Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Благодарете му на Јехова и тој ќе ве благослови

Благодарете му на Јехова и тој ќе ве благослови

„Благодарете му на Јехова, зашто е добар“ (ПС. 106:1)

1. Зошто Јехова заслужува да му бидеме благодарни?

ЈЕХОВА, од кој доаѓа секој „добар дар и секој совршен подарок“, навистина заслужува да му бидеме благодарни (Јак. 1:17). Како наш добар Пастир, тој со љубов се грижи за сите наши физички и духовни потреби (Пс. 23:1-3). Јехова докажал дека е наше „прибежиште и сила“ — особено во време на неволја (Пс. 46:1). Затоа имаме многу причини од сѐ срце да се согласиме со псалмистот, кој напишал: „Благодарете му на Јехова, зашто е добар, зашто неговата милост трае довека!“ (Пс. 106:1).

Годишен стих за 2015 год.: „Благодарете му на Јехова, зашто е добар“ (Псалм 106:1)

2, 3. а) Што може да се случи ако станеме неблагодарни? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

2 Зошто е важно да му бидеме благодарни на Јехова? Како што било проречено, луѓето во овие последни денови стануваат сѐ понеблагодарни (2. Тим. 3:2). Многумина не ги ценат добрите работи што Јехова ги прави за нив. Под влијание на рекламната индустрија, милиони луѓе се трудат да стекнат што е можно повеќе наместо да бидат задоволни со она што го имаат. Ваквиот дух може да влијае и врз нас.  Слично на Израелците во старо време, и ние би можеле да станеме неблагодарни и да го изгубиме ценењето за нашето скапоцено пријателство со Јехова, како и за благословите што сме ги добиле од Него (Пс. 106:7, 11-13).

3 Размисли и што може да се случи кога ќе се соочиме со неволји. Тогаш проблемите можат да ни изгледаат толку големи што ќе ги засенат благословите кои сме ги добиле (Пс. 116:3). Да видиме што ќе ни помогне да останеме благодарни, и како може да бидеме позитивни дури и кога се справуваме со тешки испити.

„ТИ НАПРАВИ МНОГУ ДЕЛА ЧУДЕСНИ, О ЈЕХОВА“

4. Што ќе ни помогне да останеме благодарни?

4 За да имаме благодарно срце, мора постојано да се потсетуваме на сето она што Јехова го направил за нас лично, и да размислуваме со ценење за тие благослови кои се израз на неговата лојална љубов. Срцето на псалмистот се исполнило со восхит и страхопочит кога размислувал за многуте прекрасни работи што Јехова ги направил за него. (Прочитај Псалм 40:5; 107:43.)

5. Што учиме за благодарноста од апостол Павле?

5 Од апостол Павле може да научиме многу за благодарноста. Тој очигледно размислувал за благословите што ги добил бидејќи често и од срце му благодарел на Бог. Павле добро знаел дека порано бил „хулител, прогонител и дрзок човек“. Затоа бил многу благодарен што, иако во минатото постапувал неисправно, Јехова и Христос му покажале милосрдие и му довериле скапоцена служба. (Прочитај 1. Тимотеј 1:12-14.) Павле исто така многу ги ценел сохристијаните и често му благодарел на Јехова за нивните убави особини и верна служба (Фил. 1:3-5, 7; 1. Сол. 1:2, 3). А кога се соочувал со тешки ситуации, тој веднаш му благодарел на Јехова за потребната помош што му ја давал преку неговите духовни браќа (Дела 28:15; 2. Кор. 7:5-7). Затоа, не е ништо чудно што тој ги поттикнал сохристијаните да бидат благодарни, и додал: „Пејте му на Бог псалми... и духовни песни, пејте му со благодарност и од сѐ срце“ (Кол. 3:15-17, Радосна Вест).

РАЗМИСЛУВАЊЕТО И МОЛИТВАТА НИ ПОМАГААТ ДА ОСТАНЕМЕ БЛАГОДАРНИ

6. За што си му особено благодарен на Јехова?

6 Како може да го следиме примерот на Павле? Исто како него, и ние треба да размислуваме за она што Јехова го направил за нас лично (Пс. 116:12). Ако некој те праша: ‚За кои благослови си му благодарен на Јехова?‘, што би одговорил? Дали би го спомнал твојот скапоцен однос со Бог? Дали би го навел простувањето што си го добил затоа што имаш вера во Христовата откупна жртва? Дали би ги спомнал имињата на браќата и сестрите кои биле крај тебе кога си минувал низ разни тешкотии и проблеми? Дали би кажал колку си благодарен за твојот сакан брачен другар и за твоите љубени деца? Ако одвоиме време да размислуваме за таквите прекрасни благослови што ни ги дал нашиот грижлив небесен Татко, нашето срце ќе се исполни со ценење и ќе нѐ поттикне да му благодариме секој ден. (Прочитај Псалм 92:1, 2.)

