Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Зачувај ја мудроста“

„Зачувај ја мудроста“

ВО ЕДНО зафрлено село си живеело едно сиромашно момче. Бидејќи го сметале за глупаво, селаните се подбивале со него, особено кога им доаѓале гости од други места. Тие имале обичај да му покажат две парички, едната сребрена а другата златна, и да му речат: „Избери си една“. Иако златната имала двојно поголема вредност од сребрената, момчето секогаш ја грабнувало сребрената паричка и бегало.

Еден ден, еден човек што бил на гости во селото, го прашал момчето: „Зар не знаеш дека златната паричка вреди двапати повеќе од сребрената?“ Момчето се насмевнало, и рекло: „Да, знам“. „Тогаш, зошто ја земаш сребрената?“, прашал човекот. „Ако ја земеш златната, ќе имаш дупло повеќе.“ Момчето одговорило: „Да, ама ако ја земам златната, луѓето ќе престанат да си играат со мене. Знаеш ли колку сребрени парички собрав досега?“ Момчето од приказната покажало мудрост — особина која многу им користи и на возрасните.

Во Библијата пишува: „Зачувај ја мудроста и способноста за расудување. Тогаш ќе одиш сигурно по својот пат, и твојата нога нема да се сопне на ништо“ (Изр. 3:21, 23). Ако знаеме што е мудроста и ако постапуваме мудро, ќе бидеме заштитени. Мудроста ни помага да чекориме сигурно во животот и да не се сопнеме во духовен поглед.

ШТО Е МУДРОСТА?

Мудроста се разликува од знаењето и разбирањето. Оној што има знаење собира информации или факти. Оној што има разбирање сфаќа како информациите се поврзани меѓу себе. Но, оној што има мудрост ги применува знаењето и разбирањето во пракса, и извлекува корист од нив.

На пример, некој би можел за кратко време да ја прочита и да ја разбере книгата Што навистина учи Библијата? Додека Јеховините сведоци проучуваат со него, можеби точно одговара на прашањата. Можеби доаѓа и на состаноци и дава добри коментари. Сето ова може да биде показател дека напредува во духовен поглед. Но, дали стекнал мудрост? Не мора да значи. Можеби само брзо ги сфаќа работите. Тој ќе стекне мудрост дури тогаш кога ќе научи да ги користи знаењето и разбирањето на исправен начин за да живее во склад со вистината. Мудриот човек донесува промислени одлуки кои на крајот раѓаат добри плодови.

Во Матеј 7:24-27 е запишана споредбата на Исус за двајца мажи кои си изградиле куќа. Едниот од нив бил опишан како „разборит човек“. Откако внимателно размислил што би можело да се случи, тој ја изградил својата куќа на карпа. Овој човек бил прониклив и можел добро да ги процени работите. Тој не си рекол дека е поевтино и побрзо да си изгради куќа на песок. Напротив, бил мудар и размислувал за далекосежните последици од своите постапки. Затоа, кога дошла бура, неговата куќа не се срушила. Добро е да се прашаме: „Што ќе ни помогне да стекнеме мудрост и да ја зачуваме оваа скапоцена особина?“

КАКО МОЖАМ ДА СТЕКНАМ МУДРОСТ?

Во Михеј 6:9 пишува: „[Оној што] е мудар, ќе се бои од [Божјето] име“. Таквиот човек има страхопочит кон Бог, односно длабоко го цени Оној што го носи тоа име, како и неговите мерила. За да покажеме почит кон Јехова, треба да знаеме како размислува тој. Тоа ќе нѐ поттикне да му веруваме, да учиме од него, да постапуваме како што постапува тој, и така да пожнееме добри резултати. Ако размислуваме како нашите постапки ќе влијаат на долги патеки врз нашиот однос со Јехова и ако донесуваме одлуки во склад со неговите мерила, тогаш ќе стекнеме вистинска мудрост.

Второ, во Изреки 18:1 пишува: „Оној што се изолира, оди по своите себични желби, се спротивставува на секоја мудрост“. Ако не сме внимателни, би можеле да се оддалечиме од Јехова и од неговиот народ. За да не се случи такво нешто, треба да поминуваме време со оние кои се бојат од Божјето име и ги почитуваат неговите мерила. Ако е можно, треба лично да присуствуваме на состаноците и редовно да се дружиме со браќата од собранието. Додека сме на состанок, треба да ја следиме програмата со целосно внимание, и да дозволиме она што го слушаме да допре до нас.

Освен тоа, кога му го излеваме срцето на Јехова во молитва, уште повеќе се зближуваме со него (Изр. 3:5, 6). Ако си ги отвориме умот и срцето додека ги читаме Библијата и публикациите од Јеховината организација, ќе сфатиме кои ќе бидат долгорочните последици од нашето однесување и ќе можеме да постапуваме во склад со тоа. Исто така, треба спремно да ги прифаќаме советите од зрелите браќа (Изр. 19:20). На тој начин нема да ја отфрлиме мудроста, туку ќе ја зачуваме.

