Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Сем ја видел злобата на два света

Сем ја видел злобата на два света

Поучете ги своите деца

Сем ја видел злобата на два света

СЕМ, синот на Ное, го преживеал крајот на еден свет и продолжил да живее во еден друг свет. Знаеш ли зошто бил уништен првиот свет во кој живеел Сем, и како успеале да преживеат тој и другите од неговото семејство?— * Да видиме.

Библијата ни кажува дека, кога Сем бил млад, „лошотијата на човекот“ била многу голема. Мислите на луѓето биле „секогаш насочени само кон зло“. Знаеш ли што направил Бог?— Донел потоп со кој го уништил тој злобен свет. Апостол Петар напишал: „Тогашниот свет беше уништен кога беше потопен со вода“ (1. Мојсеева 6:5; 2. Петрово 3:6).

Сфаќаш ли зошто Бог го уништил тој свет?— Луѓето биле лоши и мислеле само на лоши работи. Исус го спомнал тоа. Тој рекол дека, „пред потопот“, луѓето уживале, ‚јаделе и пиеле, се женеле и се мажеле‘. А потоа додал: „Не обрнуваа внимание додека не дојде потопот и ги однесе сите“ (Матеј 24:37-39).

На што не обрнале внимание тие луѓе?— Татко му на Сем, Ное, бил ‚проповедник на праведноста‘, но луѓето не сакале да слушаат што им зборува тој. Ное го послушал Бог и направил една арка, односно пловен објект, во кој требало да влезат тој и неговото семејство за да го преживеат потопот. Само Ное, неговата жена, нивните синови — Сем, Хам и Јафет — и жените на нивните синови, обрнале внимание на она што Бог го побарал од нив. Другите луѓе го правеле она што тие сакале да го прават, и затоа биле уништени во потопот (2. Петрово 2:5; 1. Петрово 3:20).

Околу една година откако дошол потопот, Сем и неговото семејство излегле од арката и стапнале на суво. Сите лоши луѓе изумреле, но тоа наскоро се променило. Ханаан, синот на Семовиот брат Хам, направил нешто толку лошо што Ное рекол: „Проклет да е Ханаан“. Лош човек бил и Нимрод, кој му бил внук на Хам. Нимрод му се противел на вистинскиот Бог, Јехова, и им рекол на луѓето да изградат една висока кула наречена Вавел за да си стекнат славно име. Што мислиш, како се чувствувале тогаш Сем и татко му? (1. Мојсеева 9:25; 10:6-10; 11:4, 5).

Биле тажни, а и Јехова бил тажен. Знаеш ли што направил Јехова?— Им го збркал јазикот на луѓето за да не можат да се разберат. Така морале да престанат да градат и се разотишле на разни места заедно со оние што го зборувале истиот јазик (1. Мојсеева 11:6-9). Но, Бог не го сменил јазикот што го зборувале Сем и неговото семејство. Така, тие останале да живеат заедно и да си помагаат за да му служат на Бог. Си се прашал ли некогаш колку време Сем му служел на Јехова?—

Сем живеел 600 години — цели 98 години пред потопот и 502 години потоа. Сигурно му помагал на Ное да ја изгради арката и да ги предупредува луѓето дека ќе дојде потоп. Но, што мислиш, што правел Сем во тие 500 години што ги живеел по потопот?— Ное го нарекол Јехова „Богот на Сем“. Сем сигурно продолжил да му служи на Јехова и да му помага на своето семејство да го прави истото. Подоцна, во семејната лоза на Сем се родиле Авраам, Сара и Исак (1. Мојсеева 9:26; 11:10-31; 21:1-3).

Сега, размисли за денешниот свет, кој е уште полош од светот во времето на Сем. Што ќе се случи со овој свет?— Библијата вели дека тој ‚ќе помине‘. Но, забележи какво ветување е запишано во неа: „Оној што ја врши Божјата волја, останува засекогаш“. Значи, ако ја вршиме Божјата волја, може да бидеме меѓу оние што ќе го дочекаат Божјиот нов свет. Тогаш, со Божја помош, ќе можеме да живееме вечно и среќно на Земјата! (1. Јованово 2:17; Псалм 37:29; Исаија 65:17).

[Фуснота]

^ пас. 3 Ако читаш со деца, долгата црта значи дека треба да запреш и да ги пуштиш децата да одговорат на прашањето.

Прашања:

○ Во каков свет најнапред живеел Сем, и од кои две причини Бог го уништил тој свет?

○ Колку долго живеел Сем, и каков човек бил?

○ Што ќе се случи наскоро со овој свет?

○ Што мора да правиме за да го преживееме крајот на овој свет?