Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Добрата религија учи на љубов кон другите

Добрата религија учи на љубов кон другите

„КОЈ не љуби, не Го познава Бога, зашто Бог е љубов“, пишува во Библијата (1. Јованово 4:8, ДХК). Значи, добрата религија треба да учи на љубов кон другите.

Многу религии заслужуваат пофалба затоа што се грижат за болните, остарените и сиромашните. Тие ги охрабруваат своите верници да го применат советот што го дал апостол Јован: „Кој има световни блага, па кога ќе го види брата си во немаштина, та го затвори срцето свое од него — како тогаш ќе пребива во таков Божјата љубов? Чеда мои, да не се сакаме со зборови или со јазик, туку со дела и вистина!“ (1. Јованово 3:17, 18, Превод на МПЦ).

Но, што се случува кога ќе избие војна меѓу некои држави? Дали Божјата заповед „љуби го твојот ближен како себеси“ треба да важи само кога има мир, а да не важи кога еден политичар или цар ќе реши да се бори против некоја соседна држава? (Матеј 22:39, ДХК).

Исус рекол: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (Јован 13:35, Превод на МПЦ). Додека ги разгледуваш следниве прашања, запрашај се: ‚Дали верниците од оваа религија покажуваат љубов кон секого и во секое време, и тоа не само со зборови туку и со дела?‘

ТЕМА: Војна.

ШТО УЧИ БИБЛИЈАТА: Исус им заповедал на своите ученици: „Љубете ги непријателите свои... правете им добро на оние што ве мразат“ (Матеј 5:44, Превод на МПЦ).

Кога војниците дошле да го уапсат Исус, апостол Петар извадил оружје за да го одбрани. Меѓутоа, Исус му рекол: „Врати го мечот на своето место, зашто сите што се фаќаат за меч — од меч ќе загинат“ (Матеј 26:52Стандарден превод).

Апостол Јован напишал: „По ова се познаваат Божјите деца и ѓаволските деца: секој, кој не врши правда и не го љуби својот брат, не е од Бога. Зашто ова е веста што ја чувте од почетокот: да се љубиме еден со друг! Не како што Каин беше од лукавиот и го уби брата си“ (1. Јованово 3:10-12, ДХК).

ПРАШАЊЕ: Дали оваа религија ги поттикнува своите верници да одат во војна?

ТЕМА: Политика.

ШТО УЧИ БИБЛИЈАТА: Откако со свои очи виделе дека Исус може да прави чуда, некои сакале тој да биде вклучен во тамошната политика. Како реагирал Исус? „Штом разбра дека сакаат да дојдат и да Го фатат за да Го направат цар, се оддалечи Сам во гората“ (Јован 6:15, Превод на МПЦ).

Кога бил уапсен и лажно обвинет дека подбуцнува политички немири, Исус рекол: „Моето царство не е од овој свет; ако беше царството Мое од овој свет, тогаш Моите слуги би Ме бранеле, за да не им бидам предаден на Јудејците; но царството Мое сега не е овде“ (Јован 18:36, Превод на МПЦ).

Кога го молел Бог во врска со своите ученици, Исус рекол: „Јас им го предадов Твоето Слово и светот ги замрази, зашто не се од светот, како што и Јас не Сум од светот“ (Јован 17:14, ДХК).

ПРАШАЊЕ: Дали оваа религија го следи Исусовиот пример и не се меша во политиката, дури и ако тоа значи дека нејзините членови ќе бидат мразени од извесни политичари?

ТЕМА: Предрасуди.

ШТО УЧИ БИБЛИЈАТА: Кога првите необрежани не-Евреи станале христијани, апостол Петар рекол: „Бог навистина не е пристрасен кон никого, туку го прифаќа секој што има страхопочит спрема Него и праведно постапува, без разлика на кој народ му припаѓа“ (Дела 10:34, 35, Радосна Вест).

Еве што им напишал Јаков на христијаните во првиот век: „Браќа мои, имајте вера во нашиот славен Господ Исус Христос и не бидете пристрасни! Зашто ако на вашиот собир дојде човек со златен прстен и со убава облека, а влезе и сиромав во валкана облека, и му укажете посебно внимание на оној во убавата облека, и му речете: ‚Ти седни тука на убаво место!‘ а на сиромавиот му речете: ‚Ти стој таму!‘ или ‚Седни долу до моите нозе‘, не правите ли разлики меѓу себе и така станувате судии со зли мисли?“ (Јаков 2:1-4Стандарден превод).

ПРАШАЊЕ: Дали оваа религија учи дека сите луѓе се еднакви во Божји очи и дека нејзините членови не треба да ги делат луѓето според расата или финансиската состојба?

Која религија ги учи своите членови да ги надминат политичките, расните и економските бариери што ги делат луѓето?