Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Биди пријател и кога пријателството е во опасност

Биди пријател и кога пријателството е во опасност

Џани и Маурицио се пријатели околу 50 години. Сепак, едно време нивното пријателство било во опасност. Маурицио вели: „Додека минував низ тежок период во животот, направив некои сериозни грешки поради кои се оддалечивме еден од друг“. Џани кажува: „Маурицио ме поучуваше за Библијата и ми беше многу добар пример во духовен поглед. Затоа, не ми се веруваше како можеше да направи такви грешки. Како цел свет да ми се сруши. Знаев дека нема веќе да бидеме пријатели. Се чувствував напуштено“.

ДОБРИТЕ пријатели се скапоцени, и за да се изгради едно трајно пријателство потребни се труд и време. Ако пријателството со некого ни е загрозено, што може да ни помогне да го зачуваме? Можеме многу да научиме од некои личности што се спомнати во Библијата кои биле вистински пријатели, но подоцна нивното пријателство се нашло во опасност.

КОГА ПРИЈАТЕЛОТ ЌЕ НАПРАВИ ГРЕШКА

Давид, кој бил пастир и цар, имал добри пријатели. Јонатан бил еден од нив (1. Сам. 18:1). Друг пријател на Давид бил пророкот Натан. Библијата не кажува кога точно започнало нивното пријателство. Сепак знаеме дека во една прилика Давид во доверба му кажал на Натан дека сака да му изгради храм на Јехова. Царот сигурно го ценел мислењето на Натан затоа што му бил пријател, но и човек кој бил воден од Божјиот дух (2. Сам. 7:2, 3).

Меѓутоа, се случило нешто што го ставило на испит нивното пријателство. Цар Давид направил прељуба со Витсавеа, а потоа наместил нејзиниот сопруг Урија да биде убиен (2. Сам. 11:2-21). Долги години, Давид му бил верен на Јехова и постапувал праведно. Но, во еден момент направил толку голем грев. Што му се случило на овој добар цар? Зарем не можел да сфати колку сериозна грешка направил? Дали си мислел дека може да ја скрие од Бог?

Што направил Натан? Дали чекал некој друг да го соочи царот со неговиот грев? И други знаеле дека Давид испланирал Урија да биде убиен. Тогаш, зошто Натан би го довел во ризик своето долгогодишно пријателство со царот? Дури можел да го изгуби и животот бидејќи Давид веќе го убил невиниот Урија.

Но, Натан бил Божји пророк. Знаел дека, ако не му укаже на Давид за неговиот грев, нивниот однос нема да остане ист, а ќе го измачува и совеста. Неговиот пријател тргнал по пат што Јехова не го одобрува. На царот очајно му била потребна помош за да може повторно да биде близок со Јехова. Всушност, на Давид му бил потребен вистински пријател, а Натан бил токму таков пријател. Тој одлучил да разговара со него, и бидејќи знаел дека Давид порано бил пастир, најпрво му кажал една споредба за која сметал дека ќе допре до неговото срце. Натан му пренел што мисли Јехова, но тоа го направил на начин со кој му помогнал на Давид да сфати колку сериозни гревови извршил и со кој го поттикнал да ги признае и да се покае (2. Сам. 12:1-14).

Замисли си дека некој твој пријател направил сериозна грешка или тежок грев. Можеби ќе си мислиш дека, ако му укажеш на тоа, ќе си го расипеш пријателството со него. Или, можеби ќе си мислиш дека, ако им кажеш на старешините за неговиот грев, ќе го изневериш својот пријател. Како би постапил во ваква ситуација?

Џани, кој беше спомнат претходно, вели: „Бев свесен дека нешто се промени. Маурицио не беше отворен со мене како порано. Решив да разговарам со него за она што се случи иако не ми беше лесно да го направам тоа. Се прашував: ‚Што имам јас да му кажувам кога тој и самиот знае што треба да прави? Којзнае како ќе реагира!‘ Но, се присетив на сето она што го проучувавме заедно и собрав сила да зборувам со него. Маурицио го направи истото кога мене ми беше потребна помош. Не сакав да го изгубам како пријател, но сакав да му помогнам затоа што бев загрижен за него“.

Маурицио додава: „Џани отворено ми кажа што мисли, и беше во право. Знаев дека ниту тој ниту Јехова не беа виновни за последиците од моите лоши одлуки. Затоа ја прифатив помошта од старешините и со текот на времето закрепнав во духовен поглед“.

КОГА ПРИЈАТЕЛОТ Е ВО НЕВОЛЈА

Давид имал и други верни пријатели кои останале покрај него кога минувал низ тешки моменти. Еден од нив бил Хусај, кого Библијата го нарекува „Давидовиот пријател“ (2. Сам. 16:16; 1. Лет. 27:33). Можно е Хусај да бил дворјанин кој бил близок со царот и кој понекогаш извршувал доверливи задачи.

