Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Истрајно ги следев добрите примери

Истрајно ги следев добрите примери

„Чекај малку, а знаеш ли колку години имам?“, прашав. „Знам точно колку години имаш“, ми одговори Ајзак Мареј, кој ми се јави во Колорадо од Патерсон (Њујорк). Да ви раскажам како дојде до тој разговор.

РОДЕН сум во Вичита (Канзас, САД), на 10 декември 1936 год., како прво од четирите деца. Моите родители, Вилијам и Џин, верно му служеа на Јехова. Татко ми беше слуга на друштвото, кој сега се нарекува координатор на старешинството. Мајка ми ја дозна вистината од својата мајка, Ема Вагнер. Баба ми, Ема, им ја пренесе библиската вистина и на многу други, меѓу кои беше и Гертруда Стил, која служеше како мисионерка во Порторико. * Значи, растев опкружен со верни Божји слуги кои ми оставија одличен пример.

ВЛИЈАНИЕТО НА ДОБРИТЕ ПРИМЕРИ

Татко ми стои на улица и им нуди списанија на минувачите

Една сабота навечер, кога имав пет години, бев заедно со татко ми додека тој им ги нудеше на минувачите списанијата Стражарска кула и Утеха (сега Разбудете се!). Во тоа време беснееше Втората светска војна, а Соединетите Држави беа вклучени во неа. Но, татко ми остана неутрален. Додека таа вечер стоевме на улицата, помина еден пијан лекар и го обвини дека е кукавица и дека си бара изговори за да не учествува во војната. Му се внесе в лице на татко ми и му рече: „Ајде, кукавицо, удри ме ако смееш!“ Бев преплашен, но му се восхитував на татко ми. Тој едноставно продолжи да им ги нуди списанијата на минувачите. Кога помина еден војник, лекарот му викна: „Стори нешто со овој предавник!“ Војникот сфати дека е пијан, па му рече: „Оди дома и отрезни се!“ Потоа и двајцата заминаа. Многу сум благодарен за храброста што Јехова му ја даваше на татко ми. Тој имаше две берберници во Вичита, а лекарот му беше муштерија!

Заедно со моите родители додека патувавме на конгрес во Вичита (1940-тите)

Кога имав осум години, моите родители ја продадоа куќата и берберниците, и направија приколка во која можевме да живееме. Потоа се преселивме во Колорадо, во близина на Гренд Џанкшн, каде што имаше потреба од повеќе објавители. Татко ми и мајка ми служеа како пионери и работеа на фарма со скратено работно време. Благодарение на Јеховиниот благослов и на нивното ревносно проповедање, таму беше основано едно собрание. На 20 јуни 1948 год., татко ми ме крсти во еден планински поток, заедно со уште некои други кои ја прифатија вистината. Меѓу нив беа Били Николс и неговата жена, кои по неколку години почнаа да служат во покраинското дело. Подоцна, и нивниот син и снаа ја вршеа оваа служба.

Бевме добри пријатели со многумина кои беа посветени на службата за Јехова, а особено со членовите на семејството Стил — Дон и Ерлин, Дејв и Џулија, и Си и Марта — со кои честопати разговаравме за Библијата. Нивниот пример изврши големо влијание врз мене. Од нив научив дека ќе бидам среќен и ќе имам вистинска смисла во животот само ако го ставам Царството на прво место.

ПОВТОРНА ПРЕСЕЛБА

Кога имав 19 години, Бад Хејсти, кој ни беше семеен пријател, ме праша дали би сакал да служиме заедно како пионери на југот од САД. Покраинскиот надгледник нѐ замоли да се преселиме во Растон (Луизијана), каде што неколку Сведоци беа неактивни. Тој ни рече да ги одржуваме сите состаноци секоја седмица, дури и ако на нив не доаѓа никој друг. Најдовме соодветно место и го уредивме. Но, иако редовно ги одржувавме состаноците, некое време јас и Бад бевме единствените присутни. За време на програмата, си ги менувавме улогите — кога едниот имаше точка, другиот одговараше на сите прашања. Ако во точката имаше приказ, и двајцата бевме на бината, а во публиката немаше никој! Со текот на времето, на состаноците почна да присуствува и една постара сестра, а подоцна почнаа да доаѓаат некои интересенти и неактивни објавители. Така, наскоро станавме собрание.

