Кога некој ќе те навреди
Кога некој ќе те навреди
ЛУЃЕТО често велат дека одмаздата е слатка. Тоа е така затоа што е сосема нормално да се налутиме кога некој ќе нѐ навреди или ќе ни наштети. Нашето внатрешно чувство за исправно и погрешно бара да се исправи неправдата. Но, прашањето е: како?
Се разбира, има различни степени на навреда, во зависност од тоа дали некој те удрил, те турнал, те омаловажил или, пак, те нападнал со зборови, физички, те ограбил итн. Како се чувствуваш кога некој ќе те навреди на некаков начин? Изгледа дека многу луѓе денес реагираат слично и велат: ‚Ќе ми плати за тоа!‘
Во САД, голем број средношколци поднеле тужби во кои навеле лажни обвиненија за навреда за да им се одмаздат на наставниците што некако ги казниле. Бренда Мичел, претседател на Здружението на наставници во Њу Орлеанс, вели: „Штом некој поднесе тужба против наставник, угледот на наставникот се руши“. Дури и откако ќе се утврди дека обвиненијата биле лажни, може да останат трајни последици.
На работното место, сѐ поголем број незадоволни или отпуштени вработени сакаат да му се одмаздат на својот работодавач со тоа што ја оштетуваат компјутерската мрежа на фирмата или бришат важни податоци од неа. Некои, пак, ги крадат тајните на фирмата и ги продаваат или им ги откриваат на други. Освен што крадат електронски фајлови, „главен начин на одмазда на вработените и понатаму се вообичаените кражби“, се известува во The New York Times. За да се заштитат од одмазда, многу компании имаат човек што го придружува отпуштениот работник до неговото работно место, го чека да си ги собере работите и го придружува сѐ додека не излезе од објектот.
Но, најчесто им се одмаздуваме на оние што ни се најблиски — пријателите и роднините. Повредените чувства поради некој нељубезен збор или непромислена постапка честопати раѓаат мисли за одмазда. Ако пријателот ти се обрати остро, дали веднаш му враќаш со некој навредлив збор? Ако некој од семејството те изнервира, дали бараш начин да му вратиш мило за драго? Колку е лесно да постапиме така кога ќе нѐ навреди некој близок!
Бесмислено е да се одмаздуваш
Честопати, оние што сакаат да се одмаздат, го прават тоа за да си ја ублажат болката што им ја предизвикала навредата. На пример, Библијата ни кажува дека, кога синовите на Евреинот Јаков дознале дека Хананеецот Сихем ја силувал нивната сестра Дина, ‚тоа ги погодило и многу ги разлутило‘ (1. Мојсеева 34:1-7). За да се одмаздат за злото што ѝ било нанесено на нивната сестра, двајца синови на Јаков испланирале да им вратат со лошо на Сихем и неговиот дом. Со помош на измама, Симеон и Леви влегле во ханаанскиот град и ги убиле сите машки жители, вклучувајќи го и Сихем (1. Мојсеева 34:13-27).
Дали по тоа крвопролевање работата се средила? Кога чул што направиле неговите синови, Јаков ги прекорил со зборовите: „Ме озлогласивте и поради вас ме замразија жителите на оваа земја... Тие сигурно ќе се соберат против мене и ќе ме нападнат, бидејќи јас имам малку луѓе, па ќе ме погубат и мене и мојот дом“ (1. Мојсеева 34:30). Значи, наместо да ги среди работите, нивната одмазда го постигнала токму спротивното — семејството на Јаков сега требало да внимава да не ги нападнат гневните соседи. Веројатно за да спречи такво нешто, Бог му рекол на Јаков да го земе семејството и да се пресели оттаму во Ветил (1. Мојсеева 35:1, 5).
Од настаните поврзани со силувањето на Дина учиме една важна работа. Одмаздата честопати води до друга одмазда, и овој круг нема крај. Според тоа, сосема е точна германската поговорка: „Одмаздата не останува неодмаздена долго време“.
Болка врз болка
Ќе си наштетиме ако ги насочиме сите мисли и сила на тоа да казниме некого што ни згрешил. Во една книга за простувањето стои: „Бесот може потполно да завладее со тебе. Размислувањето за она што ти се случило може да ти ги одземе времето и силата додека во себе ги проколнуваш оние што те повредиле и смислуваш начини да им вратиш со иста мерка“ (Forgiveness—How to Make Peace With Your Past and Get On With Your Life [Простување — како да се помириш со минатото и да продолжиш со животот]). Изреки 14:30).
Библијата живописно вели дека, „љубомората е гнилеж за коските“ (Зар некој може да биде радосен ако во него тлеат омраза и други негативни чувства? Еден коментатор забележал: „Ако мислиш дека ‚одмаздата е слатка‘, погледни ги лицата на оние што со години живееле за да се одмаздат“.
Размисли што се случува во многу делови од светот каде што постои голема етничка и верска напнатост. Честопати едно убиство води до друго и ова само го шири бескрајниот круг на омраза и губење животи. На пример, кога при некој терористички напад една бомба убила 18 млади луѓе, една расплакана жена извикала: „Треба да им вратиме илјада пати повеќе!“ На тој начин свирепоста само се зголемува, и сѐ повеќе луѓе се вовлекуваат во судирот.
