Дали сте знаеле?
Дали сте знаеле?
Дали мравките навистина приготвуваат храна во лето и собираат резерви во времето на жетва?
▪ Во Изреки 6:6-8 пишува: „Оди кај мравката, мрзливецу, набљудувај ги нејзините патишта и стани мудар. Иако нема ни заповедник, ни управител, ни господар, таа си приготвува храна лете, собира резерви од храна во времето на жетва“.
Неколку вида мравки навистина складираат храна. Мравките што ги спомнал Соломон најверојатно се мравките-жетварки (Messor semirufus) — најзастапен вид мравки во Израел денес.
Според една публикација, „кога времето е убаво, мравките-жетварки излегуваат од своите мравјалници за да бараат храна... [и] збираат семиња во потоплите месеци од годината“. Тие може да собираат семиња од растенијата или, пак, од почвата. Овие инсекти прават подземни мравјалници во близина на полињата, амбарите или гумната, каде што може да се најде жито.
Во самиот мравјалник, мравките ги чуваат резервите во редица ниски простории поврзани со мрежа од ходници. Нивните „амбари“ може да имаат дијаметар од 12 сантиметри и височина од 1 сантиметар. Затоа, се вели дека добро снабдените колонии на мравките-жетварки можат да преживеат „подолго од 4 месеци без да носат храна и вода однадвор“.
Која била улогата на царскиот пехарник?
▪ Неемија му бил пехарник на персискиот цар Артаксеркс (Неемија 1:11). Во старо време, на царските дворови на земјите од Блискиот Исток, пехарникот не бил обичен слуга. Напротив, тој бил висок службеник. Класичната литература и многубројните древни уметнички прикази на пехарници ни помагаат да дознаеме многу работи во врска со улогата што ја имал Неемија на персискиот двор.
За да не биде отруен царот, пехарникот требало да се напие од виното пред да му го послужи. Според тоа, пехарникот ја уживал целосната доверба на царот. „Големата потреба од доверливи дворјани се гледа од сплетките што биле вообичаени на Ахеменидскиот [Персискиот] двор“, вели историчарот Едвин М. Јамаучи. Пехарникот најверојатно му бил омилен службеник на царот и имал значително влијание врз него. Можеби затоа што секојдневно бил толку близу до владетелот, можел да одлучува кој ќе излезе пред него.
Веројатно поради ваквата положба, на Неемија му било одобрено да се врати во Ерусалим за да ги обнови градските ѕидини. Сигурно царот многу го ценел Неемија. Во еден речник се објаснува: „Единствениот одговор на царот бил: ‚Кога ќе се вратиш?‘“ (Неемија 2:1-6; The Anchor Bible Dictionary).
[Графикон/слика на страница 9]
Релјеф од персиската палата во Персеполис
[Графикон]
(Види во публикацијата)
Пехарник
Престолонаследникот Ксеркс
Дариј Велики
[Извор на слика]
© The Bridgeman Art Library International