Еден ден, јас и Бад разговаравме со еден пастор од Христовата црква, кој спомна некои стихови кои не ми беа познати. Тоа малку ме вознемири и ме натера да размислам подлабоко за моите верувања. Цела седмица проучував до доцна во ноќта за да најдам одговор на неговите прашања. Ова многу ми помогна да си го зајакнам односот со Јехова. Едвај чекав да сретнам друг свештеник!

Кратко потоа, покраинскиот надгледник ме замоли да се преселам во Ел Дорадо (Арканзас) за да му помагам на тамошното собрание. Додека служев таму, често морав да се враќам во Колорадо за да се пријавувам кај регрутната комисија. Еднаш кога патувавме заедно со уште неколку пионери, имавме сообраќајна несреќа во Тексас. Колата ми беше потполно уништена. Тогаш му се јавивме на еден брат, кој дојде и нѐ одведе кај него дома, а потоа нѐ однесе и на состанок. Таму дадоа известување за несреќата, и браќата приложија пари за да ни помогнат. Освен тоа, братот што дојде по нас ја продаде мојата кола за 25 долари.

Имавме доволно пари за да стигнеме до Вичита, каде што еден близок семеен пријател, Док Мекартни, служеше како пионер. Неговите двајца синови близнаци, Френсис и Френк, сѐ уште ми се најдобри пријатели. Тие имаа стара кола која ми ја продадоа за 25 долари — истата сума која ја добив за претходната кола. Тогаш првпат јасно видов дека Јехова ми го дава она што ми е потребно затоа што го ставам Царството на прво место во животот. Во таа прилика, ова семејство ме запозна со една мила сестра, Бетел Крејн. Нејзината мајка, Рут, беше ревносен Сведок во Велингтон (Канзас) и продолжи да служи како пионер дури и кога имаше над 90 години. Јас и Бетел се венчавме една година подоцна, во 1958, и почнавме да служиме како пионери во Ел Дорадо.

РАДОСНИ ВРЕМИЊА

Бидејќи сакавме да ги следиме добрите примери со кои пораснавме, решивме да ја прифатиме секоја задача од Јеховината организација. Бевме испратени да служиме како специјални пионери во Волнат Риџ (Арканзас). Потоа, во 1962 год., многу се израдувавме кога добивме покана да присуствуваме на 37. клас на школата Гилеад. Бевме среќни кога дознавме дека и Дон Стил беше поканет во истиот клас. Откако дипломиравме, јас и Бетел бевме испратени да служиме во Најроби (Кенија). Иако ни беше жал што си заминавме од Њујорк, бевме пресреќни кога ги видовме браќата кои дојдоа да нѐ пречекаат на аеродромот во Најроби.

Во служба во Најроби со Мери и Крис Канаја

За кратко време ја засакавме Кенија и службата таму. Првите со кои ја проучувавме Библијата и кои ја прифатија вистината беа Крис и Мери Канаја. Тие сѐ уште служат полновремено во Кенија. Следната година, бевме замолени да се преселиме во Кампала (Уганда). Бевме првите мисионери во таа земја. Тоа навистина беа убави времиња! Многу луѓе имаа горлива желба да ги дознаат библиските вистини, и станаа наши браќа и сестри. Но, по три и пол години поминати во Африка, се вративме во САД бидејќи сакавме да имаме деца. Бевме многу потажни кога си заминавме од Африка отколку кога го напуштивме Њујорк. Многу го засакавме африканскиот народ и се надевавме дека еден ден повторно ќе се вратиме.