7. Зошто треба да му благодариме во молитва на Јехова, и како тоа ќе влијае врз нас?

7 Кога длабоко ќе си ги врежеме во мислите и во срцето благословите што  ни ги дал Јехова, ќе сакаме да му ја изразиме нашата благодарност во молитва (Пс. 95:2; 100:4, 5). Мнозина го молат Бог само кога им треба нешто. Но, ние знаеме дека Јехова се радува кога му кажуваме колку го цениме она што го имаме. Во Библијата се запишани искрените благодарни молитви на голем број верни слуги, како што биле Ана и Езекија (1. Сам. 2:1-10; Иса. 38:9-20). Да учиме од нив, и да му благодариме на Јехова во молитва за благословите што ни ги дал (1. Сол. 5:17, 18). Како тоа ќе влијае врз нас? Ќе се чувствуваме убаво, нашата љубов кон Бог ќе станува сѐ посилна и ќе бидеме уште поблиски со него (Јак. 4:8).

За кои благослови што ти ги дал Јехова си благодарен? (Види во пасуси 6-7)

8. Зошто би можеле да го изгубиме ценењето за сето она што сме го добиле од Јехова?

8 Ако не сме внимателни, може лесно да го изгубиме нашето ценење за Јеховината доброта. Зошто? Затоа што, за жал, имаме вродена склоност да бидеме неблагодарни. Размисли: Јехова ги ставил нашите први родители, Адам и Ева, во рајска градина. Сите нивни потреби биле задоволени и имале можност да живеат засекогаш во мир (1. Мој. 1:28). Но, не ги ценеле тие благослови. Биле алчни и сакале да имаат уште повеќе. Како резултат на тоа, изгубиле сѐ (1. Мој. 3:6, 7, 17-19). Бидејќи живееме во свет кој е полн со неблагодарни луѓе, и ние би можеле лесно да заборавиме на она што Јехова ни го дал, како што е нашето скапоцено пријателство со него и честа да бидеме дел од едно меѓународно братство. Работите од овој свет кој наскоро ќе го снема би можеле да ни го одвлечат вниманието (1. Јов. 2:15-17). За да не паднеме во таа замка, добро е да размислуваме за благословите и секојдневно да му благодариме на Јехова што сме дел од неговиот народ. (Прочитај Псалм 27:4.)

КОГА СЕ СООЧУВАМЕ СО НЕВОЛЈИ

9. Зошто треба да размислуваме за нашите благослови кога ќе се најдеме во неволја?

9 Благодарното срце може да ни помогне да ги пребродиме тешките неволји. Можеби ќе бидеме скршени од болка ако се најдеме во околности кои од корен ќе го променат нашиот живот. На пример, некој би можел да биде изневерен од својот сопружник, да се разболи од неизлечива болест, да му почине некој близок или да биде погоден од тешка природна катастрофа. Што ќе ни помогне во такви моменти? Тоа што  ќе размислуваме за нашите благослови може да ни влее утеха и да ни даде сила да истраеме. Да разгледаме неколку современи примери.

10. Како ѝ помогнало на Ирина тоа што размислувала за благословите?

10 Ирина *‚ која служи како општ пионер во Северна Америка, била мажена за старешина. Но, тој ја изневерил и ја напуштил неа и децата. Што ѝ помогнало да продолжи верно да му служи на Јехова? Таа вели: „Благодарна сум што можев да почувствувам како Јехова лично се грижи за мене. Откако решив секој ден да размислувам за благословите, сфатив колкава чест е тоа што нашиот грижлив небесен Татко ме познава и ме сака. Сигурна сум дека тој никогаш нема да ме напушти“. Иако доживеала многу трагедии во животот, Ирина успеала да ја зачува радоста. Тоа ѝ ја дава потребната сила, но ѝ помага и да ги теши другите.

11. Што ѝ помага на Кијунг-сук да се справи со тешката болест?

11 Кијунг-сук, која живее во Азија, служела како пионер заедно со својот сопруг повеќе од 20 години. Но, одеднаш ѝ откриле дека има рак на белите дробови кој брзо се ширел, и ѝ кажале дека ќе живее уште три до шест месеци. Иако таа и нејзиниот сопруг претрпеле најразлични неволји пред тоа, никогаш немале проблеми со здравјето. Кијунг-сук рекла: „Болеста многу ме погоди — чувствував како за миг да изгубив сѐ и бев преплашена“. Што ѝ помага да се справи со ваквата ситуација? Таа вели: „Секоја вечер пред да си легнам, се качувам на таванот од нашата куќа. Таму на глас му се молам на Јехова и му се заблагодарувам за пет убави работи кои ми се случиле тој ден. Тоа ме смирува и ме поттикнува да му кажам колку многу го сакам“. Како овие молитви влијаат врз Кијунг-сук? Таа вели: „Молитвите ми помогнаа да сфатам дека Јехова ни дава сила и нѐ поддржува низ сите неволји, и дека во животот имаме многу повеќе благослови отколку проблеми“.

