Како ќе реагираш ако старешините донесат одлука со која не се согласуваш? (Види во пасуси 10-11)

11 Како прво, ако сме понизни, ќе бидеме свесни дека не ги знаеме сите факти. Дури и ако мислиме дека знаеме сѐ за некоја ситуација, само Јехова знае што има во нечие срце (1. Сам. 16:7). Кога го имаме ова на ум, понизно ќе признаеме дека сме ограничени и дека треба да направиме промени во нашето гледиште. Како второ, ако сме виделе или сме доживеале некоја неправда, понизноста ќе ни помогне да бидеме послушни и стрпливо да чекаме Јехова да ги поправи работите. Библијата вели: „Ќе им биде добро на оние што се бојат од вистинскиот Бог... Но на злиот нема да му биде добро и нема да ги продолжи деновите свои“ (Проп. 8:12, 13). Ако останеме понизни, тоа ќе ни користи и нам и на другите што се засегнати од ситуацијата. (Прочитај 1. Петрово 5:5.)

СЛУЧАЈ НА ЛИЦЕМЕРСТВО ВО ПРВИОТ ВЕК

12. Кој библиски извештај ќе го разгледаме, и зошто?

12 Првите христијани во сириска Антиохија се соочиле со ситуација која ја ставила на испит нивната понизност и нивната спремност да простат. Тоа што ќе го разгледаме овој извештај ќе ни помогне да си го преиспитаме ставот кон простувањето и уште подобро да сфатиме како простувањето е поврзано со Јеховиното гледиште за правдата.

13, 14. Какви задачи имал апостол Петар, и како покажал дека е храбар?

13 Апостол Петар бил старешина кого многу добро го познавале повеќето христијани од првиот век. Тој бил близок пријател на Исус и извршувал многу важни задачи (Мат. 16:19). На пример, во 36 год. од н.е., Петар бил испратен да им проповеда на Корнелиј и на неговите домашни. Овој настан бил значаен бидејќи Корнелиј не бил Евреин и не бил обрежан. Кога тој и неговите домашни го примиле светиот дух, Петар рекол: „Може ли некој да ја забрани водата да не бидат крстени овие што го примија светиот дух исто како што го примивме и ние?“ (Дела 10:47).

14 Во 49 год. од н.е., апостолите и старешините во Ерусалим се состанале за да одлучат дали христијаните од нееврејско потекло треба да се обрежуваат. На овој состанок, Петар храбро ги потсетил браќата дека тој лично видел како необрежаните не-Евреи го примиле светиот дух. Сведоштвото на Петар им помогнало на браќата од водечкото тело да донесат одлука (Дела 15:6-11, 13, 14, 28, 29). И христијаните со еврејско и оние со нееврејско потекло сигурно биле благодарни што Петар имал храброст да ги каже фактите. Затоа на тие први христијани не им било тешко да имаат доверба во овој верен и духовно зрел маж (Евр. 13:7).

15. Каква грешка направил Петар додека бил во сириска Антиохија? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

15 Кратко по состанокот во Ерусалим, Петар ја посетил сириска Антиохија. Додека бил таму, тој се дружел со браќата кои не биле Евреи. Можеме да си замислиме колку многу им користело знаењето и искуството на Петар. Меѓутоа, сигурно биле многу изненадени и повредени кога Петар наеднаш престанал да јаде заедно со нив. Тој влијаел и врз други еврејски христијани, вклучувајќи го и Варнава, да го сторат истото. Зошто овој зрел христијански старешина направил толку сериозна грешка која можела да предизвика поделба во собранието? Што е уште поважно, што можеме да научиме од оваа ситуација ако сме повредени од зборовите или од постапките на некој старешина?

16. Како Павле го укорил Петар, и кои прашања можеме да си ги поставиме?

16 Прочитај Галатите 2:11-14. Петар подлегнал на стравот од човек (Изр. 29:25). Тој знаел како гледа Јехова на луѓето кои не биле Евреи. Сепак, се исплашил дека обрежаните еврејски христијани што дошле од Ерусалим помалку ќе го почитуваат затоа што се дружи со тие нееврејски христијани. Апостол Павле му рекол на Петар дека постапува лицемерно. Зошто? Бидејќи Павле го чул Петар кога ги бранел не-Евреите на состанокот во Ерусалим во 49 год. од н.е. (Дела 15:12). Како реагирале нееврејските христијани кои ги навредил Петар? Дали дозволиле тоа да ги спрепне во духовен поглед? Дали Петар ги изгубил одговорностите поради својата грешка?

СПРЕМНО ПРОСТУВАЈ

17. Како на Петар му користела спремноста на Јехова да му прости?

17 Петар бил понизен и го прифатил строгиот совет од Павле. Во Библијата не пишува дека Петар изгубил некоја од своите одговорности поради грешката што ја направил. Всушност, подоцна, под влијание на светиот дух, тој напишал две писма кои станале дел од Божјата Реч. Вреди да се забележи дека, во своето второ писмо, Петар го нарекол Павле: „Нашиот сакан брат“ (2. Пет. 3:15). Иако грешката на Петар сигурно ги погодила нееврејските христијани, Исус, кој е глава на собранието, продолжил да го користи (Еф. 1:22). Браќата и сестрите во собранието имале можност да го следат примерот на Исус и на неговиот Татко така што ќе му простеле на Петар. Се надеваме дека ниту еден од нив не дозволил да ги спрепне грешката на еден несовршен човек.

18. Во кои ситуации можеби ќе треба да покажеме дека го имаме Јеховиното гледиште за правдата?

18 Исто како што било случај во првиот век, и денес нема совршени старешини во христијанското собрание. Библијата вели: „Сите ние честопати грешиме“ (Јак. 3:2). Можеби лесно го прифаќаме овој факт, но како реагираме кога нас лично ќе нѐ погоди несовршеноста на некој брат? Дали ќе покажеме дека го имаме Јеховиното гледиште за правдата? На пример, како ќе реагираш ако некој старешина каже нешто со што остава впечаток дека има предрасуди? Доколку некој старешина те повреди или навреди со некои непромислени зборови, дали ќе дозволиш тоа да те спрепне? Наместо веднаш да заклучиш дека братот не треба веќе да биде старешина, дали стрпливо ќе чекаш на Исус, главата на собранието? Наместо да се концентрираш на грешката, дали ќе размислуваш за тоа колку долго братот верно му служи на Јехова? Ако некој брат кој ти згрешил и понатаму служи како старешина, па дури и добива поголеми теократски одговорности, дали ќе се радуваш со него? Ако си спремен да простиш, покажуваш дека имаш исто гледиште за правдата како Јехова. (Прочитај Матеј 6:14, 15.)

19. На што треба да бидеме решени?

19 Бидејќи ја сакаме правдата, со душа чекаме да дојде денот кога Јехова потполно ќе ги отстрани сите неправди што ги предизвикуваат Сатана и неговиот злобен свет (Иса. 65:17). Сѐ дотогаш, кога ќе доживееме неправда, да бидеме решени понизно да признаеме дека можеби не ги знаеме сите факти и великодушно да им простуваме на оние што ни грешат. Ако постапуваме така, тогаш го имаме Јеховиното гледиште за правдата.