Библиско име испишано на древен ќуп
Во 2012 год., во едно археолошко ископување биле пронајдени делчиња од еден керамички ќуп кој е стар 3.000 години. Истражувачите биле многу возбудени. Зошто? Не поради тоа што нашле делови од толку стар ќуп, туку поради натписот што стоел на нив.
Кога археолозите конечно ги составиле деловите, успеале да го прочитаат текстот што бил испишан на ханаански јазик. На ќупот пишувало: „Есвал Бен Веда“ што значи „Есвал, син на Веда“. Археолозите за првпат го откриле ова име напишано на некој прастар предмет.
Всушност, во Библијата е спомнат друг човек кој го носел ова име. Еден од синовите на цар Саул се викал Есвал (1. Лет. 8:33; 9:39). Професор Јозеф Гарфинкел, кој учествувал во ископувањето, рекол: „Вредно е да се забележи дека името Есвал се појавува во Библијата и тоа само во времето кога владеел цар Давид, а сега се појавува и во археолошки запис кој датира токму од тоа време“. Некои сметаат дека ова име било карактеристично само за тој период. Ова е уште еден пример за тоа како археологијата го потврдува она што е запишано во Библијата.
Во Библијата, Есвал, синот на Саул, уште е наречен и Исвостеј (2. Сам. 2:10). Зошто „вал“ било заменето со „востеј“? Според истражувачите, писателот на 2. Самоилова можеби не сакал да го употребува името Есвал затоа што Израелците ги потсетувало на Ваал, богот на бурите кој го обожавале Ханаанците. Сепак, името Есвал може да се најде во библиската книга 1. Летописи.