Дали сте знаеле?
Дали сте знаеле?
Дали лепрата што се спомнува во Библијата е иста со денешната лепра?
Современиот медицински назив за „лепра“ се однесува на една бактериска инфекција кај човекот. Оваа бактерија (Mycobacterium leprae) прв ја открил д-р Г.А Хансен во 1873 год. Истражувачите утврдиле дека бактериите можат да преживеат надвор од телото во назалните секрети дури и до девет дена. Исто така, откриле дека луѓето што се во близок контакт со заболени од лепра се во поголема опасност да се заразат со оваа болест и дека заразената облека е можен извор на инфекција. Според Светската здравствена организација, во 2007 год. се евидентирани повеќе од 220.000 нови случаи на лепра.
Нема никакво сомневање дека во библиските времиња луѓето на Блискиот Исток заболувале од лепра, а со Мојсеевиот закон се барало лепрозните лица да бидат одвоени од другите (3. Мојсеева 13:4, 5). Меѓутоа, хебрејскиот збор цара́т, преведен со „лепра“, не се однесувал само на болест што се јавувала кај луѓето. Цара́т се ширела и на облеката и во куќите. Овој вид лепра можел да се појави на волнена и ленена облека и на сѐ што било направено од кожа. Во некои случаи, можела да се отстрани со перење, но ако ‚жолтеникаво-зелената или црвеникава болест‘ останела, облеката или предметот од кожа требало да се изгори (3. Мојсеева 13:47-52). Во куќите, оваа болест се манифестирала како „жолтеникаво-зелени или црвеникави вдлабнатини“ на ѕидот. Зафатените камења и малтерот требало да се отстранат и да се исфрлат — и тоа далеку од местото каде што живееле луѓе. Ако повторно се појавела лепра, куќата требало да се урне и материјалите од кои била направена да се фрлат (3. Мојсеева 14:33-45). Некои велат дека лепрата на облеката или куќите би можела да се опише со она што денес се нарекува мувла. Но, ова не може да се тврди со сигурност.
Зошто меѓу сребрарите во Ефес настанал метеж откако апостол Павле проповедал таму?
Сребрарите во Ефес се богателе изработувајќи „сребрени храмчиња на Артемида“, заштитничката на Ефес, која била божица на ловот, плодноста и раѓањето деца (Дела 19:24). Се зборувало дека нејзиниот кип паднал „од небото“ и бил поставен во храмот на Артемида во Ефес (Дела 19:35). Тој храм се сметал за едно од седумте чуда на древниот свет. Секоја година во март и април, реки од обожаватели се слевале во Ефес за да присуствуваат на празниците во чест на Артемида. Поради навалата од посетители, имало голема побарувачка на религиозни предмети, кои се користеле како сувенири, амајлии или дарови за божицата, но поклониците ги купувале и за дома, за да ги обожаваат со своето семејство. Древните натписи од Ефес откриваат дека се изработувале златни и сребрени кипови на Артемида, а други натписи конкретно спомнуваат едно здружение на сребрари.
Павле ги учел луѓето дека киповите „направени со раце не се богови“ (Дела 19:26). Затоа, откако увиделе дека е загрозена нивната заработувачка, сребрарите кренале бунт против проповедничката активност на Павле. Димитриј, кој бил еден од нив, ги изразил нивните стравови со следниве зборови: „Постои опасност ова наше занимање да дојде на лош глас. И не само тоа, туку ќе се обезвредни и храмот на великата божица Артемида и ќе исчезне величеството на таа божица, која е почитувана во цела Азија и во целиот свет“ (Дела 19:27).