Превод на Божјата Реч кој допира до срце
„Речта Божја е жива“ (ЕВР. 4:12)
1. а) Каква задача му дал Бог на Адам? б) Како Божјиот народ го користи говорот оттогаш наваму?
ЈЕХОВА БОГ ги обдарил луѓето со способност да комуницираат со помош на говор, односно јазик. Откако го сместил Адам во рајската градина, Бог му доверил задача да им даде имиња на сите животни. Првиот човек ги употребил својата креативност и разум за да му даде соодветно име на секое животно (1. Мој. 2:19, 20). Оттогаш наваму, Божјите слуги продолжуваат да ја користат способноста за говор за да го фалат Јехова и да им ја објавуваат неговата намера на другите. Во поново време, тие го користеле овој дар за да ја преведат Библијата со цел што повеќе луѓе да ја дознаат вистината за Јехова.
2. а) Кои принципи ги следел Одборот што работел на Преводот Нов свет? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?
2 Денес постојат илјадници преводи на Библијата. Но, тие се разликуваат во однос на точноста со која ја пренесуваат пораката од изворните списи. Во 1940-тите, Одборот што работел на Преводот Нов свет ги утврдил следниве принципи за преведување на Библијата: 1) Да се посвети Божјето име со тоа што ќе се врати на сите места каде што стоело во изворните списи. (Прочитај Матеј 6:9.) 2) Да се пренесе изворната порака дословно секаде каде што е можно, но да се пренесе точната смисла онаму каде што буквалниот превод би пренел погрешно значење. 3) Да се користи јазик кој лесно се чита и се разбира. * (Прочитај Неемија 8:8, 12.) Тимовите кои го направија овој превод на повеќе од 130 јазици ги следеа истите принципи. Да видиме на кој начин овие принципи беа применети на Преводот Нов свет — и на ревидираното издание и на изданијата на други јазици.
БИБЛИЈА КОЈА МУ ОДДАВА ЧЕСТ НА БОЖЈЕТО ИМЕ
3, 4. а) Кои древни ракописи го содржат тетраграмот? б) Што направиле со Божјето име многу преведувачи на Библијата?
3 На хебрејски јазик, Божјето име се пишува со четири букви кои се нарекуваат тетраграм. Изучувачите на древните хебрејски ракописи во кои спаѓаат и свитоците од Мртвото Море се изненадени колку пати се појавува тоа во нив. Освен во тие древни хебрејски ракописи на Библијата, Божјето име се наоѓа и во некои примероци од грчката Септуагинта кои датираат од втори век пр.н.е. до први век од н.е.
4 Ова јасно покажува дека Божјето свето име треба да стои во Библијата. Сепак, тоа е изоставено во многу преводи. Всушност, само две години по излегувањето на Христијанските грчки списи — Превод Нов свет, во 1952 год. излезе ревизија на англиската Библија позната како American Standard Version, која за првпат беше објавена во 1901 год. Иако првото издание го содржеше Божјето име, во ревидираното издание името беше изоставено. Зошто? Во предговорот стоеше: „Воопшто не е во ред ниту една христијанска црква да користи какво и да било лично име за единствениот Бог“. Ваквиот став влијаел и врз многу други подоцнежни преводи, и на англиски и на други јазици.
5. Зошто е важно да се користи Божјето име во Библијата?
5 Дали е навистина важно преводите на Библијата да го содржат Божјето име? Да! Јехова, нејзиниот Автор, сака луѓето да го знаат неговото име. Еден добар преведувач треба да знае која е целта на авторот, и тоа треба да влијае врз одлуките што ги донесува кога преведува. Многу библиски стихови покажуваат дека Божјето име е важно и дека мора да му се оддава чест (2. Мој. 3:15; Пс. 83:18; 148:13; Иса. 42:8; 43:10; Јован 17:6, 26; Дела 15:14). Преку својот свет дух, Јехова ги поттикнал писателите на Библијата често да го користат неговото име. (Прочитај Езекиел 38:23.) Оние што го изоставаат името, кое се појавува илјадници пати во древните ракописи, покажуваат непочитување кон Авторот на Светото писмо.
6. Зошто Божјето име беше додадено на шест места во ревидираното англиско издание на Преводот Нов свет?