НОВА ОДГОВОРНОСТ

Се преселивме во западниот дел на Колорадо, каде што живееја моите родители. Кратко потоа ни се роди првата ќерка, Кимберли, а 17 месеци подоцна ни се роди и Стефани. За нас родителството беше сериозна одговорност. Многу се трудевме да ги поучуваме нашите прекрасни девојчиња за вистината. Сакавме да постапуваме исто како браќата и сестрите што беа добар пример за нас. Бевме свесни колку е важно да им дадеме добар пример на децата, иако тоа не е гаранција дека ќе му служат на Јехова и кога ќе пораснат. За жал, мојот помлад брат и помладата сестра ја напуштија вистината. Се надевам дека еден ден повторно ќе почнат да му служат на Бог по примерот што и ним им го оставија верните сохристијани.

Воспитувањето на ќерките ни причинуваше голема радост. Секогаш се трудевме да правиме нешто заедно како семејство. Бидејќи живеевме близу до Аспен (Колорадо), научивме да скијаме, и понекогаш сите заедно одевме на скијање. Така имавме можност да разговараме со девојчињата додека се возевме со ски-лифтот. Освен тоа, одевме заедно на кампување и водевме многу убави разговори покрај логорскиот оган. Иако беа мали, тие зборуваа за тоа што ќе прават кога ќе пораснат и за каква личност би сакале да се омажат. Правевме сѐ што можевме за да им помогнеме на децата да го засакаат Јехова. Секогаш ги поттикнувавме да служат полновремено и да се омажат само за некој што има слична цел. Исто така, се трудевме да им помогнеме да сфатат дека е најдобро да не стапат во брак премногу млади. Честопати им велевме: „Чекајте да наполните барем 23 години“.

По примерот на нашите родители, и ние дававме сѐ од себе да присуствуваме на сите состаноци и редовно да одиме во служба како семејство. Честопати каневме на гости браќа и сестри кои беа полновремени слуги. Разговаравме и за тоа колку многу уживавме во мисионерската служба. Нашите ќерки имаа голема желба да појдеме на патување во Африка. Се надевавме дека еден ден сите заедно ќе можеме да го сториме тоа.

Редовно проучувавме како семејство. Понекогаш глумевме ситуации кои можеа да им се случат на училиште. Девојчињата беа во улога на Сведоци, а ние им поставувавме прашања на кои тие требаше да одговорат. Тоа им беше забавно, и им влеа поголема самодоверба. Но, кога потпораснаа, понекогаш не сакаа да присуствуваат на семејното проучување. Во една прилика, толку се разочарав поради тоа, што им реков да си одат в соба бидејќи нема да проучуваме. Запрепастени од мојата реакција, почнаа да плачат и рекоа дека немаат ништо против проучувањето. Тогаш сфативме дека сепак сме успеале донекаде да им всадиме ценење за духовните работи. Со текот на времето, тие уште повеќе го засакаа проучувањето, и отворено ни кажуваа што мислат и што чувствуваат. Не ни беше секогаш лесно кога ќе ни кажеа дека не се согласуваат со некое библиско учење, но барем знаевме што имаат во срцето. Откако потемелно ќе им го објасневме, на крајот се согласуваа со Јеховиното гледиште.

НОВИ ПРОМЕНИ

Децата многу брзо пораснаа. Со помош и водство од Божјата организација, ние дадовме сѐ од себе за да им всадиме љубов кон Јехова. Бевме пресреќни што и двете ќерки почнаа со пионерска служба откако завршија средно училиште и што можеа самите да се издржуваат. Тие се преселија во Кливленд (Тенеси) заедно со други две сестри бидејќи таму имаше потреба од повеќе објавители. Иако многу ни недостасуваа, бевме среќни што одлучија да му служат на Јехова полновремено. Јас и жена ми повторно почнавме со пионерска служба и, поради тоа, подоцна имав можност да служам како заменик на покраинскиот надгледник и да вршам разни задачи во поврзаност со конгресите.

Пред да се преселат во Тенеси, нашите ќерки отпатуваа за Лондон, каде што ја посетија подружницата. Стефани, која тогаш имаше 19 години, се запозна со Пол Нортон, млад брат кој служеше во Бетел. Кога подоцна повторно го посетија Лондон, Кимберли се запозна со еден друг брат од тамошниот Бетел, Брајан Левелин. Стефани се омажи за Пол кога наполни 23 години, а следната година Кимберли се омажи за Брајан кога имаше 25 години. Значи, и двете чекаа да наполнат најмалку 23 години пред да стапат во брак. Многу се радувавме што избраа добри сопрузи.

