Вистината за пеколот и ти
Вистината за пеколот и ти
ОНИЕ што ги поучуваат другите дека пеколот е место на маки фрлаат многу лошо светло врз Јехова Бог и неговите особини. Иако е точно дека Библијата вели дека Бог ќе ги уништи злите, сепак, гневот, дури и кога е оправдан, не е Божја главна особина (2. Солуњаните 1:6-9).
Бог не е ниту злобен ниту жеден за одмазда. Тој дури и прашува: „Зар Јас сакам смрт за грешникот?“ (Језекиил 18:23, Превод на МПЦ). Ако Бог не сака злите да умрат, како би можел во сета вечност со задоволство да гледа како тие се мачат?
Божјата најистакната особина е љубовта (1. Јованово 4:8). Всушност, „Господ е благ за сите, милостив за сите Свои дела“ (Псалм 145:9, ДХК). Но, Бог сака и ние да го сакаме него од срце (Матеј 22:35-38).
Што те мотивира — стравот од пеколот или љубовта кон Бог?
Верувањето дека душите страдаат во пекол создава кај луѓето ужасен страв од Бог. Спротивно на тоа, оној што ќе ја дознае вистината за Бог и што ќе го засака, ќе стекне здрав страв од него. „Почеток на мудроста е стравот од Господа! Мудро прават кои Го почитуваат“ стои во Псалм 111:10 (ДХК). Ваквиот страв од Бог не е чувство на ужас, туку страхопочит и длабоко ценење кон Творецот. Тој раѓа во нас здрав страв дека нема да му угодиме.
Размисли за тоа како се чувствувала Кетлин (32) кога ја дознала вистината за пеколот. Таа во минатото се дрогирала и животот ѝ се состоел од забави, насилство, самоомраза и неморал. Денес признава: „Ќе погледнев во мојата едногодишна ќерка и ќе помислев: ‚Види што ѝ
правам. Ќе горам во пеколот за ова‘“. Кетлин се обидела да престане да се дрогира, но не успеала. „Сакав да бидам добра“, рекла таа, „но сѐ во мојот живот и во светот беше толку мизерно. Не гледав причина да бидам добра.“Тогаш Кетлин ги сретнала Јеховините сведоци. „Дознав дека не постои пекол. Библиските докази беа совршено логични“, вели Кетлин. „Многу ми олесни кога сфатив дека нема да горам во пеколот.“ Освен тоа, дознала и за Божјето ветување дека луѓето ќе живеат вечно на Земјата, која ќе биде исчистена од секое зло (Псалм 37:10, 11, 29; Лука 23:43). „Стекнав вистинска надеж — дека ќе живеам вечно во рајот!“ — вели таа.
Дали Кетлин успеала да престане да се дрогира без да мисли на стравот дека ќе гори во пеколот? Таа вели: „Кога ќе ми се јавеше силна желба да земам дрога, се молев, преколнувајќи го Јехова Бог за помош. Размислував за тоа како гледа тој на тие валкани навики, и не сакав да го разочарам. Тој одговори на моите молитви“ (2. Коринќаните 7:1). Овој страв дека ќе го разочара Бог ѝ помогнал на Кетлин да се ослободи од своите пороци.
Љубовта кон Бог и здравиот страв од него — а не стравот од мачење во пекол — може да нѐ мотивира да ја вршиме Божјата волја за да бидеме вечно среќни. Псалмистот напишал: „Блажен е секој, кој се бои од Господа, кој оди по Неговите патеки“ (Псалм 128:1, ДХК).
[Рамка/слики на страница 9]
КОЈ ЌЕ БИДЕ ОСЛОБОДЕН ОД ПЕКОЛОТ?
Некои библиски преводи ги збунуваат луѓето со тоа што преведуваат два различни грчки збора — ге́ена и а́дис — само со еден збор — „пекол“. Во Библијата, зборот ге́ена се однесува на потполно уништување, смрт без никаква надеж за воскресение. За разлика од тоа, за оние што се во а́дис, односно во адот, постои надеж дека ќе бидат воскреснати.
Затоа, откако Исус умрел и бил вратен во живот, апостол Петар ги уверил своите соговорници дека Исус ‚не бил оставен во пеколот‘ (Дела 2:27, 31, 32; Псалм 16[15]:10; двата Превод на МПЦ). Зборот што во овој стих е преведен со „пекол“ е грчкиот збор а́дис, односно ад. Исус не отишол во некое место каде што горел оган. Адот, или „пеколот“, бил гробот. Но, Исус не е единствениот што Бог го ослободил од адот.
Во поврзаност со воскресението, Библијата вели: „Смртта и пеколот ги повратија мртвите свои, што беа во нив“ (Откровение 20:13, 14, Превод на МПЦ). Да се испразни „пеколот“ значи да се вратат во живот сите оние што Бог ќе ги прогласи за достојни за воскресение (Јован 5:28, 29; Дела 24:15). Колку прекрасна надеж за иднината — да видиме како ќе бидат подигнати од гробот нашите најмили што умреле! Тоа ќе го направи Јехова, Богот кој бескрајно нѐ сака.