КАКО МУДРОСТА ЌЕ МУ КОРИСТИ НА МОЕТО СЕМЕЈСТВО?

Мудроста може да ги заштити семејствата. На пример, Библијата ги поттикнува жените длабоко да ги почитуваат своите мажи (Еф. 5:33). Како може мажот да ја стекне почитта на својата жена? Ако грубо или со сила ја тера да го почитува, ќе има само краткотраен и привиден успех. За да не дојде до кавга, жената можеби ќе му покажува одредена почит кога се заедно. Но, дали ќе го почитува кога тој не е присутен? Најверојатно не. Добро е мажот да размисли што треба да прави за таа да го почитува вистински и трајно. Ако ги покажува плодовите на духот со тоа што ќе биде љубезен и добар кон неа, тој ќе ја стекне нејзината длабока почит. Се разбира, една христијанка треба со своите постапки да покажува почит кон нејзиниот маж без разлика дали тој го заслужува тоа или не (Гал. 5:22, 23).

Во Библијата пишува дека мажите треба да ги сакаат своите жени (Еф. 5:28, 33). За да ја зачува љубовта на својот маж, една жена можеби ќе мисли дека е подобро да скрие од него некои непријатни работи што тој има право да ги знае. Дали тоа би било мудро? Какви ќе бидат последиците кога тој ќе открие дека му скрила нешто? Дали ќе ја сака повеќе? Тешко. Но, ако го избере вистинскиот момент за да му ги објасни смирено непријатните работи, сопругот веројатно ќе ја цени нејзина искреност, и уште повеќе ќе ја сака.

Начинот на кој ги воспитуваш децата сега, ќе влијае врз твојата комуникација со нив во иднина

Децата треба да ги слушаат родителите и треба да бидат воспитувани „со стега од Јехова“ (Еф. 6:1, 4). Дали тоа значи дека родителите треба да им дадат долг список со правила? Се разбира дека не. Не е доволно децата само да знаат што смеат и што не смеат да прават, и каква казна ги чека ако не постапуваат исправно. Мудрите родители им помагаат на своите деца да разберат зошто треба да бидат послушни.

На пример, што треба да направи родителот ако детето зборува без почит со него? Ако му врати грубо или ако веднаш го казни, детето може да се засрами или да замолчи. Сепак, можеби длабоко во себе ќе чувствува огорченост и ќе се оддалечи од своите родители.

За да стекнат мудрост, родителите треба да размислуваат како ги воспитуваат децата и како тоа може да се одрази врз нив во иднина. Тие не треба да реагираат брзо затоа што детето ги посрамило. Можеби ќе треба насамо да му објаснат на љубезен и смирен начин дека Јехова очекува од него да ги почитува како родители за да има трајна корист. Така детето ќе сфати дека, кога ги почитува родителите, всушност, го почитува Јехова (Еф. 6:2, 3). Ако родителите постапуваат љубезно со детето, ќе можат да допрат до неговото срце. Тоа ќе чувствува дека искрено се грижат за него, и уште повеќе ќе ги почитува. Така, нема да му биде тешко да побара помош од нив кога подоцна во животот ќе се соочи со важни одлуки.

Некои родители можеби не го исправаат своето дете затоа што не сакаат да ги повредат неговите чувства. Но, што ќе се случи кога детето ќе порасне? Дали ќе има страхопочит кон Јехова? Дали ќе сфати колку е мудро да се живее според неговите мерила? Дали спремно ќе го слуша Јехова или ќе се оддалечи од него? (Изр. 13:1; 29:21).

Еден вешт резбар однапред размислува како да го обработи парчето дрво. Тој не го длаби дрвото туку-така, надевајќи се дека на крајот ќе го добие посакуваниот облик. Затоа што се бојат од Божјето име, и мудрите родители внимателно размислуваат како да ги воспитуваат децата. Тие посветуваат многу време за да ги проучуваат Јеховините мерила, а потоа се трудат да ги применат. Со тоа што остануваат близу до Јехова и неговата организација, тие стекнуваат мудрост која ја користат за да го изградат своето семејство.

Сите ние секојдневно носиме одлуки кои можат да имаат долгорочно влијание врз нашиот живот. Наместо импулсивно да реагираме или да донесуваме избрзани одлуки, добро е да застанеме за миг и внимателно да размислиме какви ќе бидат последиците на долги патеки. Треба да го молиме Јехова за водство и да постапуваме во склад со неговата волја. Така ќе ја зачуваме мудроста, која за нас ќе значи живот (Изр. 3:21, 22).