Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Дали сте знаеле?

Дали Ерусалим некогаш бил опколен со зашилени колци, како што прорекол Исус?

Кога го прорекол уништувањето на Ерусалим, Исус го рекол следново за тој град: „Ќе дојдат денови кога твоите непријатели ќе подигнат околу тебе ограда од зашилени колци, и ќе те опколат, и ќе те притиснат од сите страни“ (Лука 19:43). Исусовите зборови се исполниле во 70 год. од н.е., кога Римјаните, под водство на Тит, подигнале околу градот ограда од колци, односно опсаден ѕид. Тит имал тројна цел — да ги спречи Евреите да побегнат од градот, да ги натера да се предадат и да ги изгладни за да му се покорат.

Според Јосиф Флавиј, историчар од 1 век, штом била донесена одлука да се изгради оваа ограда од колци, различните легии и помали единици на римската војска се натпреварувале кој прв ќе го заврши својот дел од опсадниот ѕид. Пределот во радиус од 15-тина километри околу градот бил соголен бидејќи сите дрвја биле пресечени за да се направи оградата, која била долга околу 7 километри и завршена за само 3 дена. Јосиф вели дека тогаш „Евреите немале повеќе никаква шанса да побегнат“. Бидејќи во градот владеел глад и се воделе ужасни борби меѓу различните вооружени фракции, некаде околу 5 месеци подоцна паднал во рацете на опсадувачите.

Дали цар Езекија навистина направил тунел со кој довел вода во Ерусалим?

Езекија бил цар на Јуда во втората половина на 8 век пр.н.е., кога доаѓало до судири со моќната Асирија. Библијата ни кажува дека тој направил многу за да го заштити Ерусалим и да му обезбеди вода. Еден негов потфат била изградбата на тунел, или водовод, долг 533 метри, за да доведе во градот вода од изворите (2. Царевите 20:20; 2. Летописи 32:1-7, 30).

Во 19 век бил откриен токму таков тунел. Станал познат како тунелот на Езекија, или Силоамскиот тунел. Во него бил пронајден натпис со кој се опишани завршните фази од копањето на тунелот. Врз основа на видот и обликот на буквите на овој натпис, повеќето изучувачи проценуваат дека потекнува од времето на Езекија. Меѓутоа, пред една деценија, некои тврдеа дека тунелот бил изграден околу 500 години подоцна. Во 2003 год., еден тим од израелски научници ги објавија резултатите од своите истражувања, кои ги спроведоа со цел да го утврдат точниот датум на изградба на тунелот. До каков заклучок дошле?

Д-р Ејмос Фрамкин, од Хебрејскиот универзитет во Ерусалим, вели: „Испитувањата со јаглерод-14, извршени врз органскиот материјал од малтерот на Силоамскиот тунел, како и датирањето со методата ураниум-ториум, извршено врз сталактитите во тунелот, јасно покажуваат дека е изграден во времето на Езекија“. Една статија во списанието Nature вели: „Сите три независни категории на докази — радиометриското датирање, палеографијата и историските записи — укажуваат на 700 год. пр.н.е., со што Силоамскиот тунел е досега најпрецизно датирана библиска градба од железната доба“.