Божјето име, Јехова, во еден египетски храм
Божјето име, Јехова, во еден египетски храм
ОД КОГА датираат најстарите извори, освен Библијата, во кои се појавува Божјето име Јехова, или Јахве? Некои изучувачи со увереност го даваат одговорот: Уште од 14 век пр.н.е. Зошто можат да го кажат тоа?
Некаде до 1370 год. пр.н.е., Египќаните освоиле многу земји. Египетскиот владетел од тоа време, фараонот Аменхотеп (Аменофис) III, изградил еден величествен храм во местото Солеб, во Нубија, денешен Судан. Кога археолозите го пронашле тој храм, откриле египетски хиероглифи кои, по сѐ изгледа, го содржат хебрејскиот тетраграм — ЈХВХ, или Јехова. Таа гравура е 500 години постара од прочуениот Моавски камен — кој претходно беше најстариот познат документ во кој се појавува Божјето име. Зошто името на Богот за кој зборува Библијата е изгравирано во еден египетски храм?
„Шасу, земјата на Јаху“
Фараонот Аменхотеп III изградил храм што му го посветил на богот Амон-Ра. Храмот бил долг околу 120 метри и се наоѓал на западниот брег на реката Нил. Хиероглифите со кои била украсена основата на столбовите во една од неговите простории ги означуваат имињата на териториите што Аменхотеп тврдел дека ги потчинил. Секоја територија е претставена со еден затвореник кому рацете му се врзани зад грбот, а во нив носи штит на кој е испишано името на неговата земја или народ. Во тие хиероглифи се појавуваат и земјите на некои од таканаречените Шасу, или Шосу народи. Кои биле тие народи?
Шасу бил општ назив што Египќаните им го дале на бедуините, презрени племиња што живееле надвор од источната граница на Египет. Земјите на Шасу ја опфаќале јужна Палестина, јужен Јордан и пустината Синај. Некои истражувачи велат дека земјите за кои е речено дека им припаѓале на Шасу народите се протегале на север дури
до Либан и Сирија. На списокот на потчинети земји што бил пронајден во Солеб се наоѓа и една земја чиешто име може да се прочита на различни начини, имено како „Јахве во земјата Шосу“, „Шасу, земјата на Јаху“ или „Земјата на Шасу-јхв“. Египтологот Жан Леклан вели дека името кое, по сѐ изгледа, е запишано на штитот во Солеб „одговара на ‚тетраграмот‘ на богот на Библијата, ЈХВХ“.Повеќето изучувачи сметаат дека името Јаху, или Јахве, во овој и во слични контексти мора да се однесува на некое место или област. Изучувачот Шмул Ахитуф вели дека тој натпис ја означува „областа низ која патувало племето од обожаватели на Јаху, Богот на Израел“. a Ако е точен неговиот заклучок, ова би било само еден од неколкуте древни семитски примери каде што името на едно место го означува и локалитетот и богот што се обожавал таму. Друг пример е името Асур, со кое е означена и земјата Асирија и нејзиното главно божество.
Во врска со натписот во храмот во Нубија, библискиот изучувач и археолог Ролан де Во вели: „Во еден предел со кој предците на Израел имале толку многу врски, уште во средината на вториот милениум пр.н.е. постоело име на некое место или на народ што било многу слично, па дури и исто со името на Богот на Израелците“.
Име што сѐ уште се почитува
Солеб не е единственото место во Нубија каде што името Јахве се појавува во текст испишан со египетски хиероглифи. Изгледа дека некои преписи на списокот од Солеб се наоѓаат и во храмовите на Рамзес II во западна Амара и во Акаша. Во списокот од Амара, хиероглифите со кои е напишано „Јахве во земјата Шосу“ се многу слични на хиероглифите пронајдени на други Шосу територии, а се смета дека тоа се Сеир и Лаван. Библијата ги поврзува тие места со јужна Палестина, Едом и Синај (1. Мојсеева 36:8; 5. Мојсеева 1:1). Во тие предели се движеле луѓе што го познавале и го обожавале Јехова уште пред да дојдат Израелците во Египет, но и откако си заминале оттаму (1. Мојсеева 36:17, 18; 4. Мојсеева 13:26).
За разлика од имињата на други богови што се појавуваат во древни натписи, името на Богот за кој зборува Библијата, Јехова, сѐ уште многу се користи и се почитува. На пример, во преку 230 земји, повеќе од 7 милиони Јеховини сведоци им помагаат на другите луѓе не само да го дознаат тоа име туку и да се зближат со Богот кој го носи тоа единствено име, Јехова (Псалм 83:18; Јаков 4:8).
[Фуснота]
a Некои изучувачи не веруваат дека тоа хиероглифско писмо покажува дека Шасу народите „биле следбеници на богот Јахве“. Тие сметаат дека сличноста помеѓу досега непознатото име на оваа земја и името на Богот на Израелците е случајна, иако им е многу чудно што воопшто постои некаква сличност.
[Истакната мисла на страница 21]
Зошто името Јехова, Богот за кој зборува Библијата, е изгравирано во еден египетски пагански храм?
[Карта на страница 21]
(Види во публикацијата)
ЕГИПЕТ
Храмот во Солеб
СУДАН
Нил
[Слики на страница 21]
Реплика од столб во храмот
[Слика на страница 22]
Урнатините од храмот на Амон-Ра во Солеб (Судан)
[Извор на слика]
Ed Scott/Pixtal/age fotostock
[Извор на слика на страница 21]
Заднина: Asian and Middle Eastern Division/The New York Public Library/Astor, Lenox and Tilden Foundations