Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Превод Нов свет — ревидирано англиско издание од 2013

Превод Нов свет — ревидирано англиско издание од 2013

НИЗ годините, Светото писмо — превод Нов свет на англиски јазик беше ревидирано неколку пати. Но, најмногу промени беа направени во изданието од 2013 год. На пример, бројот на зборови во ова издание сега е помал за 10 отсто. Освен тоа, беа сменети некои клучни библиски изрази, а одредени поглавја беа ставени во поетски формат. Исто така, во англиското издание со стандардна големина беа додадени фусноти за да се дообјасни текстот. Бидејќи во оваа статија не е можно да се опфатат сите промени, да разгледаме само некои од позначајните преиначувања.

Кои клучни библиски изрази беа сменети? Како што беше спомнато во претходната статија, беа ревидирани изразите „шеол“, „ад“ и „душа“. Но, беа сменети и некои други изрази.

На пример, во врска со начинот на кој бил погубен Исус, во претходното издание на англиски се користеше еден збор кој може да значи и „набиен на колец“. За да не се пренесе таква погрешна мисла, овој израз беше заменет со „погубен на столб“ или „прикован на столб“ (Мат. 20:19; 27:31). Изразот „распуштено однесување“ беше заменет со „бесрамност“, бидејќи изворниот грчки збор означува и дрскост. Изразот „разуздани гозби“ беше сменет во „лумпувања“, бидејќи тој полесно се разбира денес (Гал. 5:19-22). Наместо „оддадена љубезност“, сега се користи изразот „лојална љубов“. Тој точно ја пренесува смислата на хебрејскиот збор кој обично се спомнува во ист контекст со зборот „верност“ (Пс. 36:5; 89:1).

Некои зборови од изворните јазици кои на сите места беа преведени со еден ист израз сега се преведени различно, во зависност од контекстот. На пример, хебрејскиот збор олам беше преведуван со еден англиски израз кој буквално значи „неодредено време“. Но, тој збор нема секогаш исто значење — понекогаш се однесува на вечност, а понекогаш на некој ограничен период во минатото или во иднината. Тоа влијаеше врз преводот на некои стихови, како што се Псалм 90:2 и Михеј 5:2.

Хебрејскиот, односно грчкиот збор кој се преведува со „семе“ се појавува на многу места во Библијата. Освен во дословна смисла, овој збор се користи и симболично за да означи „потомство“. Во поранешните изданија на Преводот Нов свет, во 1. Мојсеева 3:15, како и на сите други места, доследно се користеше зборот „семе“. Но, во англискиот јазик веќе не е вообичаено да се употребува тој збор кога се мисли на „потомство“. Затоа, во 1. Мојсеева 3:15 и во други слични стихови, во ревидираното издание стои зборот „потомство“ или „потомци“ (1. Мој. 22:17, 18; Отк. 12:17). На други места, овој збор е преведен според контекстот (1. Мој. 1:11; Пс. 22:30; Иса. 57:3).

Зошто беше сменет буквалниот превод на многу места? Во Додатокот А1 во изданието од 2013 год. пишува дека, за еден превод на Библијата да биде добар, фразите од изворните јазици треба да бидат преведени од збор до збор. Но, ако на тој начин би се добил погрешен или неразбирлив превод на некоја фраза, поважно е да се пренесе точната смисла. На пример, изразот „ги испитува... срцата“ од Откровение 2:23 е разбирлив на многу јазици. Меѓутоа, во истиот стих, изразот „ги испитува бубрезите“ можеби нема да се разбере. Затоа, зборот „бубрезите“ е заменет со „најскриени мисли“ бидејќи со тоа точно се пренесува смислата на изворниот израз. На сличен начин, во 5. Мојсеева 32:14, хебрејската фраза која дословно гласи „бубрежниот лој на пченицата“ сега е преведена појасно со „најдобрата пченица“. Од истата причина, фразата „имам необрежани усни“ беше заменета со „тешко зборувам“, за да може многу полесно да се разбере (2. Мој. 6:12, фус.).

Зошто изразите „синовите на Израел“ и „момчињата без татко“ сега се преведени со „Израелците“ и „децата без татко“? Во хебрејскиот јазик, машкиот или женскиот род на именката обично покажува дали станува збор за машко или женско. Но, понекогаш некои изрази во машки род се однесуваат и на мажи и на жени. На пример, од контекстот на некои стихови се гледа дека изразот „синовите на Израел“ се однесува и на двата пола, и затоа сега на повеќето места е заменет со „Израелците“ (2. Мој. 1:7; 35:29; 2. Цар. 8:12).

Слично на тоа, во 1. Мојсеева 3:16 се користи еден хебрејски збор кој значи „синови“. Овој збор беше преведен со „деца“ уште во поранешните изданија на Преводот Нов свет. Сега и во 2. Мојсеева 22:24, истиот збор е сменет од „синови“ во „деца“. Во ревидираното издание пишува: „Вашите деца [хебрејски, „синови“] ќе останат без татко“. Бидејќи овој принцип беше применет и во други случаи, изразот „момче без татко“ беше сменет во „дете без татко“ или „сирак“ (5. Мој. 10:18; Јов 6:27). Така гласи и преводот на овие изрази во грчката Септуагинта. Од истата причина, фразата „момчешки денови“ во Проповедник 12:1 беше сменета во „деновите на младоста“.