Заедно со Пол, Стефани, Кимберли и Брајан во подружницата во Малави (2002)

Стефани и Кимберли ни кажаа дека примерот што им го дадовме ние и нашите родители им помогнал да го бараат најнапред Божјето Царство, дури и кога имале финансиски проблеми (Мат. 6:33). Во април 1998 год., Пол и Стефани беа поканети на 105. клас на школата Гилеад, а потоа беа испратени да служат во Малави (Африка). Во исто време, Брајан и Кимберли беа поканети да служат во Бетелот во Лондон, а подоцна беа префрлени во подружницата во Малави. Бевме пресреќни! Навистина, тоа е најдобриот начин на кој младите можат да го живеат својот живот.

НЕОЧЕКУВАНА ПОКАНА

Како што спомнав на почетокот, во јануари 2001 год. ми се јави брат Мареј, надгледникот на Преведувачката служба во Патерсон. Тој ми објасни дека се подготвува еден курс што ќе им помогне на преведувачите низ целиот свет подобро да го разберат англискиот текст. Иако имав 64 години, браќата сакаа да ми дадат обука за да бидам еден од инструкторите на курсот. Јас и Бетел се молевме во врска со тоа, и разговаравме со мојата и нејзината мајка, кои веќе беа во поодминати години. И двете сакаа да одиме, иако тоа значеше дека ќе останат без нашата помош. Му се јавив на брат Мареј и му реков дека со задоволство ја прифаќаме таа посебна задача.

Кратко потоа, лекарите открија дека мајка ми има рак. Ѝ реков дека ќе останеме за да ѝ помагаме на сестра ми, Линда, која се грижеше за неа. Но, мајка ми не се согласи со тоа, туку рече: „Ќе ми биде потешко ако не одите“. Линда го мислеше истото. Бевме многу благодарни што беа спремни на таква жртва. А многу ја ценевме и помошта на браќата и сестрите од нашето место. Само еден ден откако заминавме за Образовниот центар Патерсон, Линда се јави и ни кажа дека мама починала. Во склад со нејзината желба, останавме на новата задача.

Многу се израдувавме кога дознавме дека најпрво ќе ја посетиме подружницата во Малави, каде што служеа нашите ќерки и нивните сопрузи. Бевме среќни што повторно можевме да бидеме заедно. Потоа го одржавме курсот во Зимбабве, па во Замбија. По три и пол години, се вративме во Малави за да запишеме некои од искуствата на тамошните Сведоци, кои порано биле прогонувани поради својата христијанска неутралност. *

Во служба со нашите внуки

Бевме многу тажни кога, во 2005 год., моравме повторно да си заминеме од Африка. Се вративме дома во Базалт (Колорадо), каде што заедно со жена ми продолживме да служиме како пионери. Во 2006 год., Брајан и Кимберли се преселија веднаш до нас за да се грижат за своите две ќерки, Мекензи и Елизабет. Пол и Стефани сѐ уште се во Бетел, каде што Пол служи како член на Одборот на подружницата. Сега имам речиси 80 години, и многу сум среќен што гледам како помладите браќа со кои соработував се грижат за одговорностите што ги извршував порано. Среќата и радоста што ја чувствуваме денес, во голема мера се должи на тоа што ги следевме добрите примери на други верни Божји слуги. Тоа се одрази многу добро врз нашите деца, а им користи и на нашите внуки.

^ пас. 5 Во англиските изданија на Стражарска кула од 1 мај 1956, стр. 269-272, и од 15 март 1971, стр. 186-190, има повеќе информации за мисионерската служба на некои членови на семејството Стил.

^ пас. 30 На пример, види ја животната приказна на Трофим Нсомба, која излезе во Стражарска кула од 15 април 2015, на стр. 14-18.