6 Денес има уште повеќе докази дека Божјето име треба да стои во Библијата. Во англиското издание на Преводот Нов свет од 1984 год., Божјето име беше спомнато 7.210 пати. Но, во ревидираното издание од 2013 год., тоа е додадено на уште шест места. Пет од нив се во 1. Самоилова 2:25; 6:3; 10:26; 23:14, 16. Ова беше направено главно затоа што името се наоѓа во овие стихови во свитоците од Мртвото Море. * На темел на подлабокото истражување на некои древни ракописи, името беше вратено и во Судиите 19:18.
7, 8. Што значи името Јехова?
7 Божјето име е од огромна важност за вистинските христијани. Тоа значи „оној што предизвикува да стане“. * Порано во нашите публикации ова значење беше поврзано со 2. Мојсеева 3:14, каде што стои: „Ќе станам сѐ што ќе посакам да станам“. Затоа во македонскиот превод од 2006 год. пишува дека името „го прикажува Јехова како оној што постојано работи на исполнувањето на своите ветувања“. * Но, во Додатокот А4 во ревидираниот англиски превод од 2013 год. пишува дека значењето на Божјето име е пошироко. Освен што самиот Бог станува сѐ што сака да стане, тој може да предизвика и сите негови созданија да станат сѐ што е потребно за да се исполни неговата намера. *
8 На пример, во склад со значењето на своето име, Бог го оспособил Ное да изгради арка, го обдарил Веселеил со занаетчиски вештини, му помогнал на Гедеон да биде храбар воин и на Павле да биде апостол на народите. Божјето име навистина е од огромна важност за неговиот народ, и затоа Одборот што работеше на Преводот Нов свет го стави на сите места каде што се појавува во изворниот текст на Библијата.
9. Која е една од главните причини зошто Преводот Нов свет излезе на толку многу јазици?
9 Сѐ повеќе преводи на Библијата го испуштаат Божјето име, и го заменуваат или со „Господ“ или со името на некое локално божество. Но, Водечкото тело смета дека е многу важно луѓето од сите јазични групи да имаат Библија која му оддава чест на Божјето име. (Прочитај Малахија 3:16.) Ова е една од главните причини зошто Преводот Нов свет досега излезе на повеќе од 130 јазици.
ЈАСЕН И ТОЧЕН ПРЕВОД
10, 11. На какви проблеми наишле преведувачките тимови кои работеле на Преводот Нов свет на други јазици?
10 Додека англискиот Превод Нов свет се преведуваше на други јазици, се појавија многу проблеми. На пример, порано во англиското издание се користеше хебрејскиот збор „шеол“, кој го имаше и во некои други англиски Библии. Проповедник 9:10 беше преведен на следниов начин: „Нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост во шеолот во кој одиш“. Но, преведувачките тимови на други јазици се соочија со проблем: повеќето од нивните читатели не знаат што значи зборот „шеол“. Освен тоа, овој збор го нема ни во нивните речници, а на мнозина им звучи како географски поим. Затоа на преведувачите им беше дозволено да ги преведат хебрејскиот збор „шеол“ и грчкиот збор „ад“ со „гроб“. Ова е точен превод и помага текстот да биде многу појасен.
11 Исто така, на некои јазици беше тешко доследно да се преведат хебрејскиот збор нефеш и грчкиот збор психи кои буквално значат „душа“. Во тие јазици, зборот „душа“ обично се однесува на дух или на нешто нематеријално што го напушта телото при смртта. За да не дојде до забуна, преведувачите добија одобрување зборот „душа“ да го преведуваат според контекстот, во
склад со значењата кои беа објаснети во додатоците на Преводот Нов свет. Најважно беше библискиот текст лесно да се чита и да се разбере. Некои додатни корисни информации за хебрејските и грчките зборови најчесто беа ставани во фусноти.12. Кои промени беа направени во ревидираното издание на Преводот Нов свет од 2013 год.? (Види ја и статијата „Превод Нов свет — ревидирано англиско издание од 2013“.)
