Биди понизен и сочувствителен како Исус
„Христос страдаше за вас и ви даде пример во сѐ да одите по неговите стапки“ (1. ПЕТ. 2:21)
1. Зошто вреди да го следиме примерот на Исус?
ОД СИТЕ луѓе што некогаш живееле на Земјата, Исус Христос ни оставил најдобар пример кој вреди да го следиме. Зошто го велиме ова? Самиот тој во една прилика рекол: „Кој ме видел мене, го видел и Таткото“ (Јован 14:9). Бидејќи Исус совршено ја одразува Божјата личност, преку него можеме да видиме каков е неговиот Татко. Ако го следиме Христовиот пример, ќе се зближиме со Јехова, највеличествената Личност во вселената. Зарем има поголема чест од тоа?
2, 3. а) Зошто Јехова ни дал детален опис на животот на Исус, и што очекува од нас? б) Што ќе разгледаме во оваа и во следната статија?
2 Но, од каде може да дознаеме каков е Исус? Благодарни сме што во Христијанските грчки списи Јехова ни дал детален опис на животот на својот Син. Бог сака да го запознаеме Исус за да може да се угледаме на него. (Прочитај 1. Петрово 2:21.) Во Библијата, примерот што ни го оставил Божјиот Син е спореден со „стапки“. Јехова нѐ поттикнува да чекориме по Исус и да ги следиме неговите стапки. Се разбира, Христос ни дал совршен пример, а ние сме далеку од совршенството. Но, Јехова не очекува од нас совршено да чекориме по стапките на неговиот Син. Напротив, тој сака да го следиме Исусовиот пример најдобро што можеме како несовршени луѓе.
3 Да разгледаме накратко неколку прекрасни особини на Исус. Во оваа статија ќе зборуваме за неговата понизност и сочувствителност, а во следната за неговата храброст и разборитост. Во врска со секоја од овие особини, ќе го добиеме одговорот на три прашања: Што значи таа особина? Како Исус ја покажувал? Како може и ние да ја покажуваме?
ИСУС Е ПОНИЗЕН
4. Што е понизност?
4 Што е понизност? Многу горделиви луѓе сметаат дека понизноста е знак на слабост или ниска самодоверба. Но, тоа воопшто не е точно. Всушност, за да бидеме понизни, потребна ни е голема сила и храброст. Понизноста се дефинира како „став кој е спротивен на гордоста и вообразеноста“. За да бидеме понизни, најпрво треба да имаме исправно гледиште за себеси. Во еден библиски речник пишува: „Понизниот човек е свесен колку е мал во однос на Бог“. Исто така, ако сме вистински понизни, нема да мислиме дека сме подобри од другите (Рим. 12:3). На несовршените луѓе не им е лесно да ја покажуваат оваа особина. Сепак, можеме да ја стекнеме и да ја развиваме ако размислуваме за тоа колку сме ситни во споредба со Бог, и ако ги следиме стапките на неговиот Син.
5, 6. а) Кој е архангелот Михаел? б) Како Михаел покажал понизност?
5 Како Исус покажувал понизност? Божјиот Син отсекогаш бил понизен. Тој ја покажувал оваа особина и како моќен ангел на небото и како совршен човек на Земјата. Да разгледаме неколку примери.
6 Неговиот став. Во библиската книга Јуда е наведен пример од времето кога Исус живеел на небото пред да се роди како човек на Земјата. (Прочитај Јуда 9.) Како архангел Михаел, тој ‚имал спор со Ѓаволот‘ и ‚се расправал‘ со него за „Мојсеевото тело“. Зошто? Па, знаеме дека, кога умрел Мојсеј, Јехова го закопал на непознато место (5. Мој. 34:5, 6). Можеби Сатана сакал да го употреби неговото мртво тело за да ги наведе Израелците да прават обичаи што Јехова не ги одобрува. Сеедно каква злобна намера имал овој непријател, Михаел храбро му се спротивставил. Во еден теолошки прирачник пишува дека грчките изрази преведени со „имаше спор“ и „расправаше“ се поврзани со судски парници, и можеби укажуваат на тоа дека архангелот ‚го оспорил тврдењето на Ѓаволот дека има право да го земе телото на Мојсеј‘. Сепак, и покрај тоа што бил Главен Ангел, Михаел знаел дека не е овластен да донесе суд во таа ситуација. Затоа, иако бил ставен под притисок, тој не ги пречекорил своите овластувања, туку му го препуштил случајот на Врховниот Судија, Јехова — единствениот кој има право да му суди на Сатана. Каков извонреден пример за понизност!
7. Како Исус покажал понизност со своите зборови и постапки?