Зошто многу хебрејски глаголи беа преведени на поедноставен начин? Глаголите во хебрејскиот јазик можат да бидат несвршени, кои укажуваат на трајно дејство, и свршени, кои укажуваат на завршено дејство. За да се покаже дека станува збор за трајно или повторливо дејство, во претходните изданија на Преводот Нов свет, несвршените хебрејски глаголи беа преведувани со глагол и помошни изрази. * Слично на тоа, свршените хебрејски глаголи беа преведувани со глагол и други помошни изрази за да се укаже на завршеното дејство.

Во изданието од 2013 год., не се користат вакви помошни зборови освен ако тоа не е неопходно за точно да се пренесе смислата. На пример, нема потреба да се каже: „Бог почна да вели: ‚Нека настане светлина‘“. Доволно е да се каже: „Бог рече“ (1. Мој. 1:3). Но, бидејќи според 1. Мојсеева 3:9, Јехова очигледно го повикал Адам неколку пати, во тој стих се користи англиски глагол со помошен збор кој укажува на повторливо дејство. Општо земено, глаголите во ревидираното издание се преведени поедноставно, при што вниманието се насочува на самото дејство, а не на неговото времетраење. Благодарение на тоа, овој превод во одредена мера ја одразува концизноста на хебрејскиот јазик.

Сега повеќе поглавја се во поетски формат бидејќи така биле напишани во изворните текстови

Зошто сега повеќе поглавја се во поетски формат? Многу делови од Библијата биле пишувани како поезија. Во денешните јазици, поезијата се препознава по римата, но во еврејската поезија најважни елементи биле паралелизмот и контрастот. Ритамот не се постигнувал со римување на зборови туку со логично подредување на мислите.

Во претходните изданија на Преводот Нов свет, библиските книги Јов и Псалми беа отпечатени во поетски формат за да се види дека изворно биле напишани со цел да се пеат или рецитираат. Ваквиот формат ги нагласува поетските елементи, ги истакнува главните мисли и ни помага полесно да го запамтиме прочитаното. Во изданието од 2013 год., библиските книги Изреки и Песна над песните, како и многу поглавја од пророчките книги, се ставени во поетски формат за да се види дека библиските стихови првобитно биле пишувани како поезија, но и да дојдат до израз паралелизмот и контрастите. Пример за ова е Исаија 24:2, каде што секој ред содржи контраст, и каде што една мисла се надоврзува на друга за да се нагласи дека никој нема да побегне од Божјиот суд. Ако читателот знае дека тие делови се, всушност, песни, ќе сфати дека библискиот писател не повторувал едни исти работи туку користел поетска техника за да ја нагласи Божјата порака.

Во хебрејскиот јазик, не е секогаш јасно што е проза, а што поезија. Затоа, во разни преводи на Библијата различни делови се печатени во форма на поезија. Главно, преведувачите се тие што одлучуваат кои библиски стихови ќе бидат ставени во ваква форма. Некои делови во изворниот текст се напишани како проза, но звучат поетски затоа што содржат сликовит јазик, игри на зборови и паралелизми со кои се истакнуваат важни мисли.

Во англиското издание од 2013 год., пред секоја библиска книга има преглед на содржината. Тој е особено корисен за книгата Песна над песните бидејќи многу помага за да се одреди кој лик зборува.

Како проучувањето на ракописите запишани на изворните јазици влијаеше врз ревидираното издание? Првиот Превод Нов свет беше направен на темел на хебрејскиот масоретски текст и грчкиот текст од Весткот и Хорт, кој е многу ценет меѓу библиските изучувачи. Но, благодарение на понатамошното изучување на древните библиски ракописи, беше утврдено како точно гласи текстот во некои библиски стихови. Станаа достапни и примероци од свитоците од Мртвото Море. Освен тоа, библиските изучувачи анализираа уште некои грчки ракописи. Многу древни ракописи сега се достапни во дигитален формат. Затоа можат полесно да се анализираат разликите помеѓу поединечните ракописи за да се утврди која верзија на хебрејскиот или грчкиот текст е најблиска до оригиналот. Одборот кој го ревидираше Преводот Нов свет ги зеде предвид сите овие откритија кога проучуваше одредени стихови, и поради тоа беа направени некои промени.

На пример, во 2. Самоилова 13:21, во грчката Септуагинта стои следниов текст: „Но, нејќеше да ги повреди чувствата на својот син, Амнон, бидејќи го сакаше затоа што му беше првороден“. Оваа реченица ја немаше во поранешните изданија на Преводот Нов свет бидејќи не се наоѓа во масоретскиот текст. Сепак, свитоците од Мртвото Море ги содржат овие зборови, и затоа беа вклучени во англиското издание од 2013 год. Од слични причини, и Божјето име беше вратено на пет места во книгата Прва Самоилова. Благодарение на проучувањето на грчките ракописи, беше направена и промена во редоследот на мислите во Матеј 21:29-31. Според тоа, Одборот за превод сметаше дека е подобро да се направат некои промени поради сознанијата до кои се дојде од проучувањето на разни древни ракописи отколку строго да се држи за едно критичко издание на грчките списи.

Ова се само некои од промените во Преводот Нов свет, кои придонесуваат со уште поголемо уживање да ги читаме Божјите зборови и уште подобро да ги разбереме неговите мисли. Ова издание е навистина прекрасен дар од Јехова!

^ пас. 10 Види во англиското издание на Светото писмо — превод Нов свет со референци, во Додаток 3Ц, со наслов „Хебрејски глаголи кои означуваат трајно или повторливо дејство“.