12 Од прашањата на преведувачите стана јасно дека и некои други стихови можат да се разберат погрешно. Затоа, во септември 2007 год., Водечкото тело даде одобрување да се ревидира англиското издание. Во текот на ревизијата, беа разгледани илјадници прашања кои дотогаш беа добиени од разни тимови што работеа на Преводот Нов свет. Застарените англиски изрази беа заменети со современи. Тоа помогна текстот да биде полесен за читање и разбирање без да се жртвува точноста. На тој начин, Преводот Нов свет на други јазици придонесе да се подобри и англиското издание (Изр. 27:17).
ГОЛЕМА БЛАГОДАРНОСТ
13. На каков прием наиде ревидираното англиско издание на Библијата?
13 Што чувствуваат мнозина за ревидираното англиско издание на Преводот Нов свет? Во главното седиште на Јеховините сведоци во Бруклин стигнаа илјадници писма со благодарност. Многумина се чувствуваат како една сестра, која напишала: „Библијата е ризница преполна со драгоцени камења! Кога ги читам Јеховините зборови во ревидираното издание, ги разгледувам тие скапоцености еден по еден, и се восхитувам на многуте нивни фасети, како и на нивната чистота, боја и убавина. Овој едноставен превод ми помага подобро да го запознаам Јехова, кој е како татко што ме прегрнува додека ми ги чита своите утешни зборови“.
14, 15. Како влијаел Преводот Нов свет врз луѓето чиј мајчин јазик не е англискиот?
14 И оние што не зборуваат англиски се благодарни за Преводот Нов свет на својот јазик. Еден постар човек од Софија го рекол следново за бугарскиот превод: „Ја читам Библијата
многу години, но никогаш не сум сретнал толку разбирлив превод што допира до срце“. Откако добила Превод Нов свет на целата Библија, една сестра од Албанија рекла: „Колку убаво звучи Божјата Реч на албански! Огромна чест е Јехова да ти зборува на твојот јазик!“15 Во многу земји е вистински благослов да се има Библија, бидејќи обично е скапа или не може лесно да се најде. Во еден извештај од Руанда стоело: „Долго време, многу лица кои проучуваа не можеа духовно да напредуваат затоа што немаа своја Библија. Немаа доволно пари да купат Библија од тамошните цркви. Освен тоа, честопати не можеа добро да разберат што значат некои стихови, и тоа го спречуваше нивниот духовен напредок“. Но, работите се променија кога излезе Преводот Нов свет на нивниот јазик. Забележи ја изјавата на едно семејство од Руанда, во кое има четири деца на тинејџерска возраст: „Од срце им благодариме на Јехова и на верниот и разборит роб што ни ја дадоа оваа Библија. Ние сме многу сиромашни и немавме пари да купиме по една Библија за секого. Но, сега секој од нас има свој примерок. За да му покажеме на Јехова колку ја цениме Библијата, ја читаме како семејство секој ден“.
16, 17. а) Што сака Јехова? б) На што треба да бидеме решени?
16 Со текот на времето, ревидираниот Превод Нов свет ќе биде достапен на повеќе јазици. Сатана се обидува да го спречи тоа, но ние сме уверени дека Јехова сака на сите негови слуги да им зборува на јасен и разбирлив јазик. (Прочитај Исаија 30:21.) Ќе дојде време кога „земјата ќе биде полна со знаење за Јехова, како што морето е полно со вода“ (Иса. 11:9).
17 Да бидеме решени да ги искористиме сите дарови од Јехова, вклучувајќи го и овој превод кој му оддава чест на неговото име. Да му дозволиме на Бог секојдневно да ни зборува преку својата Реч. Тој може внимателно да ги слуша сите наши молитви. Ваквата комуникација со Јехова ќе ни помогне уште подобро да го запознаеме, и нашата љубов кон него ќе стане уште посилна! (Јован 17:3).
^ пас. 2 Види го Додатокот А1 во ревидираното англиско издание на Преводот Нов свет, и статијата „Како да избереш добар превод на Библијата?“, која излезе во Стражарска кула од 1 мај 2008.
^ пас. 6 Овие свитоци се постари од хебрејскиот масоретски текст преку 1.000 години.
^ пас. 7 Ова објаснување стои во некои прирачници, иако сите изучувачи не се согласуваат со него.
^ пас. 7 Види во Свето писмо — превод Нов свет, Додаток 1, стр. 1685.
^ пас. 7 Види ја брошурката Да ја истражуваме Божјата Реч, стр. 5.