7 Во текот на својата служба на Земјата, Исус зборувал и постапувал на начин со кој покажал вистинска понизност. Неговите зборови. Тој никогаш не свртувал непотребно внимание на себе. Наместо тоа, сакал секогаш да му се оддава слава на неговиот Татко (Мар. 10:17, 18; Јован 7:16). Исус никогаш не ги омаловажувал своите ученици и не им наметнувал чувства на безвредност. Напротив, го почитувал нивното достоинство, ги пофалувал за доброто што го гледал кај нив и покажувал доверба во нив (Лука 22:31, 32; Јован 1:47). Неговите постапки. Исус водел скромен живот без многу материјални работи (Мат. 8:20). Тој спремно извршувал задачи кои биле ниски во очите на другите (Јован 13:3-15). Исус дал совршен пример за понизност со тоа што му бил послушен на Бог. (Прочитај Филипјаните 2:5-8.) За разлика од вообразените личности кои гледаат со презир на послушноста, Исус понизно се подложил на Божјата волја, и ‚станал послушен сѐ до смрт‘. Зарем сето ова не покажува дека тој навистина имал „понизно срце“? (Мат. 11:29).
БИДИ ПОНИЗЕН КАКО ИСУС
8, 9. Како може да покажуваме понизност?
8 На кој начин можеме да покажуваме понизност како што покажувал Исус? Со нашиот став. Понизноста ќе нѐ спречи да ги пречекоруваме своите овластувања. Ако сме свесни дека немаме право да судиме, нема брзо да ги критикуваме другите за нивните грешки ниту да им припишуваме погрешни мотиви (Лука 6:37; Јак. 4:12). Понизноста ни помага и да не бидеме ‚преправедни‘, и да не гледаме од високо на оние што можеби не се толку способни како нас или не извршуваат одговорни задачи како што вршиме ние (Проп. 7:16). Понизните старешини не сметаат дека се подобри од соверниците. Напротив, таквите пастири ‚ги сметаат другите за поголеми од себе‘, а самите се однесуваат како помали (Фил. 2:3; Лука 9:48).
9 Размисли за Валтер Торн, кој од 1894 год. служел како пилгрим, или патувачки надгледник. Откако со години ја вршел таа служба, бил повикан на бетелската фарма во државата Њујорк, каде што добил задача да работи во кокошарникот. Секогаш кога ќе си помислел дека би требало да извршува некоја поодговорна задача, брат Торн имал обичај да си каже: „Прашинко ниедна! Што се замислуваш?“ (Прочитај Исаија 40:12-15.) Каков понизен став!
10. Како може да покажеме понизност со нашите зборови и постапки?
10 Со нашите зборови. Ако навистина сме понизни во срцето, тоа ќе се види од нашите зборови (Лука 6:45). Во разговор со другите, нема да зборуваме само за одговорностите што ги имаме и за она што ние сме го направиле (Изр. 27:2). Наместо тоа, ќе го бараме доброто кај нашите браќа и сестри, и ќе ги пофалуваме за нивните убави особини, способности и достигнувања (Изр. 15:23). Со нашите постапки. Ако сме понизни, нема да се трудиме да бидеме некој и нешто во овој свет. Ќе бидеме поспремни да водиме едноставен живот, па дури и да извршуваме задачи кои се ниски во очите на луѓето од светот, само за да му служиме на Јехова во најголема можна мера (1. Тим. 6:6, 8). Но, пред сѐ, можеме да покажеме понизност со тоа што ќе бидеме послушни. Мора да сме понизни за да ‚им бидеме послушни на оние што предводат‘ во собранието и да ги прифаќаме упатствата што ги добиваме од Јеховината организација (Евр. 13:17).
ИСУС Е СОЧУВСТВИТЕЛЕН
11. Што е сочувство?
11 Сочувството е обележје на љубовта. Тоа е слично на други убави особини како што се сомилоста и милосрдието. Библијата вели дека Јехова и Исус покажуваат длабоко сочувство, милосрдност и љубов (Лука 1:78; 2. Кор. 1:3; Фил. 1:8). Во еден библиски прирачник пишува дека, освен што чувствува жал за оние што се во неволја, сочувствителното лице е поттикнато да преземе нешто и да им помогне за да им го промени животот на подобро.
12. Од каде знаеме дека Исус бил сочувствителен, и на што го поттикнувало тоа?
12 Како Исус ја покажал оваа особина? Со своите чувства и постапки. Исус чувствувал длабока сомилост кон луѓето. Кога ја видел Марија и другите како плачат затоа што нејзиниот брат, Лазар, умрел, Исус заплакал пред сите. (Прочитај Јован 11:32-35.) А потоа, поттикнат од сожалување — исто како во случајот кога го вратил во живот синот на вдовицата од Наин — тој го воскреснал Лазар (Лука 7:11-15; Јован 11:38-44). Со овој сочувствителен чин, Исус му дал можност да добие надеж за вечен живот на небото. Божјиот Син ‚се сожалил‘ и на мноштвата кои оделе по него. Поттикнат од сочувство, тој ‚ги поучувал за многу работи‘ (Мар. 6:34). Со тоа, од корен им го сменил животот на оние што ги прифатиле неговите учења. Забележи дека Исус не чувствувал само жал во срцето. Напротив, затоа што бил сочувствителен, секогаш одново бил поттикнат да направи нешто за да им помогне на другите (Мат. 15:32-38; 20:29-34; Мар. 1:40-42).