Заедно со Џон, братчето кое ја преживеало бурата (Види во пасус 13)

12. Каква утеха нашол Џејсон по смртта на својата сопруга?

12 Џејсон, кој служи во една подружница во Африка, е во полновремена служба повеќе од 30 години. Тој раскажува: „Пред седум години почина жена ми. Болката што ја чувствував беше неопислива. Секогаш кога размислував за она што го претрпе додека се бореше со ракот ми беше многу тешко“. Што му помогнало на Џејсон да се справи со таквата ситуација? Тој вели: „Еднаш се потсетив на некои убави моменти што ги минавме заедно, и му се заблагодарив на Јехова. По таа молитва многу ми олесни, и оттогаш почнав редовно да му благодарам за таквите пријатни спомени“. Иако Џејсон сѐ уште чувствува болка поради загубата, денес има сосем поинаков став. Тој вели: „Секојдневно му благодарам на Јехова затоа што имав убав брак и затоа што му служев заедно со некој што толку многу го сакаше. Тоа ми помага да гледам многу попозитивно на работите“.

„Многу сум благодарна затоа што Јехова е мојот Бог“ (Шерил)

13. Што ѝ помогнало на Шерил да се справи со загубата на речиси целото семејство?

13 Кога силниот тајфун Хајан ги погоди Филипините при крајот на 2013 год., Шерил, која тогаш имала само 13 години, изгубила речиси сѐ. Таа вели: „Го изгубив речиси целото семејство и мојот дом“. Во силната бура загинале нејзините родители, како и нејзините две сестри и еден брат. Што ѝ помогнало на Шерил да ја преброди оваа трагедија без да чувствува огорченост? Таа му е благодарна на Јехова затоа  што размислува за благословите што сѐ уште ги има. Шерил вели: „Гледав што сѐ прават браќата и сестрите за да ги охрабрат и да им помогнат на оние што беа погодени. Знаев дека браќата низ целиот свет се молат за мене“. Таа додава: „Многу сум благодарна затоа што Јехова е мојот Бог. Тој секогаш ни го дава она што ни е потребно“. Да, тоа што сме свесни за благословите ни помага да не паднеме во очај. Ако имаме благодарно срце, ќе истраеме и покрај сите неволји со кои можеби ќе се соочиме (Еф. 5:20; прочитај Филипјаните 4:6, 7).

„ЌЕ МУ СЕ РАДУВАМ НА ЈЕХОВА“

14. Што нѐ очекува во иднина? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

14 Низ историјата, Јеховиниот народ бил благодарен за благословите што ги имал. На пример, откако биле избавени од фараонот и неговите војски кај Црвеното Море, Израелците со радост му пееле песни на фалба и благодарност на својот Бог (2. Мој. 15:1-21). Денес, еден од најголемите благослови на кои се надеваме е дека ќе бидеме избавени од сѐ што ни причинува болка и тага (Пс. 37:9-11; Иса. 25:8; 33:24). Замисли си како ќе се чувствуваме кога Јехова ќе ги уништи сите свои непријатели и ќе нѐ внесе во новиот свет во кој ќе владеат мир и праведност. Во тој ден ќе имаме силна причина од срце да му пееме песни на благодарност! (Отк. 20:1-3; 21:3, 4).

15. Што си решен да правиш во текот на целата 2015 год.?

15 Со нетрпение очекуваме да добиеме безброј благослови од Јехова во текот на 2015 год. Се разбира, можеби ќе доживееме и некои неволји. Но, што и да се случи, знаеме дека Јехова никогаш нема да нѐ напушти (5. Мој. 31:8; Пс. 9:9, 10). Тој и понатаму ќе ни дава сѐ што ни е потребно за да продолжиме верно да му служиме. Затоа, да бидеме решени да имаме ист став како пророкот Авакум, кој рекол: „Макар и смоквата да не процвета и да нема род на лозата, макар и маслинката да не даде род и нивите да не даваат храна, макар и да ги снема овците од трлото и да нема говеда во оборите, јас сепак ќе му се радувам на Јехова, ќе се веселам поради Богот на моето спасение“ (Авак. 3:17, 18). Во текот на претстојната година, со радост да размислуваме за нашите благослови и да го послушаме советот од годишниот стих за 2015 год., кој гласи: „Благодарете му на Јехова, зашто е добар“ (Пс. 106:1).

^ пас. 10 Некои имиња во оваа статија се сменети.