Кога Авесалом, синот на Давид, го приграбил царскиот престол, многу Израелци застанале на страната на Авесалом, но не и Хусај. Додека Давид бил во бегство, Хусај отишол кај него. Давид бил длабоко повреден бидејќи бил изневерен од сопствениот син и од други во кои имал доверба. Но, Хусај му останал верен. Тој бил спремен да си го ризикува животот за да изврши една задача со која требало да го осуети заговорот против Давид. Хусај не го направил тоа само од чувство на должност како дворјанин. Тоа го направил затоа што му бил верен пријател на Давид (2. Сам. 15:13-17, 32-37; 16:15 — 17:16).

Многу е убаво кога гледаме како денес меѓу браќата и сестрите постои вистинско пријателство. Тие не се обединети само затоа што мора заедно да извршуваат некои задачи во собранието. Со своите постапки тие, всушност, како да велат: „Јас сум ти пријател не затоа што морам, туку затоа што те сакам“.

Тоа го почувствувал и еден брат по име Федерико. Со помошта од неговиот пријател Антонио, тој успеал да преброди еден тежок период од својот живот. Федерико раскажува: „Со Антонио станавме пријатели за кратко време откако дојде во нашето собрание. И двајцата бевме слуга-помошници и многу добро соработувавме. Набрзо потоа, тој беше именуван за старешина. Освен што ми беше пријател, ми беше и пример во духовен поглед“. За жал, Федерико направил сериозна грешка. Тој веднаш побарал помош од старешините, но повеќе не ги исполнувал условите да служи како пионер и слуга-помошник. Како реагирал Антонио?

Кога Федерико се соочил со тешкотии, неговиот пријател Антонио го сослушал и го охрабрил

Федерико вели: „Беше очигледно дека Антонио вистински сочувствува со мене. Тој многу се трудеше да ми помогне во емоционален поглед. Освен тоа, даде сѐ од себе за да ми помогне духовно да закрепнам и никогаш не ме напушти. Ме поттикна повторно да си го зајакнам односот со Јехова и да не се откажувам“. Антонио раскажува: „Поминував многу време со Федерико. Сакав да се чувствува слободен да зборува со мене за сѐ што му лежи на срце, дури и за неговата болка“. Со текот на времето, Федерико успеал да застане на нозе во духовен поглед и подоцна почнал повторно да служи како пионер и слуга-помошник. Антонио вели: „Иако сега сме во различни собранија, поблиски сме од кога и да било порано“.

КАКО БИ СЕ ЧУВСТВУВАЛ ТИ?

Како ќе се чувствуваш ако некој близок пријател ти сврти грб кога најмногу ти е потребен? Тоа сигурно многу ќе те повреди. Дали ќе можеш да му простиш? Дали вашето пријателство некогаш повторно ќе биде цврсто како порано?

Размисли за она што му се случило на Исус во текот на последните денови од неговиот живот на Земјата. Тој поминал многу време со своите верни апостоли и тие станале многу блиски. Исус со право ги нарекол свои пријатели (Јован 15:15). Но, што се случило кога бил уапсен? Апостолите побегнале. Иако Петар отворено кажал дека никогаш нема да го напушти својот Господар, истата таа ноќ одрекол дека го познава Исус (Мат. 26:31-33, 56, 69-75).

Исус знаел дека сам ќе се соочи со последниот испит. Сепак, имал причина да биде разочаран, па дури и повреден. Но, од разговорот што го имал со учениците неколку дена по своето воскресение ни најмалку не се гледа дека се чувствувал разочарано, огорчено, ниту пак, дека жалел за нешто. Исус не мислел дека треба да им ги наброи маните, како и грешките што ги направиле ноќта кога бил уапсен.

Напротив, тој ги охрабрил Петар и другите апостоли. Исус покажал дека има доверба во нив со тоа што им дал упатства за најважното образовно дело во човечката историја. Тој сѐ уште ги сметал апостолите за свои пријатели. Љубовта што им ја покажал оставила силен впечаток врз нив. Тие дале сѐ од себе за никогаш повеќе да не го разочараат својот Господар. Всушност, успешно ја извршиле задачата што Исус им ја дал на своите следбеници (Дела 1:8; Кол. 1:23).

Една сестра по име Елвира живо се сеќава на едно недоразбирање што го имала со својата блиска пријателка Џулијана. Елвира вели: „Кога ми рече дека е повредена од мојата постапка, се чувствував ужасно. Таа имаше право да ми се лути. Но, најмногу ме трогна тоа што повеќе беше загрижена за мене и за последиците што би можела да ги трпам поради моето однесување. Секогаш ќе ѝ бидам благодарна што не се концентрираше на болката што ѝ ја нанесов, туку на штетата што си ја правев самата на себе. Му се заблагодарив на Јехова што имам пријателка која го стави моето добро пред сопствените чувства“.

Значи, како ќе постапи еден добар пријател кога пријателството е во опасност? Тој ќе биде спремен да зборува љубезно, но отворено. Таквиот пријател ќе биде како Натан и Хусај, кои останале верни дури и во тешко време, и како Исус, кој бил спремен да прости. Дали и ти си таков пријател?