Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Сликовити описи во Библијата — ги разбираш ли?

Сликовити описи во Библијата — ги разбираш ли?

Сликовити описи во Библијата — ги разбираш ли?

ЕДНА слика може да вреди илјада зборови, но понекогаш само еден до два збора можат да направат цела слика. Во Библијата изобилно се користат сликовити описи, односно изрази што создаваат слика во умот на читателот. * На пример, според една пресметка, Исус употребил повеќе од 50 сликовити описи само во еден говор што го одржал, имено во Проповедта на гората.

Зошто треба да те интересираат ваквите сликовити описи? Една работа е тоа што, ако ги разбереш, ќе ти биде поинтересно и попријатно читањето на Библијата, па така уште повеќе ќе се зголеми твоето ценење за Божјата реч. Освен тоа, ако исправно ги препознаеш сликовитите описи, подобро ќе ја разбереш и пораката што ја содржи Библијата. Всушност, ако не препознаеш некој сликовит опис, не само што може да се збуниш туку и ќе дојдеш до погрешни заклучоци.

Разбери ги сликовитите описи

Во сликовитите описи се споредува еден поим со друг. Поимот (предметот) што се споредува се нарекува тема, а поимот (предметот) со кој е спореден се нарекува слика. Допирната точка помеѓу тие два поими (предмети) се нарекува сличност. Значи, за да го сфатиш вистинското значење на некој сликовит опис, треба да го препознаеш и да го разбереш секој од овие три елементи.

Понекогаш може да биде релативно лесно да препознаеш некоја тема или слика. Но, можеби постојат неколку можности да се толкуваат допирните точки. Што ќе ти помогне точно да ја утврдиш сличноста? Честопати одговорот го дава контекстот, односно околниот текст. *

На пример, Исус му рекол на собранието во Сард: „Ако не се разбудиш, ќе дојдам како крадец“. Овде Исус го споредил своето доаѓање (темата) со доаѓањето на крадец (сликата). Но, која била сличноста? Контекстот ни помага да ја пронајдеме. Исус понатаму рекол: „Нема да знаеш во кој час ќе дојдам врз тебе“ (Откровение 3:3). Значи, споредбата не се сосредоточува на целта на неговото доаѓање. Тој не сакал да каже дека ќе дојде за да украде нешто. Наместо тоа, со споредбата сакал да истакне дека ќе дојде неочекувано и ненајавено.

Понекогаш, некој сликовит опис што се појавува во еден дел од Библијата може да ти помогне да разбереш некој сличен сликовит опис што е даден на друго место. На пример, апостол Павле го употребил истиот сликовит опис како Исус, велејќи: „И самите добро знаете дека Јеховиниот ден доаѓа токму како крадец во ноќта“ (1. Солуњаните 5:2). Контекстот на зборовите на Павле не кажува прецизно во што се состои сличноста. Меѓутоа, ако го споредиш овој сликовит опис со оној што го употребил Исус во Откровение 3:3, ќе ја разбереш сличноста. Колку впечатливо овој сликовит опис ги потсетува сите вистински христијани дека мора да останат духовно будни!

Сликовити описи што нѐ учат нешто за Бог

Ниеден човек не може да ги сфати сите фасети на личноста и моќта на Севишниот. Во минатото, цар Давид напишал дека Јеховиното „величие е неистражливо“ (Псалм 145:3). Откако размислил за некои од Божјите дела на создавање, Јов извикнал: „Ете, тоа се само делчиња од неговите дела, за него слушаме одвај слаб шепот! А кој може да го разбере неговиот моќен гром?“ (Јов 26:14).

Сепак, Библијата користи сликовити описи што ќе ти помогнат да ги сфатиш, макар во ограничена мерка, прекрасните особини на нашиот небесен Бог. Јехова е прикажан како Цар, Законодавец, Судија и Воин — некого што треба да го почитуваш. Исто така, прикажан е како Пастир, Советник, Учител, Татко, Исцелител и Спасител — личност што навистина можеш да ја сакаш (Псалм 16:7; 23:1; 32:8; 71:17; 89:26; 103:3; 106:21; Исаија 33:22; 42:13; Јован 6:45). Секој од овие едноставни описи создава во мислите голем број пријатни слики со неколку сличности. Ваквите сликовити описи ни кажуваат многу повеќе отколку што би можеле да ни кажат изобилство зборови.

Библијата го споредува Јехова и со неживи работи. Тој е опишан како „Карпата на Израел“, „спила“ и „тврдина“ (2. Самоилова 23:3; Псалм 18:2; 5. Мојсеева 32:4). Што ни кажуваат овие споредби? Исто како што една голема карпа е цврста и никој не може да ја мрдне така и Јехова Бог може да ти биде цврст Извор на сигурност.

Книгата Псалми е полна со сликовити описи што прикажуваат различни фасети на Јеховината личност. На пример, Псалм 84:11 зборува за Јехова како за „сонце и штит“ затоа што е Извор на светлина, живот, енергија и заштита. Од друга страна, пак, во Псалм 121:5 стои дека „Јехова ти е сенка од десната страна“. Исто како што некоја сенка може да те заштити од жешкото сонце така и Јехова може да ги заштити од жестоките неволји оние што му служат, прибирајќи ги под сенката на својата „рака“ или на своите „крилја“ (Исаија 51:16; Псалм 17:8; 36:7).

