Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Повторно раѓање — начин за спасение?

Повторно раѓање — начин за спасение?

Повторно раѓање — начин за спасение?

КАКО би одговорил на прашањето: „Дали си повторно роден?“ Милиони верници во светот ќе одговорат со категорично „да!“ Тие веруваат дека сите вистински христијани треба да бидат повторно родени и дека тоа е единствен начин да се спасат. Тие се согласуваат со гледиштето на верските водачи, како што е теологот Роберт Ч. Спраул, кој напишал: „Ако некој не е повторно роден,.. тогаш тој не е христијанин“.

Дали и ти веруваш дека ќе се спасиш само ако бидеш повторно роден? Ако да, несомнено сакаш да им помогнеш на твоите роднини и пријатели да добијат спасение на истиот начин. Но, за тоа треба да сфатат која е разликата помеѓу оној што е повторно роден и оној што не е повторно роден. Како би им објаснил што значи да се биде повторно роден?

Многумина веруваат дека изразот ‚повторно роден‘ се однесува на некој што свечено ветил дека ќе им служи на Бог и на Христос и, како резултат на тоа, од духовно мртов станал духовно жив. Всушност, според дефиницијата во еден современ речник, лицето што е повторно родено „обично е христијанин што повторно му се заветувал на Бог, особено откако доживеал некое длабоко духовно искуство“ (Merriam-Webster’s Collegiate Dictionary—Eleventh Edition).

Ќе се изненадиш ли ако дознаеш дека Библијата не се согласува со таа дефиниција? Би сакал ли да знаеш што навистина учи Божјата реч за повторното раѓање? Ќе биде добро подлабоко да ја разгледаш оваа тема. Зошто? Бидејќи точното разбирање на тоа што значи да се биде повторно роден ќе влијае врз твојот живот и врз она што го очекуваш од иднината.

Што учи Библијата?

Изразот ‚повторно роден‘ се наоѓа во Јован 3:1-12, каде што е опишан еден интересен разговор помеѓу Исус и еден верски водач во Ерусалим. Во придружната рамка ќе го најдеш тој извештај од збор до збор. Прочитај го внимателно.

Од извештајот гледаме дека Исус истакнал неколку аспекти на ‚повторното раѓање‘. Всушност, она што го рекол Исус ни помага да одговориме на пет важни прашања:

Колку е важно повторното раѓање?

Одлучува ли секој поединец дали ќе биде повторно роден?

Која е целта на повторното раѓање?

Како некој повторно се раѓа?

До какви промени во односите доаѓа како резултат на повторното раѓање?

Да ги разгледаме овие прашања едно по едно.

[Рамка/слика на страница 4]

„Мора да се родите повторно“

„Меѓу фарисеите имаше еден човек кој се викаше Никодим и беше еден од еврејските поглавари. Тој дојде ноќе кај него и му рече: ‚Учителе, знаеме дека ти си учител дојден од Бог, зашто никој не може да ги прави чудесните знаци што ги правиш ти ако не е со него Бог‘. Исус му рече: ‚Вистина, вистина, ти велам, ако некој не се роди повторно, не може да го види Божјето царство‘. А Никодим го праша: ‚Како може човек да се роди кога е стар? Зар може по вторпат да влезе во утробата на својата мајка и да се роди?‘ Исус одговори: ‚Вистина, вистина, ти велам, ако некој не се роди од вода и дух, не може да влезе во Божјето царство. Роденото од тело е тело‚ а роденото од дух е дух. Не чуди се што ти реков: „Мора да се родите повторно“. Ветрот дува каде што сака, и го слушаш неговиот шум, но не знаеш од каде доаѓа и каде оди. Таков е секој што е роден од духот‘. Тогаш Никодим го праша: ‚Како може да биде тоа?‘ Исус му одговори: ‚Ти си учител на Израел, и не го знаеш тоа? Вистина, вистина, ти велам, го зборуваме она што го знаеме, и сведочиме за она што сме го виделе, но вие не го примате нашето сведоштво. Ако не верувате кога ви зборувам за она што е земно, како ќе верувате ако ви зборувам за она што е небесно?‘“ (Јован 3:1-12).