13. На кој начин Исус зборувал со другите? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)
13 Со своите сочувствителни зборови. Поттикнат од длабока сомилост, Исус им се обраќал со сочувствителни зборови на луѓето, особено на оние што биле обесправени. Апостол Матеј ги применил на него следниве зборови на Исаија: „Згазената трска нема да ја скрши и фитилот што тлее нема да го угасне“ (Иса. 42:3; Мат. 12:20). Со своите зборови, Исус ги зајакнувал и освежувал оние што во симболична смисла личеле на згмечена трска или на фитил што тлее. Тој проповедал порака на надеж за ‚да им ги превие раните на оние што биле со скршено срце‘ (Иса. 61:1). Ги повикал оние што биле „изморени и оптоварени“ да дојдат кај него, и ги уверил дека ‚ќе најдат поткрепа за своите души‘ (Мат. 11:28-30). Им ветил на своите ученици дека Бог нежно ќе се грижи за секој свој слуга, па дури и за ‚малите‘ — односно за оние што биле безначајни во очите на светот (Мат. 18:12-14; Лука 12:6, 7).
БИДИ СОЧУВСТВИТЕЛЕН КАКО ИСУС
14. Како може да развиеме сочувство кон другите?
14 Ќе бидеме сочувствителни како Исус ако имаме слични чувства како него. Иако таквите емоции можеби не ни се баш природни, Библијата нѐ поттикнува да се трудиме да ги развиеме. ‚Најдлабоката сомилост‘ е дел од новата личност која треба да ја облечат сите христијани. (Прочитај Колошаните 3:9, 10, 12.) Како може да развиеме сочувство кон другите? Библијата нѐ поттикнува ‚широко да ги отвориме нашите срца‘ (2. Кор. 6:11-13). Затоа, слушај внимателно кога некој ти кажува како се чувствува и што го загрижува (Јак. 1:19). Прашај се: ‚Како ќе ми беше мене да бев на негово место? Што ќе ми беше потребно?‘ (1. Пет. 3:8).
15. Како може да им помогнеме на оние што се како скршена трска или фитил што тлее?
15 Ќе го следиме примерот на Исус и ако покажуваме сочувство со нашите постапки. Оваа особина нѐ поттикнува да правиме сѐ што можеме за да Римјаните 12:15. На потиштените обично им е потребна утеха, а не решенија. Една сестра која била утешена од соверниците откако ѝ починала ќерката вели: „Многу ми значеше кога браќата и сестрите доаѓаа и едноставно плачеа заедно со мене“. Можеме да покажеме сочувство и со нашите добри дела. Дали познаваш вдовица на која ѝ треба некоја поправка низ дома? Дали во собранието има некој постар христијанин на кој му е потребен превоз за да оди на состаноци, во служба или на лекар? Дури и еден мал гест на љубезност може да му биде од голема помош на некој соверник што има мака (1. Јов. 3:17, 18). Најважно од сѐ, може да покажеме сочувство кон другите со тоа што ќе се трудиме со сета душа да ја проповедаме добрата вест. Тоа е најдобриот начин на кој можеме да им помогнеме на искрените лица да имаат посреќен живот!
им го подобриме животот на другите, а особено на оние што се како скршена трска или фитил што тлее. Како може да го правиме тоа? „Плачете со оние што плачат“, стои во16. Со какви зборови може да ги охрабриме потиштените?
16 Можеме да покажеме сочувство и со нашите зборови. Ако сме сочувствителни, ќе им зборуваме утешно на „потиштените души“ (1. Сол. 5:14). Како може да ги охрабриме таквите лица? Така што ќе им кажеме дека навистина сме заинтересирани за нив и дека многу ги сакаме. Можеме искрено да ги пофалиме за да им помогнеме да увидат дека имаат убави особини и способности. Може да ги потсетиме дека Јехова ги привлекол кон својот Син, и затоа мора да се скапоцени во негови очи (Јован 6:44). Добро е да ги увериме дека Јехова многу ги сака своите слуги кои се „скршени во срцето“ или имаат „скршен дух“ (Пс. 34:18). Нашите сочувствителни зборови можат да бидат како мелем на рана за оние што имаат потреба од утеха (Изр. 16:24).
17, 18. а) Што очекува Јехова од старешините? б) Што ќе разгледаме во следната статија?
17 Старешини, Јехова очекува од вас да постапувате сочувствително со неговите овци (Дела 20:28, 29). Не заборавајте, вие сте должни да ги поучувате, да ги храбрите и да ги освежувате (Иса. 32:1, 2; 1. Пет. 5:2-4). Затоа, еден сочувствителен старешина не се обидува да ги контролира соверниците, да измислува правила или да им наметнува чувства на вина за да ги присили да прават повеќе од она што им го дозволуваат околностите. Напротив, тој дава сѐ од себе за да ги радува, со доверба дека нивната љубов кон Јехова ќе ги поттикне да служат најдобро што можат (Мат. 22:37).
18 Додека размислуваме за понизноста и сочувството кои ги покажувал Исус, сигурно сме поттикнати и понатаму да одиме по неговите стапки. Во следната статија ќе разгледаме уште две негови прекрасни особини — храброста и разборитоста.