Сликовити описи за Исус

Библијата постојано се осврнува на Исус како на „Божјиот Син“ (Јован 1:34; 3:16-18). На некои нехристијани им е тешко да го разберат тоа, бидејќи Бог нема жена во буквална смисла на зборот и не е човек. Очигледно Бог нема син во истата смисла како што има човекот. Значи, овој израз е сликовит опис. Наменет е да му помогне на читателот да разбере дека односот на Исус со Бог е ист како односот на еден син со својот татко. Овој сликовит опис исто така истакнува дека Исус го добил својот живот од Јехова, бидејќи Јехова го создал. И првиот човек, Адам, е наречен „син на Бог“ (Лука 3:38).

Исус употребил сликовити описи за да ги прикаже различните улоги што ги има во извршувањето на Божјата намера. На пример, тој рекол: „Јас сум вистинската лоза, а мојот Татко е лозарот“. Потоа ги споредил своите ученици со лозови прачки (Јован 15:1, 4). Кои важни работи ги учиме од овој сликовит опис? За да останат живи и да даваат род, гранките на една дословна лоза мора да останат на стеблото. На сличен начин Христовите ученици мора да останат во единство со него. „Одвоени од мене не можете да направите ништо“, рекол Исус (Јован 15:5). И, исто како што еден лозар очекува лозјето да даде плод, и Јехова очекува оние што се во единство со Христос да даваат духовен плод (Јован 15:8).

Пронајди ја сличноста

Можеби ќе добиеме погрешен впечаток ако прочитаме некој сликовит опис без да ја пронајдеме сличноста. Да ги земеме за пример зборовите од Римјаните 12:20: „Ако твојот непријател е гладен, нахрани го, ако е жеден, напој го, зашто, правејќи така, му натрупуваш жив жар врз главата“. Дали тоа што треба да натрупаш жив жар врз нечија глава значи дека треба да му се одмаздиш? Не, ако исправно ја разбереме сличноста. Овој сликовит опис произлегува од еден древен процес на топење руда. Таа се вжештувала врз разгорен јаглен, а парчиња јаглен се ставале и врз рудата. На овој начин рудата се топела, и притоа чистиот метал се одвојувал од примесите. Нешто слично се случува ако покажуваме добрина — со тоа можеме да омекнеме нечиј став, и на површина да излезат добрите особини.

Исправното разбирање на сликовитите описи не само што ни ги проширува знаењата туку и нѐ допира до срце. Сфаќаме колку е тежок гревот кога е спореден со долг (Лука 11:4). Но, колкаво олеснување чувствуваме кога Јехова ќе ни прости и ќе ни го поништи долгот што инаку би се барал од нас! Кога ни е речено дека тој ги ‚покрива‘ и ги ‚брише‘ нашите гревови, уверени сме дека нема да се навраќа повеќе на тие гревови во иднина, како да свртел нов лист (Псалм 32:1, 2; Дела 3:19). И колку е утешно кога ќе помислиме дека Јехова може да ги направи бели како снег гревовите што се впечатливи како црвено платно или пурпур! (Исаија 1:18).

Ова се само неколку од стотиците сликовити описи што се запишани во Божјата реч, Библијата. Затоа, додека ја читаш, обрнувај внимание на нив. Одвој си време да ги пронајдеш сличностите и размислувај за нив. Така ќе го зголемиш своето разбирање и ценење за Библијата.

[Фусноти]

^ пас. 2 Во оваа статија, изразот „сликовит опис“ се однесува општо на сите стилски фигури — метафори, споредби (компарации) или други литературни изразни средства во кои се користат изрази со преносно значење.

^ пас. 6 Библиската енциклопедија во два тома, Увид во Светото писмо, издадена од Јеховините сведоци (на англиски јазик), содржи обемни дополнителни информации, кои во многу случаи помагаат да се објасни некоја сличност.

[Рамка на страница 13]

Како ни помагаат сликовитите описи

Сликовитите описи ни помагаат на неколку начини. Некоја тешка мисла може полесно да се разбере ако се објасни со споредба. Може да се употребат неколку сликовити описи за да се разјаснат неколку аспекти на една тема. Со помош на сликовити описи може да се истакнат или, пак, да се изнесат на поинтересен начин некои важни поими.

[Рамка на страница 14]

Пронајди ги различните елементи

СЛИКОВИТ ОПИС: „Вие сте солта на земјата“ (Матеј 5:13)

ТЕМА: вие (Исусовите ученици)

СЛИКА: сол

СЛИЧНОСТ ВО ОВОЈ КОНТЕКСТ: способноста да се зачува нешто

ПОУКА: учениците пренесувале порака што можела да им го зачува животот на многу луѓе

[Истакната мисла на страница 15]

„Јехова е мојот Пастир. Ништо нема да ми недостасува“ (ПСАЛМ 23:1)