„Око за око“
Некои посочуваат на Библијата за да ја оправдаат својата желба за одмазда. Тие велат: „Зар Библијата не вели ‚око за око, заб за заб‘?“ (3. Мојсеева 24:20). На прв поглед, може да изгледа дека законот „око за око“ поттикнува на одмазда. Но, тој, всушност, служел за да се спречат или ограничат безумните чинови на одмазда. Во која смисла?
Ако некој Израелец нападнел друг Израелец и му го извадел окото, Законот пропишувал праведна казна. Меѓутоа, казната врз напаѓачот не требало да ја изврши жртвата или некој од членовите на неговото семејство. Законот барал да ја изнесе работата пред оние што биле надлежни — поставените судии — за да се реши како што треба. Секој знаел дека оној што намерно ќе му згрешел или ќе го нападнел другиот ќе бил казнет на ист начин, и тоа го спречувало да постапи лошо. Но, ова не било сѐ.
Пред да го даде тој закон за одмазда, Јехова Бог му рекол на Мојсеј да им ги пренесе следниве зборови на Израелците: „Не мрази го својот брат во своето срце... Не одмаздувај се и не држи лутина“ (3. Мојсеева 19:17, 18). Значи, прописот „око за око, заб за заб“ треба да се гледа во склоп на целиот сојуз на Законот, кој, според Исус, се темели само на две заповеди: „Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум“ и „Сакај го својот ближен како себеси“ (Матеј 22:37-40). Според тоа, како треба да реагираат вистинските христијани кога трпат неправда?
Твори мир
Библијата го опишува Јехова како „Богот на мирот“ и ги поттикнува оние што му служат ‚да бараат мир и да одат по него‘ (Евреите 13:20; 1. Петрово 3:11). Дали е навистина добро да се прави така?
Додека ја извршувал својата служба на Земјата, Исус бил плукан, камшикуван и прогонуван од своите непријатели, издаден од близок пријател, па дури и напуштен од своите следбеници (Матеј 26:48-50; 27:27-31). Како реагирал? „Кога го навредуваа, не враќаше со навреди“, напишал апостол Петар. „Кога страдаше, не се закануваше, туку му се препушти на оној што праведно суди“ (1. Петрово 2:23).
Петар објаснил: „Христос страдаше за вас и ви даде пример во сѐ да одите по неговите стапки“ (1. Петрово 2:21). Значи, христијаните се охрабрени да го прават она што го правел Исус, дури и кога доживувал неправди. Во врска со ова, кога ја држел Проповедта на гората, и самиот Исус рекол: „Сакајте ги своите непријатели и молете се за оние што ве прогонуваат, за да бидете синови на својот Татко кој е на небесата“ (Матеј 5:44, 45).
Како реагираат на некоја вистинска или замислена неправда оние што имаат љубов како Христовата? Во Изреки 19:11 пишува: „Разбирањето го спречува човекот да се гневи, и чест му е да премине преку престапот“. Исто така, сериозно ја сфаќаат следнава опомена: „Не дозволувај да те надвладее злото, туку надвладеј го злото со добро!“ (Римјаните 12:21). Колку е ова спротивно на одмаздољубивоста која е толку раширена во денешниов свет! Вистинската христијанска љубов може да ни помогне да ја совладаме желбата да се одмаздуваме, и така ‚да преминеме преку престапот‘ затоа што љубовта „не го памти злото“ (1. Коринќаните 13:5).
Дали ова значи дека, ако сме жртва на некое злодело или, пак, некој ни се заканува на кој и да е начин, треба без збор да го прифатиме тоа? Во никој случај! Кога Павле рекол: „Надвладеј го злото со добро“, не мислел дека христијанинот треба да гори од желба да биде маченик. Напротив, кога сме нападнати, сигурно имаме право да се браниме. Ако си загрозен ти или твојот имот, може да повикаш полиција. Ако нешто такво се случува на работното место или на училиште, има овластени лица на кои можеме да им се обратиме (Римјаните 13:3, 4).
Сепак, добро е да имаме на ум дека во овој свет тешко може да се најде вистинска правда. Всушност, мнозина ја барале цел живот и само се исполниле со горчина и гнев кога нивните очекувања не се оствариле.
Сатана ужива да гледа како одмаздата и омразата ги разединуваат луѓето (1. Јованово 3:7, 8). Но, многу подобро е да мислиш на следниве зборови од Библијата: „Не одмаздувајте се, сакани, туку дајте му место на Божјиот гнев, зашто е напишано: ‚Одмаздата е моја, јас ќе вратам, вели Јехова‘“ (Римјаните 12:19). Со тоа што ќе ги оставиме работите во Јеховини раце, ќе се поштедиме од голема болка, гнев и насилство (Изреки 3:3-6).
[Истакната мисла на страница 22]
„Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум“ и „Сакај го својот ближен како себеси“
[Слики на страница 23]
Љубовта „не го памти злото“ (1. Коринќаните 13:5)